Груевски: Летово бев во Дизниленд во Париз, ништо посебно, само бледа копија на Скопје 2014

03.10.2014 12:36
Груевски: Летово бев во Дизниленд во Париз, ништо посебно, само бледа копија на Скопје 2014

Скопје/Париз, 3 октомври 2014

Премиерот Никола Груевски по долго молчење денеска конечно призна дека летово со семејството скокнал до Дизниленд во Париз. Тој ги потврди шпекулациите, но и дообјасни дека таму не бил само како турист.

„Многу слушав за тој Дизниленд, ваков бил, таков бил. В’тевме, в’тевме, цел го прошетавме, и слободно можам да кажам дека Дизниленд е само бледа копија на нашето Скопје 2014. На пример, рингишпилот им е така-така, ништо посебно, ни ги украле и барокните сендвичари, има некаков подвижен лифт за пешаци на влезот, како на аеродромите, и тоа им е наместо жичарница, галиите на Петар Пан не се ни половина од нашите, панорамското тркало не им е ниту почнато. Замислете, уште имаат Мекдоналдс, а ние од кога го надживеавме. Единствено, со барокните замоци се малку понапред, но очигледно е дека го имаат украдено проектот на нашите архитекти“, изјави Груевски.

Тој вети дека наскоро благодарение на напорната работа на Владата, туристите од целиот свет ќе немаат ниту една причина да плаќаат скапи влезници за Дизниленд кога го имаат Скопје 2014 бесплатно.

Извор: www.kozanostra.net
Слики: Свирачиња