Писателот, поткажувачот и уредникот

23.09.2014 08:50
Писателот, поткажувачот и уредникот

Што прави, што прави... Писателот?
Писателот раскажува.

Што прави, што прави... Поткажувачот?
Поткажувачот прераскажува, т.е. го поткажува писателот кај шефот на ДБ.

Што прави, што прави... Шефот на ДБ?
На политичарите им прекажува и претскажува.

Што прави, што прави... Писателот?
Писателот е загрижен и закажува средба со својот уредник.

Што прави, што прави... Уредникот?
Теориски, уредникот на писателот му укажува на слабостите.

Што прави, што прави... Писателот?
Писателот некогаш ги уважува забелешките, а некогаш ги омаловажува.

Што прави, што прави... Поткажувачот?
Поткажувачот го накажува писателот; го прикажува како непријател на државата.

Што прави, што прави... Писателот?
Му кажува на уредникот дека некој го поткажува.

Што прави, што прави... Уредникот?
Уредникот прашува: што го докажува тоа?

Што прави, што прави... Писателот?
Писателот му кажува на уредникот: некој ме прелажува и накажува; знам дека тоа тешко се докажува.

Што прави, што прави... Уредникот?
Уредникот се натажува но сепак го окуражува писателот: ако е така, не треба човек да се залажува и заблажува; и да не се откажува од борба.

Што прави, што прави...Писателот?
Вели: накажан - унаказен!

Што прави, што прави... Поткажувачот?
Поткажувачот го залажува и навлажнува шефот на ДБ; побудува негова реакција.

Што прави, што прави... Шефот на ДБ?
Шефот на ДБ толку се возбудува и расрдува што се распрдува!

Што прави, што прави... Поткажувачот?
Дополнително огрдува и осмрдува.

Што прави, што прави... Шефот на ДБ?
Накусо, шефот на ДБ принудува, изнудува, расудува (слабо), пресудува и сите ги набљудува.

Што прави, што прави... Писателот?
Писателот полудува.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото