Пред огледалото, и други песни

04.10.2014 14:24
Пред огледалото

ПРЕД ОГЛЕДАЛОТО

Ти немаш очи, а ме гледаш,
ме гледаш ти со мојот лик,
ти немаш стапки, а ме следиш
со мојот глас и мојот вик.
(Ова огледалце крие
какви ќе бидеме ние.)

Ти давам тебе еден насмев
а ти ми враќаш стопати,
ај така секогаш да растат
и твојот сјај и мојот лик!
(Ова огледалце крие
какви ќе бидеме ние.)


„ДА“ И „НЕ“

Да! ДА и НЕ другари не се,
но секогаш заедно одат,
и кај е ДА, вреска и НЕ,
па везден спор зајадлив водат.

И, тргнува НЕ-то по патот,
се лути и сака да бега,
а ДА-то му скока на вратот,
го запира, цврсто го стега.

Штом ДА-то ќе легне да спие
и НЕ-то е тука, се знае;
па саноќ под леглото рие
за ДА-то поткопано да е!

Но штом ќе се разбуди Да-то
си почнува кавгата стара:
„Ај, бегај, крши си го вратот!“
— му вели на НЕ-то, го кара.

Налутени ДА-то и НЕ-то
неразделни ене ги вјасаат,
па мислиш — со два ума светот
подалеку напред ќе втаса.


ЛЕВО И ДЕСНО

Што се случи, што ли стана?!
Каков неред! Светов збесна.
Беше лева една страна,
а пак сега стана десна.

Едно Десно мина лево,
едно Лево мина десно...
Што ли значи ова сево?
Да се снајдеш не е лесно.

Сè се сврте, сè се смеша.
Тргни лево — дојди десно!
Пусти луѓе многу грешат,
ајде сега живеј чесно.

Еднаш треба да се знае
кај е десно, кај е лево;
сè на свое место да е,
да се среди ова сево.


ГЛАВА И ОПАШ

Главата е напред, опашот е назад,
главата е мудра, опашот ја следи;
главата се чува, опашот го газат
иако ги делат само две-три педи.

Станува и така: опашот е глава!
Па си мислиш тогаш — што ли ова ќе е?!
Главата ја газат, опашот го слават,
но на таа глетка секој ѝ се смее.


ЧУВТЕ ЛИ?

Чувте ли, о, чувте ли што стана?
О, штом не сте чуле,
о, штом не сте чуле
— излезете надвор
љубопитни души,
затворете усти,
начулете уши.

Чувте ли, о, чувте ли што стана?
Од капка — река,
од јајце — чекан,
од сламка — пречка,
од болва — мечка.

Чувте ли, о, чувте ли што стана?
Од опаш — шија,
од гајтан — змија,
од влакно — жица,
од мува — птица.

Чувте ли, о, чувте ли што стана?
Од смеа — плачка,
од глушец — мачка,
од лева — десна,
од кавга — песна.

Чувте ли, о, чувте ли што стана?
О, штом не сте чуле,
о, штом не сте чуле
— излезете надвор
љубопитни души,
затворете усти,
начулете уши.

Од стихозбирката за деца „Планета со петел“ (1976)
Цртежи: William Steig, The Unpopular One and Others

Цане Андреевски е поет, раскажувач и писател за деца. Роден е на 10 јули 1930 година во Кратово. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел како новинар и уредник во Радио Скопје. Бил член на редакцијата на списанието „Разгледи“. Член на ДПМ од 1957 година.
Книги: Сончева порака (поезија за деца, 1951), Јаготки (раскази за деца, 1955), Добрина (поезија, 1956), Што има ново (поезија за деца, 1959), Свечености (поезија, 1964), Сребрен поток (поезија, 1969), Планета со петел (поезија за деца, 1976), Македонска љубовна лирика (антологија, 1979), Врски (поезија, 1982), Нашите први учители (повест за деца, 1982), Остануваме на Ножот (повест за деца, 1984), Шинато уво (поезија за деца, 1989), Дарби (приказни за деца, 1990), Разговори со Конески (разговори, 1991), Белата мечка, синиот кит и другите (поезија и проза за деца, 1998), Разговори со Милчин (2001), Малата голема точка (приказни за деца, 2005), Дождот (хаику, 2007)
Извадоците од разговорите меѓу Цане Андреевски и Конески можете да ги најдете на следниот
линк.

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Графички Дизајн / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото