Светски ден на заштита на животните

04.10.2014 12:39
Светски ден на заштита на животните

Секој 4 октомври во целиот свет се одбележува Светскиот ден на заштита на животните. Овој датум е установен уште во 1931 година, кога во Фиренца, на конференција на еколозите, е предупредено за одредени загрозени животни.

Оттогаш, овој датум прерасна во светски ден за заштита на животните посветен на сите животински видови, а последниве години е проширен и на недела на заштита на животните која трае до 10 октомври.

Овој ден претставува повод за бројни поединци и организации од сите делови на светот да предупредат на проблемите со кои животните се соочуваат денес, и да ги поттикнат луѓето да размислуваат за својот однос кон животните, потребата животните да се почитуваат и заштитата на животните навистина да стане важно општествено прашање.

Животните ги загрозува човекот

Според податоците на светските организации, во светот секој ден исчезнуваат стотина животински видови, најзагрозени се морските желки, горилите, пандите, слоновите, китовите и тигрите. Животните ги загрозува човекот и тие се предмет на најсурово искористување токму од него. Нивото на страдање на животните во светот денес е без преседан и ја покажува состојбата на општеството на глобално ниво.

Милијарди животни годишно се убиваат поради храна, повеќето се одгледуваат на индустриски фарми каде ниту нивните најосновни потреби не се задоволени. Милиони диви животни се рануваат, прогонуваат и убиваат, се заробуваат во лов, се истребуваат и се предмет на трговија на црниот пазар, за потребите на производство на крзно. Милиони животни се убиваат во разни експерименти и истражувања. Милиони страдаат и умираат во кафези, циркуси, на синџири или се напуштени на улица, предмет на злоупотреба, прогон и убивање.

Светскиот ден на животните е можност за секој од нас да направи нешто добро за животните од својата околина, да им даде дом, да ги нахрани, да помогне нивниот живот да биде поубав бидејќи и тие, баш како и луѓето, се дел од заедничката планета која без нив би била незамислива.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото