Да се види фашизмот

03.10.2014 10:17
Да се види фашизмот

Со голема возбуда денес ќе зборувам за еден етички, политички и човечки значаен настан. Длабоко го чувствувам значењето што го има тој за словенечката заедница во Трст и кој би морал да го има за целиот Трст, за Италија и за сите италијански и словенечки граѓани кои чувствуваат должност повторно да ги потврдат вредностите на слободата, плуралноста, солидарноста, еднаквоста, еднаквите можности, правдата, демократијата. Овие вредности се наша единствена надеж за општествен напредок на човештвото. Но, воедно, ова е и можност да се осудат фашизмот и неговото варварство, политиката на хомологизација која тежнее кон негирање на разликите и достоинството на различните идентитети и култури кои – токму напротив – се вистински темели на заедницата.

Суровата политика на принудно однародување, поточно фашизацијата, кои италијанските власти дваесет години ги спроведувале над оние што го зборувале словенечкиот јазик во овие краишта, засекогаш ќе остане симбол на злосторство и варварство. Укинувањето на словенечките училишта, словенечкиот јазик во училиштата и црквите, забраната на културните, па дури и спортските друштва, гаснењето на словенечките весници, укинувањето на сите културни активности на словенечки јазик, постапната елиминација на презимињата и географските називи, почнувајќи од имињата на реките, претставуваат едни од најгнасните и најподмолните облици на негирање на културата на некоја заедница. Особено подла била забраната на словенечкиот јазик во судовите, која на граѓаните им го одземала правото на еднаква можност да се бранат пред законот.

Отворено кршејќи ги меѓународните договори, италијанските власти не го санкционирале физичкото насилство кое над словенечкото малцинство го вршеле шквадристите. Напротив, со јакнењето на фашизмот, насилството било легитимирано и довело до палење на голем број куќи и на Народниот дом во Трст. Тоа достигнало врв со интернирањето на словенечките интелектуалци и иселувањето на словенечките наставници и свештеници.

На овие драматични настани, толку трагични за оние што ги искусиле на сопствената кожа или преку приказната на своите стари, денес треба да се гледа не само како проблем на угнетување на малцинството, туку во нив треба да се види пошироката симболичка вредност. Да се признае и да се преземе целата одговорност за овие дела на „етничка мелиорација“, сега, за државите како Италија, која никогаш не беше во состојба да се помири со своите фашистички злосторства, која немаше свој Нирнберг – тоа е должност. Денес, како вистински европски граѓани, граѓани на антифашистичка Европа чиј слоган е „единство во различноста“ - што е антитеза на замислата на нацифашистичка Европа, мораме да кажеме: „сите ние сме словенечки партизани“. Овие јунаци се универзални бидејќи собрале сили да ѝ се спротивстават на диктатурата, да се жртвуваат во име на вредностите на човечките и граѓанските права за сите нас. Тие се наши маченици!

Во чест на овие јунаци, подмолно убиени на 6 септември 1930 година во 5 и 43 часот, по страшно измачување и без судење, доволно е да се изговорат, односно да се извикаат нивните имиња: Фердинанд Бидовец – 22 години, Фрањо Марушиќ – 24 години, Звонимир Милош – 27 години и Алојз Валенчиќ – 34 години и кон нив да се додаде името на хрватско-истарскиот јунак Владимир Гортан, стрелан во Пула на 17 октомври 1929 година.

Биле многу млади и многу храбри. Сфатиле дека е важно да пружат отпор, дека дошол часот за акција. Тогаш било полесно, а можеби секогаш е полесно, да се биде само набљудувач, а не актер. Овие млади луѓе пред останатите сфатиле дека вистинската етика бара реакција бидејќи чекањето, а особено рамнодушноста кон неправдата, секогаш е соучесништво. И во денешната криза, која е повеќе антрополошка отколку економска, чии први жртви се младите, младоста на овие јунаци е извор на инспирација. Од младоста се раѓаат слободата и правдата. Биле млади, а биле џинови.

Денешната свеченост е мала во однос на големината на нивната епопеја. Меѓутоа, за нас ова сепак е важна можност да го обновиме универзалното значење на она што тие го покажаа со своите дела. Овие јунаци се пример кој не смееме да го заборавиме. Длабоко сум почестен што ја имам можноста во име на целата заедница Удине да присуствувам на оваа свеченост.

Всушност, фашизмот сè уште постои, особено во Италија. Како што рече Гобети по маршот во Рим: „Ова не е револуција, туку разоткривање на древното италијанско зло.“ Во секој момент постои ризик да се западне во фашизам, во тоталитаризам. Тоа го забележавме последниве години во Италија, како и во други држави од „цивилизирана“ Европа. Фашизмот се шири бавно, речиси незабележливо и се храни со предрасуди и стереотипи, сè додека не биде предоцна и додека не ги изгубиме демократските права и не паднеме во диктатура. Потоа, за нашето ослободување ќе биде потребна крвава ослободителна борба. Тоа е голема лекција од дваесеттиот век, тој трагичен краток век. Затоа мораме да го спречуваме и секогаш да го осудуваме фашизмот, да ги жигосаме дури и неговите најслаби сигнали кога ќе ни поминат низ глава. Не е доволно да се биде свесен за ризикот од фашизмот; мораме секој ден одново да градиме антифашистички сојузи, дури и кога изгледа дека опасноста е далеку. Затоа свеченостите како оваа не се само реторички церемонии, туку и многу важна етичка и политичка дејност.

Но, исто така, овој ден е многу значаен од историска перспектива бидејќи ни дава можност да истакнеме нешто можеби недоволно познато или заборавено или свесно погрешно претставено: европската димензија на словенечкиот и хрватскиот антифашистички отпор во Трст и Горица, на Крас, во Истра и на приморјето.

Исто така, лично ви се заблагодарувам што денес ми овозможивте и самиот да се потсетам и да ги интерпретирам настаните кои за жал сè уште не се доволно познати и за кои мораме да зборуваме во училиштата: „Она што се ширеше во словенечките краишта од дваесеттите години на минатиот век беше првиот автентичен народен облик на борба против фашизмот во Европа“. Ако се присетиме на ставовите кои тие години владееле особено во италијанската јавност, проткаена со фашистичка пропаганда и мистификации, ќе го сфатиме вистинското идејно и пророчко значење на тој настан. Со исклучок на некои кругови од антифашистичката интелектуална елита и членови на комунистичката партија, само ретки поединци во Италија биле способни да сфатат што се случувало. Целосното освестување на Италијанците и отвореното спротивставување на фашизмот следеле дури по првите воени порази на германскиот блок во империјалистичката војна, значи речиси дваесет години подоцна. Дури од 1943 година па натаму во Италија почнала да се шири навистина масовна антифашистичка свест и пристапување кон идеалот на отпорот, кои довеле до колективно движење и потреба за активно учество во вооружениот или граѓанскиот отпор.

Дури потоа, италијанското население станало она што Каламандреи прекрасно го опишува и што денес е напишано на споменикот на отпорот во Удине: „Гледајќи го ова таинствено и прекрасно движење на луѓето, ова доброволно собирање на скромни луѓе кои до вчера беа невооружени и мирољубиви и кои будејќи се одеднаш почувствуваа дека е време на заминат в шума, да земат оружје, да се соберат во планините во борба против теророт, помислувам на космичките ритми на животот кои не можат да се објаснат, таинствени небесни заповеди кои ги регулираат колективните појави, како што пупките почнуваат да цветаат во ист ден или ластовиците кои во ист ден решаваат дека е време да се тргне на пат. Тоа беше време на отпорот, на машкоста: да се умре како маж, за да се живее како човек.“

Како во етички така и во историски поглед, денес е пресудно да се признае дека во Италија први ја препознале одвратната и варварска фашистичка чума токму словенечките граѓани на Трст и Горишка, кои многу брутално биле газени. Тие јунаци се првите антифашисти во Европа. Најпрвин ним им припаѓаат заслугите и честа. Нивниот живот е голема поука за цивилизацијата и за слободата и сите ние сме нивни должници. Ако тогаш, италијанските граѓани им посветеле внимание на своите словенечки сограѓани можеле да ги препознаат првите знаци од трагедијата во која самите се нашле веднаш потоа. Колку болка, страдање и насилство над недолжни луѓе можело да се избегне.

Затоа треба да се нагласи „колку била поспана“, како што зборуваше Данте, италијанската свест во тие години и да се признае и осуди насилството над словенечкото и хрватското население кое го спроведувала фашистичката војска во наредните две децении и кое кулминирало со италијанската инвазија на Словенија 1942 година, со репресија и масовни депортации на словенечките дисиденти во италијанските концентрациони логори како што е Гонарс.

Овде на Крас и во Истра и на словенечкото приморје, големата словенечка душа ја предвидела трагедијата, но и ослободувањето. За што се бореле тие млади луѓе, ако не за достоинствена иднина која никогаш не ја запознале, туку само можеле да ја замислуваат преку силата на своите идеали. Каква свест имале тие момчиња, пионери на идниот масовен антифашистички отпор во Европа! Токму нивната младост ни овозможува да сфатиме колку длабоко во словенечката заедница биле вкоренети вредностите на слободата и правдата.

Манифестациите како оваа се важни бидејќи претставуваат момент кога мораме повторно да се препзнаеме и да стапиме во борба против историскиот ревизионизам, кој токму во Базовица има уште подраматично значење. Повоената трагедија на италијанските бегалци од Истра и Далмација не смееме ниту да ја занемариме, ниту да ја заборавиме, зашто и тие биле жртви на нацифашистичката империјалистичка војна. Но, да се памети Базовица само заради партизанските јами, а не заради овие јунаци, претставува измама која не придонесува за разбирање на историјата и стереотипите и го навредува сеќавањето за овие јунаци. Треба да се признае дека реториката на јамата ја измислила нацистичката пропаганда уште во 1943 година, парадоксално, уште пред да се случат оние настани за кои неодамна беше утврден денот на сеќавањето. За создавање мир и соживот во Европа пресудно важно е да се признаат фашистичките злосторства и да се ослободиме од измамата во врска со сите трагедии, без пребројување на жртвите и барање неприфатливи оправдувања. Затоа треба да се отфрли и осуди секој обид за ново пишување на историјата. Одговорноста никогаш не може да се избрише. Силата на назадувачкиот ревизионизам секогаш демне, а тоа го докажуваат бројните напади на овој споменик.

Ќе завршам со три кратки констатации. Првата е дека најважен споменик на една заедница е нејзиниот јазик, во овој случај словенечкиот. Не случајно фашистичкото легализирано насилство толку силно му се нафрлило на словенечкиот јазик. Јазикот е култура. Потребата за идентитет на некоја заедница и народ може да се оствари преку раскажување. А токму јазикот на тоа раскажување и самиот станува приказна, зашто „медиумот е порака.“ Јазикот е раскажувачки идентитет во најчиста состојба. Мислам дека би било добро како еден вид откупување за жртвувањето на овие маченици, младите од овие краишта да имаат можност да го научат словенечкиот јазик. Барем во овие краишта, во сите училишта би требало да се учи словенечкиот, а бројните училишта ќе мораат да станат барем двојазични.

Значењето на словенечкиот отпор е пресудно за разбирање на смислата на новата европска припадност, која мораме да ја изградиме. Кога национализмите ќе станат фундаментализми, се претвораат во чудовишта. Словенечкиот отпор во овие краишта ни овозможува да сфатиме дека одбраната на сопствениот идентитет не подразбира уништување на другиот, туку претставува можност за средба со поинаквиот. Плурализмот е најголема демократска вредност и треба да го браниме, но воедно е и одлична можност. Се запознаваме самите себеси преку спротивностите! Замислата на нацифашистичка Европа предвидувала целосна хомологизација и укинување на разликите. Европа, родена од отпорот, е заоснована токму врз разликите: „обединети во различностите“ е нејзина девиза. Национализмот е драма во која се зазема положба, како во последно време со некои политички движења во Италија, за негирање и уништување на различните идентитети. Всушност, разликите претставуваат можност за збогатување и треба да се живеат со гордост и толеранција каква што имаме овде. За да го исполни својот потенцијал, Европа ќе мора да го напушти 19-вековниот концепт на национални држави. Цела Европа мора да биде наш дом; плуралитетот на јазикот и културата се темели врз заедничките вредности на демократијата и толеранцијата.

Најпосле, неколку збора за дилемата која словенечкиот отпор толку длабоко ја доживеа во овие краишта: легален или илегален и вооружен отпор? Дваесеттиот век покажа дека, кога ќе исчезне демократијата, вооруженото дејствување, за жал, е неизбежно. И тоа е уште една причина со сите сили да ги браниме демократијата и правата на малцинствата. Па сите ние сме малцинства, припадници на некое малцинство. Ако некоја влада делегитимира некое малцинство, сите стануваме потенцијални жртви. Заради таа причина, како што со право потсетуваме овде, во Базовица, овие маченици ги дадоа своите животи за сите нас, без оглед на нашиот мајчин јазик. Својата борба за целосно признавање на словенечкиот идентитет ја водеа и за нашиот идентитет, за човештвото, за демократијата.

Значи, ви благодарам Фердинанд, Звонимир и Алојз, за вашата жртва, ќе ви се оддолжиме со нашата антифашистичка и демократска посветеност во одбрана на словенечкиот јазик и култура.

Како што вели поетот Мирослав Кошут:

И никогаш да не замре сеќавањето
На времето кое не треба да се врати.

Завршувам со јуначката парола со која Фредо Бидовец го заврши земскиот живот: Да живее Југославија – Смрт за фашизмот. Да живее отпорот на народот против фашизмот, да живее вистината, слободата и правдата! Да живеат правата на малцинствата.

Говор на градоначалникот на Удине, Фурио Хонсел на споменикот на убиените словенечки антифашисти во Базовица.

http://www.mladina.si/160383/videti-fasizem/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото