Supergirl

06.10.2014 11:43
Supergirl

SUPERGIRL

Таа мириса на пабови и трезна љубов,

додека телото ѝ танцува по булеварот во

ритaмот на локните под сивото капче.

Нејзините чизми го газат секој обид да

ѝ биде кажано оти има раце

со кои човек би можел одново

да се запише во книгата на родените.

Југот е на нејзиното десно рамо,

па зборува со птици преселници,

низ поезија со небесна метрика,

за моќните крилја што ѝ ги отсекле мажи,

за украдените перја што ѝ ги носат жени,

и за тоа дека не смее да заплаче,

cause she’s a supergirl,

and supergirls don’t cry.

 

ЛЕТАЊЕ

Ти зборував за денот кога ќе ни пресушат раните,
а ти ми велиш: Ќе имаме лузни пораскошни од делтата на Нил.
Ти зборував за денот кога ќе престанат молњите
и небото ќе се преслече во скарлет боја, а ти ми велиш:
Залудно е, во мојата душа секогаш ќе грми.
Ти зборував за денот кога сите ќе имаме еден пат,
а на тој еден пат – еден Бог, а ти ми велиш:
Зарем мислиш дека вчера беше поинаку?
Ти зборував за денот кога конечно ќе собереме храброст
да си наметнеме крилја на плеќите,
ти Дедал, јас Икар
и да ги разбеснеме океаните,
да ги раскинеме зашиените облаци,
да ги обесчестиме врвовите кои никој не ги допрел…
А ти молчиш…
Веќе беше одлетал.

АКТЕРКАТА

Не е сигурна дали

сака физичка љубов,

две или три маслинки

во своето мартини

пред да му се јави,

четири или пет чаши

пред да му признае.

Не знае дали ноќва

да ја исече долгата коса

и да заспие во солзи...

или со слабите раце

да го освои првиот шанк

и да глуми силна за

Еми, Тони, Оскар...

Не може да сфати

што е болка, 

што е среќа,

каде започнува првата,

каде завршува втората,

која е таа,

кои се другите...

и зошто тие 

што се искрени со себе, 

денес ги сметаат за луди?

Quentin Scribbler се роди пред седум години. Растеше во лакримариумот што го наполнија неколку искршени порцелански души, нахранет со нивните надежи дека зборовите ќе ги исцелат и тие одново ќе бидат составени. Никој не веруваше дека ќе преживее. Оние што попатно застануваат да го впијат доброто од светот заразен со болка и разочарувања, секогаш се брзо прегазени од забрзаната врвулица што ита кон замислените, лажни врвови... Но тој преживеа... Се провлече низ виртуелните страници на своите три блогови и сè yште дише...

Слики: Onur Gülfidan

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото