Самостојно бедни и независно јадни

25.09.2014 15:49
Самостојно бедни и независно јадни

Се имаше, се можеше: Југословенска автомобилска индустрија наместо половни автомобили.

 

Просечната плата на вработените на Балканот е најголема во Словенија и изнесува 1002,75 евра, додека најниска е во Македонија и достигнува 352,5 евра. Хрватска, заедно со Словенија, е единствената земја од просторите на поранешна Југославија во која просечната плата е поголема од 500 евра. Во споредба со рахметли Југославија и нејзиниот пазарен простор, „Регионот“ оддава впечаток на мртов коњ, ако судиме по економските показатели. За да биде иронијата поголема, до бедата стигнавме и другите ги поведовме со нас, итајќи кон шведскиот стандард.

 

Словенија е најуспешна и кога ќе се погледнат другите показатели. Словенечкиот БДП по глава на жител изнесува 22.700 долари, вкупно 44,8 милијарди американски долари. Невработеноста е релативно ниска и изнесува 10,1%, а од вкупно 2,05 милиони Словенци, 900 илјади се во работен однос.

Хрватска, која по критериумот на плати е втора меѓу земјите од поранешна Југославија, има значително понизок БДП по глава на жител во однос на Словенија кој изнесува 13.500 долари, а неговата вкупна вредност е 58 милијарди долари. Невработеноста се движи околу 17%, а од 4,2 милиони жители, вработени се 1,5 милиони.

Црна Гора која е трета по висина на платите има БДП по глава на жител од 7.020 долари, односно БДП од 4,3 милијарди долари. Невработеноста во Црна Гора изнесува околу 15%, а вкупното население на Црна Гора е околу 650.000 жители.

Србија има БДП по глава на жител во износ од 5.900 долари, што сочинува национален БДП од 42,5 милијарди долари. Невработеноста изнесува 21% од работно активното население, а вкупната популација е 7,1 милиони жители.

Босна и Херцеговина евидентира БДП по глава на жител од 4.500 долари, односно вкупно 17,8 милијарди долари. Невработеноста изнесува непријатни 27% од работно активното население, а вкупната популација достигнува број од 3,8 милиони жители.

Македонија во која платите се најниски со месечен просек од 352,47 евра има БДП по глава на жител од 4.900 долари или вкупно 10,2 милијарди долари. Невработеноста достигнува дури 30% од работно активното население. Македонија има 2,07 милиони жители.

Економски подобро стоечките земји од регионот имаат и поголем јавен долг во однос на БДП (според податоците за 2013), па така јавниот долг на Словенија изнесува 73% од БДП, јавниот долг на Србија 65,7%, на Хрватска 59,7%, на Црна Гора 56,*%, во БиХ долгот е 42,7%, додека најнизок е во Македонија и изнесува 35,7% од БДП.

Државите од поранешна Југославија се должни 130 милијарди евра

Државите настанати по распадот на Југославија денес имаат надворешен долг поголем од 130 милијарди евра (180 милијарди долари), додека пред војната, односно во 1991 година, долгот на Југославија изнесуваше 11 милијарди евра (15,6 милијарди долари), што фрла сноп ридикулозност кон патриотските економисти кои уште жалат поради „кредитите на Тито“.

Популарниот коњ: сто југословенски динари.

Економските стручњаци нагласуваат дека тоа не ја отсликува вистинската состојба, бидејќи вредноста на американскиот долар денес не е иста како пред 25 години, но се согласуваат дека јавниот долг на земјите од поранешна Југославија денес е повеќе од пет пати поголем отколку пред распадот на земјата.

БДП на шесте држави од поранешна Југославија на слично ниво како и во 1991

Исто така, економистите предупредуваат дека вкупниот износ на БДП на сите шест нови држави, односно Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, БиХ и Црна Гора, реално е приближно ист или помал отколу што бил во 1991 година.

Регионот во транзициски процес: долар по глава, евро по нос.

Надворешниот долг на Југославија од околу 11 милиони евра е распореден така што Србија наследи 36,5% (околу 4 милијарди евра), Хрватска презеде 28,5% (околу три милијарди евра), потоа Словенија околу 16,4% (1,8 милијарди евра), додека БиХ има обврска од 13,2% (1,5 милијарди). Најмал долг презеде Македонија, кој изнесува 621 милиони евра.

Убедливо најзадолжена земја од поранешна Југославија во апсолутен износ е Хрватска, со надворешен долг од 54 милијарди евра. Следи Словенија со 42 милијарди евра, Србија со 26 милијарди евра, Македонија со 5,5 милијарди, а на крајот на листата се БиХ со 3,9 милијарди и Црна Гора со 1,6 милијарди евра.

По сите овие споредби, единственото умесно прашање на три јазици за шестте народи би гласело - Каде бевме сите и што правевме, за да се уназадиме олку грозно бркајќи го „шведскиот стандард“?

Крваво минато и арамиска сегашност: гаранти за светла иднина.

Извор: e-novine