Против ИСИС треба повеќе од говори и уцени

29.09.2014 00:21
Против ИСИС треба повеќе од говори и уцени

Мизеријата на една терористичка група која планира да создаде некаков „исламски калифат” ја поттикна заслужената реакција од цивилизираниот свет. Важноста на ова прашање се гледа во фактот дека во своето седумдесетгодишно постоење, ова е шести пат со самитот на Советот за безбедност на ООН да претседава претседател на една членка. Американскиот претседател кажа јасно дека усвоената резолуција важи за сите држави, кои се обврзани да ги „спречат регрутацијата, организацијата и опремувањето на странските терористи, нивното движење низ територијата на државата, како и да усвојат законски одредби за гонење на лицата кои се вклучени во наведените активности”.

Иако до пред една недела Македонија не беше во групата држави кои се борат против терористичката група ИСИС, состојбата се смени пред неколку дена, без никаква транспарентност за одлуката со која државата се приклучи кон глобалниот сојуз. Позицијата на официјално Скопје беше дополнително комплицирана со говорот на претседателот Ѓорге Иванов во Советот за безбедност, каде неговиот американски колега ги повика сите да ги докажат изјавите со конкретни дела.

Уште на самиот почеток, констатацијата на Иванов дека „борците од Балканот се групирани во етно-национални одреди” е целосно спротивна со мисијата промовирана од терористите на ИСИС и ним сличните. Нивната цел е јасно објавена – создавање држава која ќе почива ексклузивно врз одреден верски идентитет. Истото се потврдува и од странските разузнувачи, дека регрутите доаѓаат од различни делови од светот, водени од идеалот дека се поврзани според верската припадност. Ваквата изјава, дадена на највисокиот глобален форум зборува за бескрајно незнаење, но и за тенденцијата да се обвинат одредени етнички групи, поврзувајќи ги автоматски со тероризам.

Mалку понатаму, друг изум: државата била под опасност од создавање „балкански калифат”. Ова уште еднаш го докажува недоволното информирање, од причина што не постои нешто наречено „балкански калифат”. Тие кои имаат ниет за калифати, ја започнаа својата опака кампања за освојување на поголема територијална целина, без разликување според денешните географски поделби.

Клучната порака е најпроблематичниот дел – поврзувањето на борбата против странските терористи со проблемите кои ги има Македонија. Уценувачките зборови дека без членство на Македонија во НАТО се создава вакуум кој ќе биде пополнет од некој друг денес или утре, не се достојни за сојузничко однесување и го потценуваат досегашниот придонес на Македонија кон глобалната безбедност.

За жал, ова станува модел на однесување во надворешната политика. Слично како и албанскиот коалиционен партнер кој го заплашуваше западот со етнички конфликт доколку не нè примат во НАТО, претседателот Иванов го крена нивото на уценување, преку поврзувањето на проблемите кои ги има Македонија со прашањето на учество во широк глобален сојуз под водство на САД, кои во 2008 потпишаа Договор за стратешко партнерство со Македонија.

Сојузот под водство на Вашингтон сега брои над шеесет држави. Некои учествуваат со финансиски средства, други со воен персонал и опрема, хуманитарна помош или политичка поддршка. Албанија е единствениот сосед кој обезбедил оружје и муниција за курдските борци, додека Македонија нема дадено никаква конкретна заложба.

Настрана тоа што нема конкретна заложба – дури и ако се заборави говорот во Советот за безбедност – остануваат некои сериозни прашања кои ја тангираат националната безбедност. На пример, ако тргнеме од говорот на Претседателот Иванов, кој ја подвлече опасноста со која се соочува Македонија, се поставува прашањето зошто не бил повикан Националниот совет за безбедност, за да разговара околу овие прашања, или зошто не е дискутирано во собраниските тела. Останува непознато кој одлучил за приклучување кон сојузот воден од САД, како и најважното – како ќе преминеме од заложби кон конкретни дела.

Бројот на македонските државјани убиени во Сирија укажува на сериозноста на проблемот, но и на потребата за директно вклучување на државните институции. Од тоа што е видено, има јасна разлика меѓу настаните на терен и говорите во Њујорк. Молкот за маалските регрутирања може да се чини како добар план за да му се продаде приказната за „зелена трансверзала” на западот, како што на времето Слободан Милошевиќ бараше поддршка за борбата против „албанските терористи”.

Тешката сиромаштија, лошото образование, системската криминализација и бруталната политизација на општеството се добар рецепт како да се убие перспективата. Во недостиг на полициски и судски дејствија против оние кои ги праќаат младите во неврат, клучно е прашањето дали властите имаат сознанија за активностите на радикалите и не прават ништо, или пак немаат никакви информации за тоа што се случува на неколку километри од центарот на Скопје. Која било од овие две опции е кобна и Македонија треба да ги заврши своите домашни задачи – час поскоро и без да ја чека резолуцијата на ООН.

Извор: gjakushkabashi.wordpress.com