Петте клучни лекции за левицата

26.09.2014 12:15
Петте клучни лекции за левицата

Приказ на новата книга на Наоми Клајн: This Changes Everything: Capitalism Vs. The Climate.

Во своите претходни книги, Доктрината на шокот: Подемот на капитализмот на катастрофата (2007) и No Logo (2000), канадската авторка и активистка Наоми Клајн се занимаваше со теми како што се неолибералната „шок терапија“, конзумеризмот, глобализацијата и „капитализмот на катастрофата“, темелно анализирајќи ги силите што стојат зад драматичниот раст на економската нееднаквост и еколошката деградација во текот на изминатите 50 години.

Но, во својата нова книга, Ова менува сè: Капитализмот против климата (објавена на 16 септември), Клајн го свртува вниманието кон иднината, докажувајќи дека опасноста од климатски промени бара моментална радикална акција за да се спречи катастрофата. Секако, Клајн не е единствената која посочува кон ургентноста на заканата, но од останатите ја издвојува аргументот дека капитализмот – а не јаглеродниот диоксид – е во коренот на климатските промени и дека желбата за профит неизбежно води кон еколошки армагедон.

Книгата Ова менува сè вреди да се прочита од корица до корица, но издвоивме неколку клучни места.

1. Бенд еид (Band-Aid) решенијата не функционираат

Сега можат да нè спасат само масовни социјални движења. Затоа што гледаме каде нè води актуелниот систем кој не го контролира никој.

Добар дел од проблемите со климатските промени се сведува на она што Клајн го отфрла како Бенд Еид решенија, крпење на проблемите: профитабилни шеми како што се напредните технолошки иновации, откуп на емисијата на токсичните гасови и наводните „чисти“ алтернативи како природниот гас. Според неа, таквите стратегии предоцна и премалку ги решаваат проблемите. Во својата детална критика на корпоративното учество во превенцијата на климатските промени, таа демонстрира дека профитабилните „решенија“ промовирани од Think Thank групите (и нивните корпоративни заштитници), всушност ги влошуваат работите. На пример, таа вели дека програмите за откуп на емисијата на јаглерод перверзно ги поттикнуваат фирмите да произведуваат поштетни гасови од стаклената градина, само за да бидат платени со цел да ги намалат. Во овој процес корпорациите заработија милијарди – директно профитирајќи од деградацијата на планетата. Наместо тоа, тврди Клајн, би требало да се ослободиме од пазарниот фундаментализам и да примениме долгорочно планирање, строга регулатива во работењето, поголеми даноци, поголемо државно вложување и поништување на приватизацијата за инфраструктурата да се врати под јавна контрола.

2. Треба да се менуваме себеси, а не светот

Планетата не е наш заробеник, пациент, машина, па ниту наш монструм. Таа е нашиот свет. И решение за глобалното затоплување не е во променливиот свет, туку во менувањето на нас самите.

Клајн посветува цело поглавје од својата нова книга на геоинженерингот: истражувачко поле водено од тесен круг научници, финансиери и медиумски личности. Нивна цел е решавање на проблемите од глобалното затоплување со промена на планетата – на пример, покривање на пустините со материјал кој ги одбива сончевите зраци назад во вселената или дури со пригушување на сонцето за да се намали количеството топлина што стигнува до планетата. Меѓутоа, политичарите и поголем дел од светската јавност изнесоа некои еколошки, здравствени и етички проблеми во врска со предложените научни експерименти за планетата, а Клајн предупредува на непознатите последици од создавањето „франкенштајнски свет“, во што учествуваат многу земји кои симултано лансираат проекти. Наместо враќање на еколошката рамнотежа, таа тврди дека овие „техно-поправки“ само дополнително ќе ја нарушат. Секоја од нив ќе предизвика нова група проблеми за чие решавање се потребни нови „поправки“. Клајн пишува: „Планетата – системот што ги одржува нашите животи – и самата ќе биде приклучена на машини за одржување во живот, за да ја спречиме да се заврти против нас.“

3. Без „добронамерно“ корпоративно финансирање

Многумина прогресивци исчекорија од дебатата за климатските промени и зашто беа убедени дека за тоа се грижат еколошките групи, преполни со филантропски долари. Се покажува дека тоа била тешка заблуда.

Клајн остро ги критикува партнерствата на корпорациите и големите еколошки групи, како и обидите на „зелените милијардери“ како Бил Гејтс и Ричард Бренсон да го користат капитализмот во борбата против глобалното затоплување. Кога капитализмот е главна причина за климатските промени, тврди Клајн, бесмислено е да се очекува дека на корпорациите и милијардерите планетата ќе им биде поважна од профитот. На пример, иако фондацијата на Гејтс финансираше многу големи еколошки групи посветени на борбата против климатските промени, од декември 2013 година таа вложи најмалку 1,2 милијарди долари во нафтените компании BP и ExxonMobil. Покрај тоа, кога еколозите ќе станат зависни од корпоративните фондови, тие почнуваат да ја спроведуваат корпоративната агенда. На пример, организациите како што се „Nature Conservancy“ и Фондацијата за еколошка одбрана, кои земаа милиони долари од корпоративни финансиери кои се залагаат за фракување, како што се Shell, Chevron и JP Morgan – го промовираат природниот гас како почиста алтернатива на нафтата и јагленот.

4. Потребно ни е дивестирање и реинвестирање

Главната сила на дивестирањето не е во тоа што краткорочно им штети на компаниите како што се Shell и Chevron, туку во тоа што ја еродира општествената лиценца на компаниите со фосилни горива и им создава притисок на политичарите да воведат општоважечки прописи за намалување на емисијата на гасовите.

Критичарите на движењето кое заговара повлекување на вложувањата од работите поврзани со фосилните горива, често тврдат дека дивестирањето би имало минимално влијание на приходите на загадувачите. Но, Клајн тврди дека овој начин на размислување ја промашува суштината и го цитира аргументот на канадскиот активист за дивестирање, Камерон Фентон, кој вели дека „никој не мисли дека ќе ги доведеме до банкрот компаниите што се занимаваат со фосилни горива. Но, можеме да предизвикаме банкрот на нивната репутација и да им ја одземеме политичката моќ.“ Уште поважно, дивестирањето отвора простор за реинвестирање. Неколку милиони долари кои се извлекуваат од рацете на компаниите како што се ExxonMobil или BP ослободуваат пари кои можат да се потрошат за развој на зелена инфраструктура или за зајакнување на заедниците да ги локализираат своите економии. Некои колеџи, хуманитарни организации, пензиски фондови и општини, веќе ја примија пораката: Клајн известува дека досега веќе 13 американски колеџи и универзитети, 25 северноамерикански градови, околу 40 верски институции и неколку крупни фондации се обврзале дека ќе ги дивестираат своите фондови од вредносните хартии и обврзници кои ги издаваат компаниите за фосилни горива.

5. Отворање на останатите општествени, економски и политички прашања

Оние што ги негираат климатските промени и тврдат дека глобалното затоплување е заговор на оние што сакаат редистрибуција на богатството, не го прават тоа само зашто се параноични. Го прават тоа бидејќи се грижат за своите интереси.

Во Доктрината на шокот, Клајн објасни дека корпорациите профитирале од кризите ширум светот. Во книгата Ова менува сè, таа тврди дека климатската криза може да послужи како повик за широка демократска акција. На пример, кога во 2007 година торнадо уништи поголем дел од Гринсбург, град во Канзас, властите одбија хиерархиски пристап за обнова во корист на напорите на локалната заедница, што го зголеми демократското учество и изгради нови, еколошки поадекватни јавни згради. Денес Гринсбург е еден од најзелените градови во САД. За Клајн, овој пример илустрира дека луѓето можат да ги искористат климатските промени за да градат општество кое помалку ѝ штети на околината. Исто така, тоа може, и всушност мора да поттикне радикални промени во нашата економија: помала потрошувачка, помала меѓународна трговија (прашањето за релокализација на нашите економии) и помалку приватни инвестиции, а многу повеќе државни вложувања за да се создаде инфраструктура потребна за зелена економија. Клајн вели: „Тоа подразбира поголема редистрибуција, за повеќе од нас да живеат удобно во рамките на можностите на планетата.“

21.08.2014

Фотографии: Tony Spyra 

Извор: http://inthesetimes.com

Слични содржини

Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото