Асанж: Гугл како приватна шпионска агенција

26.09.2014 12:21
Асанж: Гугл како приватна шпионска агенција

Џулијан Асанж, основачот на сајтот Викиликс на кој во 2010 година објави голем број доверливи дипломатски и воени документи на повеќе светски влади, а најмногу на американската, го окарактеризира интернет пребарувачот Гугл како приватна NSA.

Асанж ги изнесе овие тврдења на конференцијата за печат во амбасадата на Еквадор во Лондон, која пред две години му даде азил, а беше организирана по повод објавувањето на книгата за неговата средба со поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит.

И додека Шмит ја промовира својата книга каде се истакнува користа од „војната“ помеѓу компаниите Епл и Гугл, Асанж ја промовира својата „Кога Гугл се сретна со Викиликс“ (When Google Met Wikileaks).

Директната алузија е направена по скандалот кој лани ја погоди NSA, кога Едвард Сноуден ги обелодени информациите за интернет шпионирањето кое го спроведува американската влада.

Асанж на конференцијата за печат рече дека Гугл воспостави врска со американската влада и војска, и направи паралела помеѓу собирањето податоци од страна на Гугл за маркетиншки цели и стратегијата на NSA за собирање што повеќе информации.

Шмит пред два дена за најавата за излегувањето на книгата на Асанж рече дека „Џулијан е параноичен“, дека Гугл никогаш не соработувал со NSA и дека компанијата жестоко се борела против она што го прави NSA.

„Ги зедовме сите наши податоци, разменети информации и сосема ги шифриравме за никој да не дојде до нив, а пред сè владата“, наведе Шмит.

Извор: The Guardian