Чадорите во Хонг Конг

02.10.2014 11:21
Чадорите во Хонг Конг

Полицијата во Хонг Конг во неделата употреби солзавец и гумени куршуми против најмалку 13.000 демонстранти кои бараат демократски реформи. Движењето наречено „Чадор револуција“, поради начинот на кој демонстрантите се штитат од солзавецот - го привлекува вниманието на светот додека аналитичарите се прашуваат дали овој протест ќе се развие во потттик за демократизација на целиот регион.

Во јануари 2013, експертот за уставно право Бени Таи револтиран од она што го гледа како манипулирање со ветувањето на кинеските власти за политичка независност на Хонг Конг, ги повика сограѓаните на граѓанска непослушност во Централ, деловниот и финансиски кварт на Хонг Конг. Му се придружија професорот по социологија Чан Кин-Ман и свештеникот Чу Јиу-Минг, кои го нарекоа движењето Окупирај го Централ (Occupy Central), обликувајќи ги неговите методи според наследството на Махатма Ганди и Мартин Лутер Кинг.

Притисокот за поголема автономија и независност почна уште по британското предавање на суверенитетот над Хонг Конг на Народна Република Кина во 1997. Под британска управа, Хонг Конг стана богат производен центар, со ограничени демократски слободи какви што не постоеја во Кина. Во текот на преговорите за трансфер на власта, Кина се согласи на моделот „една земја - два система“. Под тие услови, Хонг Конг може да ја развива својата демократија без мешање на централните власти, додека во 2017 година на граѓаните на Хонг Конг би им било дозволено на демократски избори да гласаат за највисок претставник на власта, што е функција која за сега ја извршува именуваниот претставник со одобрување од Пекинг.

Меѓутоа, кинеските власти повеќе пати повторно го толкуваа овој договор. Во јули оваа година Пекинг издаде документ со кој ја потврдува својата „целосна јурисдикција“ над Хонг Конг, додавајќи дека „високиот степен на автономија за Хонг Конг не е инхерентна моќ, туку таа потекнува исклучиво од овластувањата на централното раководство“. Во август, Пекинг објави дека „на граѓаните ќе им биде дозволено да бираат шеф на извршната власт, но дека кандидатите ќе мораат да добијат одобрение од посебен комитет, налик на постоечкиот комитет кој ги именува оние кои ги извршуваат овие функции, а кој е близок до Пекинг“.

Многу граѓани ги сфатија овие постапки како знак дека централните власти го напуштаат договорот од 1997 - па излегоа на улица.

„После 10 години сфатив дека доколку не генерираме доволен притисок, Пекинг нема да ни го даде универзалното право на глас“, вели Чан и додава дека „граѓанската непослушност ќе биде последното средство доколку пропаднат преговорите“.

Студентите минатата среда излегоа на мирни демонстрации против изборниот план на Пекинг, а Окупирај го Централ им се придружи во петок. Академските граѓани објавија манифест во кој бараат „извинување за граѓаните на Хонг Конг“ поради рестриктивните изборни правила на Пекинг, како и оставка од највисоките претставници на власта во Хонг Конг, нарекувајќи ги постапките на Пекинг „колонијални“. Лидерите на Хонг Конг можат да го одбијат планот на Пекинг со третина гласови, а „бројот на претставници во законодавното тело кои ветија дека ќе гласаат против предложениот модел е доволен“ да ги отфрли новите правила. По таквото сценарио, Хонг Конг би добил следна шанса за општи избори за шеф на извршната власт дури во 2022“.

Медиумите пренесуваат дека движењето Окупирај го Централ планирало да започне кампања за граѓанска непослушност на 1 октомври, на кинескиот национален празник, но одлучиле веднаш да се приклучат на мирната студентска окупација на седиштето на управата на Хонг Конг и другите централни квартови на градот.

Сите беа затекнати од реакцијата на полицијата на протестите, примената на несразмерна сила на полициските единици за нереди и испукувањето солзавец и гумени куршуми во масата. Поради тоа на демонстрантите им се придружија уште илјадници граѓани на Хонг Конг. Од хемикалиите се штитат со пластични фолии, нуркачки и хируршки маски. „Чадорите, користени како заштита од спрејот со солзавец, станаа препознатлив симбол на движењето“, известува AP, „Тие во неделата беа прва линија на одбраната на масата демонстранти кои се обидоа да ги пробијат барикадите од кои полицајците ги прскаат луѓето со солзавец“. Во неделата полицијата употреби 87 патрони солзавец.

До сега 26 лица завршја на ургентно, а најмалку 78 се уапсени.

Демонстрантите бараат од шефот на извршната власт во Хонг Конг, Леунг Чун-Јинг, да бара „вистински избор за граѓаните на таа територија“. „Направете нешто добро за Хонг Конг. Сакаме вистинска демократија!“, викаше гласно еден демонстрант.

Пекинг ги оцени демонстрациите како нелегелни и ја поддржа реакцијата на полицијата. „Незаконското собирање пред седиштето на кинеските власти на авенијата Тим Меј во квартот Централ влијае на безбедноста, јавниот ред и сообраќајот“, се наведува во соопштението, „Тоа исто така влијае на правата и слободите на другите граѓани“. Властите објаснија дека „примената на мерките за управување со масата и контрола на сообраќајот може да предизвика непријатности“ и изразија „благодарност на повеќето граѓани за разбирањето“.

Во меѓувреме, Кина го блокираше Инстаграм, иако овој интернет сервис изгледа и понатаму е достапен во Хонг Конг. Кинескиот печат не објави фотографии од немирите, а вината за протестите се фрла врз „радикалните опозициски сили“ кои „го упропастуваат имиџот на Хонг Конг“.

Граѓаните на Хонг Конг се поделени околу прашањето дали да бараат поголема демократија од Пекинг. Бизнис заедницата од Хонг Конг има финансиска корист од статусот кво и формираше ривалска група со име „Тивко мнозинство“. Неодамнешните анкети покажуваат дека 48 отсто од граѓаните се противат на изборните планови на Пекинг во Хонг Конг, додека 39 отсто ја поддржуваат одлуката на локалните власти да ги прифати овие планови.

„Воопшто не се согласувам со демонстрантите“, му рече една постара жена на репортерот на AP, „Ние кои дојдовме во градот пред 60 или 70 години немавме ништо, работевме и многу се мачевме да создадеме богат град каков што е Хонг Конг денес. А сега демонстрантите внесуваат нестабилност во нашето општество. За мене, тоа што можам да јадам и спијам веќе е луксуз. Не ми треба демократија. Што тоа воопшто значи?“

Продолжувањето на протестите секако ќе ја загрози стабилноста на Хонг Конг и ќе им нанесе штета на бизнис интересите, со можност некои од водечките бизнисмени да се приклучат на движењето. Економските показатели за последниот квартал се во пад и Хонг Конг можеби оди кон рецесија.

Извор: Think Progress, 29.09.2014.

ОкоБоли главаВицФото