Dark tourism

25.09.2014 11:53
Dark tourism

Режимот тврди: СК014 е туристичка атракција. Би се согласил. Но, СК014 е специфична туристичка атракција која би можела да биде посебна гранка во нешто што последниве години се нарекува „црн туризам“ (dark tourism).

Црниот туризам, значи, има свои специфични подгрупации: grief tourism (туристите посетуваат концентрациони логори, познати затвори, историски гробишта, места каде што се случувале големи битки, но и малото место Сохам во Англија каде што се убиени две десетгодишни девојчиња); disaster tourism (посета на места на големи природни катастрофи - опустошениот Њу Орлеанс по „Катарина“, Тајланд по цунамито итн.); poverty tourism (посета на екстремно сиромашни места - Совето во Јужна Африка, фавелите во Рио де Женеиро итн.); doomsday tourism (посета на места за кои се претпоставува дека набрзо ќе исчезнат, како Галапагос, Гренланд итн.).

Во „црн туризам“ некои ги сместуваат и „комунистичките забавни паркови“. Некаков прототип на комунистички забавен парк може да се види во филмот на унгарскиот режисер Петер Бачо, Сведок (Peter Bacso, A tanu, 1969). Поради сцената во тунелот на стравот и ужасот (од темнината скокаат главите на Маркс, Ленин и Сталин и предизвикуваат општо врескање на посетителите) филмот едно време беше запечатен во бункер.

Денес тематски комунистички паркови никнаа во некои источноевропски земји. „Грутас паркот“, на пример, е сместен во шума крај истоименото село во Литванија. Во тој парк се префрлени соцреалистичките споменици од времето на комунизмот.

СК014 сепак ги шие дури и најморбидните пејзажи бидејќи нам, на жителите на етно паркот „Грујоленд“, сеуште никој не ни соопштил, црно на бело, дека заправо живееме во менталните огради на еден пореметен пастир. Работава кај нас до тој степен е забегана што при политичките анализи човек мора да се повикува на Фројд, за во сеопштово лудило воопшто нешто да може да се разбере.

Значи, гледајќи до кој степен груевизмот манипулира со сликите на стварноста, човек помислува на разликата меѓу детето и адолесцентот, која ја опишал Фројд. Според него, детето не го меша светот на своите игри со стварноста, за разлика од адолесцентот, кој верува во своите претстави. Следејќи ја аналогијата, на таа скала на регресија би можеле да го придодадеме груевистот, детето-адолесцент (спасителот-монструм, свирачот од Хамелн) кој ем верува во своите игри како во стварност, ем манипулира со перцепциите на другите.

Во „Гаргантуа и Пантагруел“, славниот роман на Франсоа Рабле, се опишуваат доживеалиците на писателот Алкофрибас во устата на џинот Пантагруел. Паѓајќи во зјапнатата уста на џинот, Алкофрибас таму затекнува цел еден таинствен свет; пространи ливади, шуми, утврдени градови. Во устата тој открил повеќе од 25 кнежевства! А жителите кои живеат во устата на Пантагруел убедени се дека нивниот свет е постар од земјата! Алкофрибас во устата на џинот проживеал шест месеци, хранејќи се со она што минувало низ устата на Пантагруел, а нуждата ја вршел директно во неговото грло.

Ова е добра метафора и за сегашнава „орална“ заточеност на жителите на етно паркот „Македонија“. Живееме во „свет постар од земјата“, во светот на 25-те кнежевства - во газот. Уринираме и дефецираме директно во сопственото хипостазирано грло. Под груевизмот Македонија стана самодоволен циркулаторен канал: од устата до чмарот истиот свет, истиот круг, истата затвореност.

Фотографиите се од филмот A tanu (Peter Bacso, 1969)

ОкоБоли главаВицФото