Менаџер самоубиец оставил проштална Powerpoint презентација

02.10.2014 09:50
Менаџер самоубиец оставил проштална Powerpoint презентација

Скопје, 2 октомври 2014

По вчерашната вест дека Ненад Христов, менаџер во една скопска маркетинг агенција си го одзел животот сo пиење преголема доза таблети за спиење, во неговиот компјутер е пронајдена Powerpoint презентација во која ги објаснува причините поради кои се одлучил на самоубиство.

„Сите бевме во шок кога слушнавме што се случило. На никого не му беше јасно зошто го направил тоа, меѓутоа кога заедно со нашиот тим ја погледнавме презентацијата, веднаш сфативме сè. Презентацијата е многу добро направена и ги дефинира клучните аспекти на одлуката на Ненад“, вели Зорица, една од колешките на веќе покојниот менаџер.

Како што дознаваме, презентацијата има четири главни секции: Преглед на сегашната состојба, Зошто нема иднина, Реализација на самоубиството и Завршни мисли.

Дека Ненад го одбрал вистинскиот начин да ја пренесе својата порака потврдуваат и неговите најблиски соработници.

„Ни беше сосема нејасно што се случува на емотивен план кај Ненад, меѓутоа, кога ги видовме графиконите од Excel во кои јасно се гледа трендот на опаѓање на желбата за живот од месец во месец, како и растот на финансиските долгови со експоненцијален тренд, ни беше многу појасно зошто нашиот колега се решил за овој чекор“, објаснува Перо, колега на несреќниот менаџер.

„Презентацијата е добра, ама мислам дека можел да стави малку повеќе фотографии. Луѓето многу подобро разбираат кога на екранот ќе се појави само една добра слика наместо начичкани булети. Од друга страна, мислам дека премините од слајд на слајд му се добри, ефектот фејд ин-фејд аут е многу смирен и добро се вклопува во концепцијата на презентацијата, чија цел е да се долови депресијата во која се наоѓал Ненад“, вели Јован Костовски, мотивационен говорник и експерт за презентации.

Вработените во агенцијата сметаат дека Ненад покажувал знаци на депресија, но не нашол добар начин другите да го чујат тоа.

„Ни беше сомнително кога повеќе пати по телефон и усно ни рече дека ќе се убие. Но, кој денес го сфаќа сериозно таквиот начин на комуникација. Барем да твитнеше нешто, можеби ќе реагиравме на време“, вели по малку луто Светлана Ицковска, прв човек на секторот за човечки ресурси на компанијата.

Извор: www.njuz.net