Ти ќе ми кажеш!

01.10.2014 09:38
Ти ќе ми кажеш!

Генералниот штрајк е ставен во мирување, зашто било решено проблемите во образованието да се решаваат со дијалог (социјален!?). Со она што е одамна ставено во мирување, поточно во длабока кома, така што е повеќе од очигледно дека сме заборавиле за што зборуваме кога зборуваме за дијалог. Значи, решенијата ќе ги бараме со нешто што е многу поголем проблем, отколку штрајкот.

Не може да се води дијалог во држава во која власта систематски, со години, посветено работи да ја уништи елементарната политичка култура со тоа што другиот, различниот, секој што не мисли исто како владетелот (секој што мисли, подобро речено) го жигосува како непријател, уште повеќе – го прогласува за нечовек, така што секој бранител на режимот може сосема слободно, неказнето, да го навредува, да го суди, па и да го тепа на плоштад.

Нема дијалог кога ароганцијата и моќта стануваат мерило не за глупоста, туку за вистината, кога се поттикнува омраза, делби и се шири страв, кога се владее со пропагирање лажни вредности, со државни одлуки донесени во најтесен фамилијарен круг кои со наредби, закани и со насилство ќе мора сите да ги спроведат.

За да се води дијалог, треба другиот да се прифати како рамноправен, да се сослуша, да се има почит кон него и кон неговите ставови (зборови и фрази кои во ваков контекст звучат идиотски наивно). Затоа има – преговори. Нешто сосема спротивно, зашто договореното во нив, со мирна совест, може да се почитува колку и тоалетна хартија.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња