L.O.V.E you Скопје (скулптурен параметар)

06.10.2014 03:16
L.O.V.E you Скопје (скулптурен параметар)

Овој септември се одбележува јубилеј од поставувањето на уметничкиот перформанс L.O.V.E (Liberta, Odio, Vendeta, Etternità, што во превод значи Слобода, Омраза, Освета и Вечност), дело на светскиот уметник Маурицио Кателан. Тоа е краток период, но битна временска дистанца која ни дозволува да вреднуваме едно дело, и во случајов критериум за продлабочување на апсурдот наречен СК 2014. Одличен пример за откривање на координатите во нашиот времеплов.

Преку ова дело можеме да ги разгледаме процесите и анализите со некои од авторите и спомениците во СК 2014.

Инсталацијата L.O.V.E е значајна и поради нејзиниот поширок контекст. Имено, во случајов не се работи само за обична скулптура, туку за цел еден урбан перформанс, кој може да се согледа исто така и низ призмата на вајарството како компарација за зададените критериуми. Урбаната поставка се наоѓа во Центарот на Милано, поточно на плоштадот Афари, на стотина метри од главната катедрала. Значајна локација која изобилува со историско и културно богатство, заштитена со декрет од општината и државата.

Плоштадот Афари е опколен со градби од четири страни, меѓу кои позначајните, кои датираат од времето на фашизмот, Палатата Мецоџорно - денешната берза (1932) и палатата Кадорна (1928) од лево. Ваквата околина потсетува и на нашето потесно градско подрачје и околните градби кои датираат и од тој период, но во случајов не се заштитени, напротив, осакатени се од незаинтересираноста и игнорантскиот однос на самата држава.


 
Aпологија на средниот прст

Во 2011 година Каталан ја организира својата ретроспективна изложба со наслов „Против идеологиите“, која се одвива паралелно на две различни локации. Првиот дел на изложбата е поставен во Кралската палата (Палацо реале), додека вториот дел се одвива токму на плоштадот Афари. Отворениот дел на изложбата е инициран со поставување на мега биста токму покрај палата на берзата. Оваа дрскост го чини илјадници евра, кои тој лично ги плаќа од сопствен џеб. Луксуз кој си го дозволува само за времетраењето на изложбата, првично предвидена да трае 2 недели.

Преку овој концепт, храбро го привлекува вниманието кревајќи го гардот против главниот виновник за состојбата во тој момент(финансискиот колапс), давајќи историска реплика меѓу другото и на фашистичкиот период во кој палатата е изградена.

Впрочем и статуата идејно е замислена како фашистички поздрав на кој му се отсечени прстите, оставајќи го само средниот. Прстот е насочен спротивно од берзата, посочувајќи на вулгарноста и ароганцијата на финанскиот систем и неговите малверзации кои ја генерираа кризата, против народните маси и нивното угнетување.

Во времетраењето на излозбата перформансот прераснува во хепенинг, а граѓаните го прифаќаат со сеопшт ентузијазам. Секојдневно доаѓаат огромен број посетители, пред сè млади и деца кои се сликаат со средниот прст, се восхитуваат, штрајкуваат, навиваат... со еден збор уживаат. Овој простор не бил никогаш толку популарен. Можеби затоа што и делумно е затворен од неповолната градска поставеност. Функционално, овој плоштад претставува паркинг, каде со случајот стана јавен простор збогатен со флуидна содржина. Омилен е кај најмладата генерација чии врвулици од средношколци секојдневно го преплавуваат во попладневните часови.

Ваквата космополитска ракција беше причина Каталан да ја подари скулптурата на градските власти, чија иницијатива беше едногласно прифатена. Тој не бараше никаков паричен надоместок, освен услов скулптурата да не се дислоцира од местото на кое е поставена, за да не ја изгуби својата автентичност. Интересно е дека и двете политички страни и по меѓусебната промена на власта инсистираа да го задржат ова оригинално дело.

Во точно наведениов случај се работи за една скулптура поставена во точно определен простор, спротивно од случајот во Скопје, каде тие се илјадници и блеат во неопределен јавен простор без никаква временска причина. Никоја биста не комуницира со никого, па ниту меѓусебно, а често се и во конфликт со околината. Примери се Царот Душан, арамијата пред судската палата, Триаголникот од Цар Самоил, Воинот и Ченто , помешан од материјали и симболички небитија. Поставеност која генерира хаос и дезориентираност.

Композиција

Битно за овој перформанс е што ја проширува визијата на перцепцијата и излегува од стегите на класичната поставка,иако иконографијата намерно е замислена како таква. Идејата на раката е земена од древните римски скулптури, за да го врати фашистичкиот дискурс кој се повикува на антиката. Затоа и изборот на трајниот материјал, мермерот од карара, не е случаен. Пропорциите ги мутира заради урбаниот контекст во кој се наоѓа, па затоа целокупната биста на дланката е пропорционално зголемена и поставена на точно пресметан постамент. Кателан не се повикува на идеалните пропорции од времето на класиката ,туку на оние современите, бидејќи со комуницира со нив. Успева да постигне одлични димензии и растојанија и со тоа питомо да се прилагоди во градското катче, создавајќи една целина од сите присутни содржини и пред сè елегантни визури од влезните агли. Плоштадот во неделите, кога е речиси празен, воопшто не задава метафизички изглед, кој во случајов би се подразбирал самиот по себе.У спева да го надмине и тој контекст заради самата хроматска неутралност.

Додека Каталан вешто игра и маневрира преку пропорциите, нашата плејада од скулптори мака мачи да склопи барем една скулптура. Никако да го пронајдат она најбитното: хармонијата, радоста, убавината. На пример, лавовите се диспропорционални, главата е поголема од телото, поставени се на раштиман постамент. Доколку овие животни оживеат, постојано би паѓале на главата поради таа несразмерност. Иста е случајот и со споменикот на Ченто. Тоа е базично незнаење на дипломираните скулптори како статички да се постави една скулптура. Упропастена творба и лажен визуален дискурс, заради третата нога (вметнатитот столб) кој го држи (како тој да е неспособен да стои во место и симболично да размислува).Тоа му доаѓа исто како дипломиран книжевник да нема основно познавање од граматиката на мајчиниот јазик кој го говори.

Авторски процес

За Кателан се пишува дека е уметник кој не знае ниту да црта ниту да слика. Човек кој уметноста ја перцепира како голема празнина. Никогаш не се школува и се оформува самостојно кон крајот на 80-тите години. Неговите дела се создадени од форми и личности од реалниот свет кои се против институциите и уметноста. Попознати се „Untitled“. дело во кое се повикува на гестикулацијата помеѓу засечокот на Зоро и Лучио Фонтана; „Stadium 1991“, каде прикажува фудбалски терен со 12 Сенегалци и 12 играчи од градот Чезена; „HIM“, каде Хитлер клечи на коленци и се моли за прошка; Најславна е неговата восочна фигура „Деветтиот час“, со која си заработува светска слава, каде го прикажува папата Јован Павле, искривен и погоден од метеорит. Истата е изложена во кралската академија во Лондон и успева да ја продаде на лицитација за цели 886.000 долари. Го има реализирано и филмот „Кателан е мртов, да живее Кателан“, каде си ја замислува смртта и сè што дневниот печат пишува за тоа. Софистициран визионер кој живее помеѓу Њујорк и Милано, многу популарен и најмногу котиран во галериите. Тој е искрен производ од кој се храни денешниот постлиберализам.

Во споредба со еден ваков богат современ профил, задолжително се поставува споредбата со нашата партиска локална Скулпторка. Таа го создава своето животно творештво без едно дело уметнички стаж или изложба, благодарение на својата политичка гарнитура која ја финансира од државен приход. Нејзиното творештво се темели врз масивно и повторувачко производство на оловни војници, меѓу кои попознат е Воинот на коњ. Доколку се промени политичката ситуацијата и доколку, на пример, едно утре градот одлучи да се ослободи од таа биста и истата се даде на лицитација ,нема да може да се продаде ни по вредноста на бронзата од која е направена. За разлика од Кателан кој самостојно го развива своето творештво, од кое во случајов Милано најмногу добива, ние како држава која инвестираше огромни суми во скулпторката, ништо не добивме .Таа не успеа да се издигне и да излезе од границите на Македонија и да нè преставува низ светот, ако воопшто се работеше за талент. Напротив, наместо ние да и бидеме отскочна даска во нејзината кариера, таа стана државен службеник. И сè уште ќе нè малтретиа со скулптури во слободното време.

Затоа, убаво би било кога и во Македонија би имале чест да видиме некоја современа изложба на уметник од светски ранг, со сета негова енергија. Во Скопје сигурно ќе најде прекрасна атмосфера и инспирација. Од градскиот простор ни останува сè помалку, но за творец како Кателан ќе мора да се обезбеди оној најбитниот, кај владата, пред празниот партер на новата палата Биртија. Таму само ќе мора да го пренасочи правецот на прстот, секако, без никој притоа да му сугерира на тоа.

ОкоБоли главаВицФото