Иванов: Младите остануваат во Македонија за да ги слушаат моите мудрости

25.09.2014 14:57
Иванов: Младите остануваат во Македонија за да ги слушаат моите мудрости

Скопје, 25 септември 2014

Македонската младина останува во родната земја само за да може одблизу да ги проследува неговите мудри изјави, објасни претседателот Ѓорге Иванов на предавањето „Надреални политички збиднувања на Западниот Балкан“ одржано пред студентите од ЈЕИЛ во САД.

„Свесен сум дека во време кога светот е едно глобално село, моите бисери на мудроста може да се следат преку интернет, но разликата во временските зони го отежнува тоа, па младината останува во родната земја поради мене“, објасни Иванов.

Студентите на предавањето не можеа да добијат прецизни податоци за бројноста на младината која живее во Македонија, од технички причини - неспроведувањето на попис повеќе од 10 години.

Во однос на тврдењата дека Ѓорге Иванов има фанови и меѓу младата македонска дијаспора, претседателот изјави дека нивниот број е повеќе од занемарлив, бидејќи, јасно, речиси никој од младите не ја напушта земјата.

Пред присутните Иванов уште еднаш ги повтори мудростите на кои македонските младинци не можат да им одолеат: разумен компромис си е разумен компромис, под уставното име нè призна кралството Сирија, од Анска Река повторно ќе се вади златото кое го ваделе нашите предци, и многу други хит изјави.

Слика: Свирачиња