Делба

06.10.2014 10:51
Делба

Воведно поглавје од книгата The Divide: American Injustice in the Age of the Wealth Gap, Spiegel & Grau, 2014.

Последните дваесетина години Америка тоне сè подлабоко и подлабоко во бизарна статистичка мистерија.

На пример, погледнете ги следните три податоци и видете дали се совпаѓаат.

Прво, крвните деликти опаѓаат речиси две децении. На својот врв во 1991 година, според податоците на ФБИ, на 100.000 граѓани имало 758 крвни деликти. До 2010 година, таа бројка падна на 425, што е намалување над 44 проценти.

Намалувањето е кај сите видови тешки кривични дела, од убиства преку насилничко однесување и силувања до вооружени грабежи. Графичките прикази на овој пад покажуваат долга, стабилна надолна линија, која не скокала од година во година туку константно опаѓала.

Второ, иако стапката на сиромаштија главно се намалуваше во текот на деведесеттите, што е барем едно можно објаснување за намалувањето на кривичните дела, сиромаштијата нагло растеше од 2000 година. На почетокот од деценијата, стапката на сиромаштија минимално надминуваше 10 проценти. До 2008 година изнесуваше 13,2 проценти. До 2009 година бројката изнесуваше 14,3 проценти. До 2010 година, 15,3 проценти.

Сето тоа се вклопува со она што инстинктивно веќе го знаат повеќето луѓе од средна Америка. Наспроти она што ни го зборуваат за закрепнувањето по 2008 година, наспроти тоа на што наводно укажува растот на берзата, генерално економијата е во полоша состојба, реалните приходи паѓаат и има помалку пари.

Но, за сето тоа време, насилните кривични дела опаѓаат. Опаѓаат и денес. Спротивно од очекувањата, поголемата сиромаштија не предизвика поголем број кривични дела.

Третиот нелогичен податок е дека во текот на истиот период затворската популација во Америка одеднаш порасна. Во 1991 година во Америка зад решетки се наоѓаа околу еден милион луѓе. До 2012 година пораснаа на 2,2 милиони, што е пораст од над 100 проценти.

Всушност, нашата затворска популација, во овој момент, е најголема во историјата на човечката цивилизација. Денес, во САД, на условна слобода или во затвор се наоѓаат повеќе луѓе (вкупно околу 6 милиони) отколку што некогаш имало во гулазите на Сталин. Ако тоа значи нешто, денес во затвор има повеќе црнци отколку што имало вкупно во целата земја кога ропството го достигнало врвот.

Тогаш, погледнете дали функционира овој силогизам:

Сиромаштијата расте;
Криминалот опаѓа;
Бројот на затвореници е двојно поголем.

Овие појави не се совпаѓаат, освен ако не постои некакво алтернативно објаснување. Можеби сите тие нови затвореници кои се на робија, се вклопуваат во некој нов императив на националната политика. Можеби сите тие прекршиле некои непишани општествени правила? Но, кои?

Додека престојував во Сан Диего и додека собирав материјал за оваа книга, слушнав неверојатна приказна.

Тема беше градската програма П100, според која секој што ќе се пријави за социјална помош, мора да се согласи државните органи заради претпазливост да му ја претресат куќата. Наводно, државата барала доказ дали оној што бара социјална помош има некаква работа што ја крие или партнер што може да плаќа сметки или едноставно да лаже и со измама да земе неколку стотици долари месечно од даночните обврзници.

Една Виетнамка, бегалка и жртва на силување која неодамна дошла во Америка, се пријавила за социјална помош во Сан Диего. Инспекторот што ја посетил влегол во нејзиниот дом и почнал да претура по нејзините работи. Во еден момент ја отворил фиоката со долна облека и почнал да пребарува. Смешкајќи се подбивно, со пенкало подигнал секси гаќи и прекорно ја погледнал жената. Ако нема момче, тогаш што ќе ѝ е ова?

Таа слика, глетка на социјален инспектор кој подбивно подигнува гаќи со пенкало, истовремено кажува многу нешта. Главното нешто е презир. Импликација е дека некој кој е толку сиромашен од даночниот обврзник бара пари, воопшто не треба да практикува секс, а не па да има секси гаќи.

Друго нешто е идејата дека, доколку си сиромашен, нормално е да немаш право ни да помислиш на некаква приватност или достоинство. Подносителот на молбата за социјална помош е помалку вреден зашто е финансиски зависен (а, притоа е и непожелен доселеник од сиромашна земја), така што, се разбира, има помалку права.

Колку и да е навредлива оваа слика, таа ја сокрива извртената логика неодолива за многу Американци, ако не и за повеќето. Дури иако не се сложуваме со неа, сите ја разбираме.

Токму тоа е интересниот дел, делот што сите го разбираме. Сè почесто сите ние во себе собираме кој има право на што, а кој нема. Веќе не е толку едноставно како кога зборувавме дека сите се еднакви пред законот. Сите знаеме дека сега постои уште едно ниво.

Кога бев млад, студирав руски јазик во Ленинград, во последните денови од советската империја. Едно од првите нешта кои ги забележав во таа нефункционална рушевина од лудачка земја е дека постојат две групи закони, една група пишани и една непишани. Пишаните закони се бесмислени, освен ако не прекршите некој непишан, зашто во тој момент токму тие стануваат најважни.

Така, на пример, поседувањето долари или какви било девизи беше номинално забрането, но јас никогаш не запознав ниту еден советски граѓанин што не ги имаше. Државата само многу селективно ги применуваше своите антитрговски закони. Така, некој тинејџер, кој на црната берза продавал шубари во замена за фармерки пред мојот студентски дом, можеше да биде уапсен затшто во џебот имал три долари, додека некој градски функционер слободно можеше да шета по булеварот Невски во потполно ново Савил Роу одело и да не му се случи ништо.

Секој премолчено го разбираше ова лицемерие, речиси на клеточно ниво, длабоко под свеста. За обичниот Русин во советскиот период движењето низ секој момент од животот подразбираше безброј внатрешни калкулации од таков вид. Но, кога на луѓето им беше дозволено да размислат и гласно да ги доведат во прашање непишаните правила, како целата земја да се разбуди од сонот и системот се распадна за неколку месеци. Тоа се случи пред мои очи во 1990 и 1991 година и тоа никогаш не го заборавив.

Сега ми изгледа дека го доживувам истиот процес во обратна насока, додека гледам како мојата земја паѓа во таква делузија од каква советските граѓани еднаш се разбудија. Луѓето загрижувачки се навикнуваат на некаков вид официјално лицемерие. На пример, бизарно сме вкочанети од замислата дека правата не се апсолутни туку дека се уживаат на своевидна подвижна скала.

Да земеме екстремен пример, на еден крај од спектарот – да речеме, во пакистанските или авганистанските села – сега сметаме дека некои луѓе немаат никакви права. Тие можат да се убиваат или затвораат на неодредено време, надвор од секаква правна рамка, од Женевските конвенции па надолу.

Дури и овде кај нас, овој концепт се шири. По бомбашките напади на Бостонскиот маратон, кратко време се водеше расправа во која гласно се прашувавме дали на осомничените Чеченци воопшто ќе им бидат прочитани нивните права за време на апсењето. Колку и да сме бесни заради нападот – а јас, роден во Бостон, сакав да ги фрлиме виновниците во најдлабоката дупка што ја имаме – тоа беше фасцинантен момент од нашата историја. Тоа беше првпат кога всушност не бевме сигурни дали некој американски осомничен криминалец ќе има целосен пристап до законската постапка. Дури ни фенираните глави од телевизиите немаа одговор. Моравме да размислиме.

Се разбира, на другиот крај од спектарот се наоѓаат деловните гиганти, врвните раководители во компании како што се Goldman, Chase и GlaxoSmithKline, дами и господа кои практично според политичка одлука веќе никогаш нема да видат судница однатре, без разлика какви кривични дела ќе направат со своето работење. Очигледно, ова е скандалозно и малобројните Американци кои внимателно ги следеа извештаите како оној за запрениот прогон на HSBC за перење пари од дрога или негонењето на швајцарската банка UBS за местење на каматни стапки, беа бесни и надвор од себеси заради неправдата што на таков начин беше разголена.

Но, вистинското мрачно нешто кај овие приказни е фактот дека се некаде далеку под нивото на интелектот, на стомачно ниво; оние што посветувале внимание сфатиле зошто таквите приказни завршуваат така како што завршуваат. Токму како што брзо научивме да ја прифатиме замислата дека Америка сега измачува и убива одредени странци (а одвреме навреме и по некој Американец) како рутинско нешто и како што престанавме да маршираме кон Вашингтон и да се бунтуваме заради фактот дека тоа се прави во наше име, така научивме да ја прифаќаме премолчената замисла дека некои луѓе едноставно имаат поголеми права од другите. Некои одат в затвор, а некои едноставно не одат. И сите го разбираме тоа.

Бидејќи со години пишував за бизнис криминалот за списанието Rolling Stone, оваа тема ме привлече на почетокот бидејќи ме интересираше појавата моќните криминалци на највисоки положби потполно да се извлекуваат од индивидуална казна за кривични дела кои изгледаат многу сериозно. Сега, тоа е веќе клише; од 2008 година ниту еден високо позициониран раководител од ниту една финансиска институција не е затворен; ниту еден заради кое било од низата систематски кривични дела со кои се избришани 40 проценти од светското богатство. Дури и сега, откако JPMorgan Chase се согласи да надомести над 13 милијарди долари за најразлични прекршоци и додека финансиските медиуми стануваат хистерични околу наводно новиот агресивен државен пристап за регулирање на Волстрит, основниот принцип е: никој не оди в затвор. Ни еден единствен човек од номенклатурата.

Како е можно тоа? Набрзо сфатив дека не е можно да се одговори на тоа прашање а истовремено да не се разгледа кој всушност во оваа држава оди во затвор и зошто. Ова е особено важно кога бројките се толку вчудоневидувачки, од една страна од нула до неколку, а од друга страна милиони луѓе.

Излезе дека е лесно да се пронајде одговор на дел од овие прашања, со едноставна математика. Крупните компании имаат крупни адвокати; повеќето улични криминалци немаат адвокати, а обвинителите имаат аверзија кон долгите војни со мегабанките кои имаат бескрајно длабоки џебови кога можат да забележат лесна победа против некој обичен дилер на дрога, крадец на автомобили или нешто слично. По доволен број такви лесни победи, судската бирократија незапирливо тежнее кон непроблематични осуди кои траат по десет секунди, а се оддалечува од скапите повеќегодишни битки до судско исцрпување.

Меѓутоа, нема сомнеж дека се работи за уште нешто, нешто што навлегува подлабоко во американската психа. Ние негуваме длабок презир кон слабите и сиромашните и потчинувачки страв од богатите и успешните и, исто така, градиме бирократија која им одговара на таквите чувства.

Под слоевите на нашата омраза кон зависните од туѓа помош, прекорот на Ромни кон 47 проценти од граѓаните, под презирот што го чувствува носачот на вода кон оној што ја пие, лежи огромен национален психолошки императив. Многу од нашите национални спорови на некое ниво се расправи за тоа колку точно треба да ги трпиме „непродуктивните“ членови на заедницата. Дури и судењето на Џорџ Зимерман припаѓа на некаков вид национална расправа за тоа дали Трејвон Мартин беше личност која има право да шета по улица без да биде малтретиран, или ѝ припаѓаше на непријатната класа, која е за неколку скали пониско на подвижната скала на правата, па требаше да се наведне... 

Чудно е тоа што вообичаено оправдување за овој расчекор во затворската статистика – несразмерно голем процент затвореници кои се или сиромашни или не се белци, или и едното и другото – гласи дека осудениците потекнуваат од гетата и дека кривичните дела вообичаено се извршуваат токму во гетата.

А вообичаено оправдување за недостатокот кривично прогонување на раководители во корумпираните корпорации за разни кривични дела, гласи дека нивните злосторства не се навистина кривични дела во строга смисла, туку повеќе естетски прекршоци, морално прашални дела кои не се казнуваат со закон. И самиот претседател Обама најави нешто такво во своето срамно интервју за емисијата 60 Minutes.

Но, во практиката, како што сфатив за време на повеќегодишните патувања низ американскиот правосуден систем, излезе дека нештата се сосема поинакви.

Да, има многу насилен криминал во сиромашните населби. И точно е дека токму таму се случуваат најголем број вооружени напади.

Но, за повеќето сиромашни кои ги испраќаат в затвор, без разлика дали само еден ден или десет години, затворскиот живот почнува од приведувања за најмали прекршоци што можат да се замислат. Дали можете да замислите да преспиете в затвор зашто поседувате флуоресцентен фломастер? Или зашто сте завиткале цигара? Или зашто сте заминале до продавница да купите кечап, а не сте ја земале личната карта?

Тие завршуваат в затвор заради истите нешта кои ги прават и богатите барем еднаш во животот, вообичаено како тинејџери – ќе се напијат и ќе паднат, користат дрога, уринираат во мрачни улици, поминуваат низ нечии дворови, заспиваат во вагон во метро, му викаат на момчето или на девојката, прескокнуваат огради. Дури кога ќе направат нешто такво, ги опкружуваат иладници полицајци кои го следат секој нивен чекор.

За тоа време, излегува дека наводно малите прекршоци заради кои не вреди да се испраќаат банкарите в затвор и не се толку мали. Кога еден службеник од споменатиот британски банкарски гигант HSBC, на чии раководители на крајот им е овозможено да платат надомест наместо да добијат затворска казна во најголемиот судски процес за перење пари во историјата на банкарството – почнал да се интересира како луѓето од списокот со терористи или криминалци отвориле сметка во неговата банка, открил нешто необично. Во многу случаи, на имињата на овие клиенти тајно им се додадени точки или запирки, за да ја избегнат компјутерската проверка.

„Такво нешто може да се направи само намерно и тоа мора да го направи банкарски службеник“, рече тој.

Кој заслужува построга казна – некој со факултетска диплома кој свесно му помага на мафијашот или на терористот да отвори сметка во банка или некој без средно образование што ќе заспие во воз?

Новата Америка вели: овој другиот. Дојде до таа точка на крајот од долгиот еволутивен процес, кога владеењето на правото полека ја заменува огромната идиосинкратска бирократија осмислена да ги криминализира неуспехот, сиромаштијата и слабоста од една страна, и да ги штити моќта, богатството и успехот од друга.

Сè уште имаме вистински судења со порота и слободни избори, сите површни карактеристики на функционална, слободна демократија. Но, под таа површина се крие декоративна малеволентна бирократија која главно (не апсолутно, но главно) ги држи богатите и сиромашните на меѓусебно растојание со помош на илјадници ситни, едвај видливи неправди.

На пример, иако судењето можеби ќе биде слободно и често, очигледно нечесните калкулации играат улога во тоа кој ќе биде обвинет за некое кривично дело, а кој не. Или, кој обвинет ќе заврши в затвор, а кој ќе се извлече со парична казна. Кој престапник ќе заврши со кривично досие, а кому ќе биде овозможено порамнување со државата без признавање на вината. Кој крадец ќе плати отштета од својот џеб, а кому ќе биде овозможено истата да биде платена од страна на компанијата за која работи. Во кои населби ќе патролираат илјадници полицајци, а во кои нема да има ниту еден.

Во тоа се крие новиот деспотизам, во илјадниците произволни одлуки кои го опкружуваат нашиот инаку транспарентен систем со поротни судења и внимателно наведени права на осомничените. Овој непрегледен недемократски механизам, како што се покажува, е составен од низа неправди, големи и мали, од огромни национални концепти како планот за „колатерални последици“ на Ерик Холдер, кој овозможува попустливост за „системски важните“ компании, до малите локални скандали, како кога њујоршките обвинители ги кршат правилата за брзо судење за да извлечат признанија од сиромашните обвинети кои не можат да платат кауција.

На одредено ниво, повеќето луѓе го сфаќаат тоа, но не ги разбираат размерите, зашто целиот живот им се случува на едната страна од равенството. Ако сте родени во богато семејство веројатно не знаете колку лесно некој сиромашен може да заврши в затвор, често заради истите глупости кои и вие самите сте ги направиле во младоста.

А ако сте сиромашни и немате многу искуство во светот, веројатно не знаете за размерите на криминалните измами со кои моќните и политички поврзаните можат да се извлечат, пред носот на богаташката полиција.

Ова е приказна за која не треба да се наведуваат посебни аргументи. Треба само да ја видите и таа самата доволно зборува за себе. Но, ние така ги поставивме нештата, проблемов практично да е невидлив за повеќето луѓе; доколку активно не се обидат да го видат.

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото