За еден настан без сенс, деликатност и одговорност

04.10.2014 09:06
За еден настан без сенс, деликатност и одговорност

Не само искреното разочарување и гласните реакции на многумина кои токму врз несогласувањето со „Скопје 2014“ се приближија на нашите партиски политики, туку и мојата лична болка и вознемиреност ме поттикнаа да го ставам своето размислување на хартија и да го споделам со јавноста. Свесна за можната несакана штета што со овој гест ќе ја нанесам на мојата партија, не зашто во неа нема демократски капацитет за издвоено мислење, туку заради сосем веројатната злоупотреба на моето поинакво мислење од страна на центрите за производство на вести контролирани од ВМРО-ДПМНЕ за свои цели, сепак одбирам да влезам во тој ризик.

За неупатениот читател да појаснам: имам силна потреба да напишам збор-два за сопственото чувство во врска со посетата на дел од раководството на СДСМ и лидерот на ЛДП на настан кој се случи во Новиот Стар театар пред неколку дена и кој предизвика лавина реакции во јавноста.

Можно е да сум го згрешила ангажманот бидејќи текстов може да биде доказ дека ме водат емоции а не разум; тоа сигурно не е добра референца за политика. Но - каде сме, тука сме. Она што во моментов ми е важно е да бидам пред сè во потполна рамнотежа со себеси, а не со некој друг. И не само тоа. На потребата однатре да појаснам некои работи ме обврзува мојот повеќегодишен јавен ангажман врзан за „Скопје 2014“ како долгогодишен член на Советот на Град Скопје, член на Советот за култура на СДСМ (сега Комисија), актуелен Претседател на Градската организација на СДСМ - Скопје и актуелен пратеник во оставка во Собранието на Република Македонија.

Најпрвин сакам да го изразам личното незадоволство од односот на сопартијците. Не само што се чувствувам повредена заради нивното непотребно легитимирање на објект од „Скопје 2014“, туку сакам да подвлечам со црвено: за мене е неприфатливо и несоодветно Центарот за комуникации на СДСМ да се обраќа во јавноста со сопштение по повод споменатиот настан во име на целата партија, а во функција на расчистување полемики за приватни присуства на приватни забави. Притоа потполно сум свесна за суптилноста на прашањето, за растегливата граница помеѓу приватното и јавното кај професијата политичар. Сметам дека е коректно за вакви поводи соопштенијата да бидат потпишани од поединци кои лично стојат зад нив со име и презиме (секако, ако тие одлучат да реагираат во јавноста). Јас ниту сум дел од настанот, ниту имам потреба да полемизирам во врска со него преку партиски соопштенија, а најмалку би сакала некој друг тоа да го прави во мое име. Но, за принципите, конзистентноста, ставовите и политиките на СДСМ, вклучително и кон „Скопје 2014“, и нивната поврзаност со присуството на раководството на СДСМ во Новиот Стар Театар, би сакала повеќе, како што е редот, да разговараме во органите на СДСМ.

Кога сме кај „Скопје 2014“, клучниот повод за оваа полемика, ја користам можноста за да го реафирмирам мојот личен став кој жолчно го бранам години наназад во Собранието на Град Скопје и генерално во јавноста. Сметам дека „Скопје 2014“ во најголем дел е културно уништување на нацијата, развратнички проект кој, меѓу другото, е плукање в лице на целиот свет кој со својата солидарност помогна Скопје да се возобнови од катастрофалниот земјотрес; тој „проект“ не само што прави историска пресметка со најсветлиот период од нашето минато, туку со својата анахроност, невкус и криминална реализација бучно зборува за нашата незрелост како општество, за нашата немоќ пред лоповлукот и за нашата културна заостанатост. Тоа е „проект“ кој ги покажува сите комплекси и недостатокот на самодоверба на нашето општество. Јас и натаму по ова прашање го делам истото мислење со сите оние со кои произведовме страници и страници објаснувајќи зошто „Скопје 2014“ е геноцид врз нашето културно, па и национално ткиво. Неговото релативизирање од страна на поединци од опозицијата и сведувањето само на криминал го сметам за чин на афирмација на истиот, за мрачна колаборација со неговите идејни татковци и ѕидање потпорни ѕидови за стиропорните „антички“ фасади.

Би сакала да верувам дека мојата партија и понатаму ќе опстојува на досегашниот наш курс по ова прашање. Би сакала да верувам дека начинот на којшто некои мои сопартијци го „верификуваа“ Новиот Стар театар е само нивна неспретност. Би сакала да верувам и дека сопартијците ќе го почитуваат моето мислење, па и ако не се согласуваат со него.

Осудена да живеам во истата орбита со „Скопје 2014“ (не сакам да бегам од својот град!), свесна сум дека професијата еден ден веројатно ќе ме принуди, спротивно на волјата, да го посетам Новиот Стар театар. Се разбира, тоа сигурно нема да биде мој приватен избор за моја приватна забава. Напротив, ако и кога тоа би се случило, предизвикот ќе биде некаков неодминлив јавен настан или настап, претстава или концерт. Никогаш нема да имам љубов кон таа зграда, знаејќи во какви околности настанала, но својата нељубов не сакам да ја наметнувам. Само во сопствената животна орбита, сферата на културата, инсистирам на повеќе сенс, деликатност и одговорност од оние што би требало да ми бидат блиски, и по политиката и по културата!

03.10.2014.

Слика: Свирачиња