Каталонците мислат сериозно

30.09.2014 12:11
Каталонците мислат сериозно

Локалните власти во Каталонија закажаа референдум за независност не обрнувајќи многу внимание на уставот на Шпанија. Локалниот премиер Артур Мас ги води Каталонците во авантура со неизвесен исход.

 

Во Шкотска сè останува како што беше, иако наскоро повеќе нема да биде исто. Индепендистите изгубија во референдумскиот колеж, но од Лондон добија ветувања за поширока автономија - всушност, онаква каква што Каталонија веќе со години ужива. Степенот на самостојност на оваа автономна шпанска провинција е навистина поголем од оној во Шкотска: Каталонија има сопствена полиција, раководи со образовната и здравствената политика и - благодарение не моделот на финансирање воспоставен во 2009 - од сите региони добива најмногу средства од државната каса.

Сепак, тоа не е доволно за оние кои ги веат знамињата на каталонскиот сепаратизам. Каталонија никогаш не била дел од Шпанија, тврдат, укажувајќи на јазичната и културна посебност и 300-те години во кои централната власт насилно ги држела Каталонците на јаже. Тој идеолошки шаблон ги потпалува емоциите на Каталонците кои сега - повеќе од кога било! - се спремни да се впуштат во авантура со неизвсен исход.

Судот се прашува

Во Шкотска здравиот разум однесе победа над чувствата. Но Каталонија не е Шкотска, колку и некои да се обидуваат да извлечат поука од гласањето на северот на Британскиот остров. Додека шкотскиот референдум е одржан во договор со Единбург и Лондон, шпанскиот устав не предвидува можност за гласање за независност на Каталонија. Тоа е главниот адут на мадридската влада и нејзиниот премиер Маријано Рахој во борбата за единство на нацијата.

Но, сега каталонскиот премиер Артур Мас најави референдум - со поддршка на покраинскиот парламент, кој неодамна донесе соодветен закон. Сега светлата се вперени во судот. Рахој поднесува жалба против законот, и збор имаат судиите на уставниот суд. Иако можеби тоа нема да биде последниот збор. Бидејќи, доколку судиите го оценат законот како неуставен, Мас би можел да направи преседан во поновата историја на Шпанија, да повика на граѓанска непослушност и да одржи некој вид илегален референдум. Ако ја развиеме таа можност до крај, каталонската влада има сопствена полиција која би го обезбедила референдумот од евентуално вмешување на шпанската полиција.

Пред да се случи тоа - до душа тешко замисливо - сценарио, Мас би можел да го извлече последниот ас од ракавот: предвремени избори во Каталонија! Новите избори би можеле да ги зајакнат борците за независност и да ја доведат Каталонија во посилна преговарачка позиција. Пред тој потег Мас очигледно има намера да пука од сите оружја кон Мадрид, впрочем, веќе има нерасчистени сметки со Рахој.

Фискален договор?

Шпанскиот премиер пред две години имаше можност да го блокира ветерот на кој едреа каталонските сепаратисти. На врвот на економската криза каталонската влада бараше разговори за нов фискален пакт кој би ѝ овозможил на локалната влада самостојно да собира даноци. Рахој одби прилично грубо. Тоа за Мас беше знак да ја погреба својата идеја за фискална автономија и да почне кампања за целосна независност.

Нема сомнеж дека државната криза бара јасни зборови од премиерот Рахој. Социјалистичката опозиција од него бара храброст и лидерство. Како што се приближува денот на најавениот референдум (9 ноември) Рахој за сега гледа само две алтернативи: „Устав или хаос“. Меѓутоа постои и можност за договор кој на Каталонија би ѝ дал даночна самостојност и тоа без промени на уставот. Токму тоа го бараат каталонските претприемачи кои се плашат од распад на Шпанија и евентуалната иднина надвор од Европската унија.

Последиците од отцепување се непредвидливи - не само за Каталонија и Шпанија, туку и за Европската унија. Она што пропадна во Шкотска би можело да се оствари во Каталонија и потоа да ги зафати другите региони. На Европа, измачена од економската криза и исплашена од можноста за нова рецесија, сега најмалку ѝ треба распарчување.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото