Швалерски правила

26.09.2014 00:33
Швалерски правила

Велат дека најважното швалерско правило гласи – нема признавање, под никакви околности! Анегдотата вели дека дури и ако жена ти те фати ин флагранти, што ќе рече во кревет со швалерката, треба смирено и уверливо да ѝ кажеш: Што, зарем повеќе им веруваш на сопствените очи, отколку мене?!

Швалерскиот принцип е основата на трчи-лажи политиката на претседателот Ѓорге Иванов. Додуша, принципот не е баш најприменлив во Македонија, бидејќи луѓето сè повеќе одбиваат да се прават слепи при очи. Но, за студентите на Јеил во Америка, тој е како создаден.

Веројатно затоа Иванов на децата на Јеил им раскажувал дека „нашиот економски успех придонесува младите да останат во Македонија, а нашите најуспешни поединци живеат во Македонија, а работат за светскиот пазар“. Претседателот објаснил на децата дека во Македонија, за разлика од Америка и од Шведска на „Дневник“, на пример, ние немаме проблеми со невработеноста.

Ова второво донекаде е и точно. Македонија и во иднина ќе има сè помалку проблеми со невработеноста, бидејќи тие што немаат работа, си ги пакуваат куферите и одат на гурбет во белиот свет. Цели улици и населби во нашите градови се празнат. Само Иванов тоа не го гледа.

Не може или не сака да го види? Можно е и да не може. Зашто, има едно друго важно швалерско правило – никогаш не ја прашувај жена ти дали те изневерува со друг! Зашто, не дај боже, може да ти признае дека е така. Што после? Затоа Иванов оди замижан, ништо не прашува и раскажува гачки. Она што ќе го преспие, не може да му се случи.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото