Рушењето на груевизмот не е единствената цел

06.10.2014 12:43
Рушењето на груевизмот не е единствената цел

Расправите што последниве денови се водат главно во опозициските кругови и кои беа предизвикани од журката што во Новостариот театар ја приредија Радмила Шекеринска и нејзиниот сопруг - не се несуштински. „Судирот на левицата“ не е предизвикан од потреба за курчење, од егзибиционизам, ситничарење, досада, замор или поради пропагандните потреби на овој или оној политички табор. Ми се чини, токму е обратно: „судирот на левицата“ ги допира најсуштинските политички и културни прашања на нашето општество и држава: кои сме ние („Антички Македонци“?); што правиме (се бориме против вредностите на „гнилиот Запад“?); каде одиме (не е битно, но кон ЕУ сигурно не одиме?).

Друго е прашањето дали опозицијата има политичка полза од отворањето на овие прашања токму сега. Можно е дека полемиките внатре меѓу опозиционерите да создаваат штета за антигруевистичката кауза, иако не сум толку сигурен во тоа. Нашето речиси мртво општество, во кое веќе ни не постои јавност (надвор од улиците, кафеаните и Фејсбук) истргало многу поголеми драми за толку да се тресеме над една повеќе-помалку изолирана расправа. Ние со години имаме мртов стаорец негде под патосот (под темелите на градот?), но со години се правиме дека не можеме да ја одредиме локацијата на лешот; или просто ги затнуваме ноздрите.

Но, дури и отворените полемики да му прават штета на СДСМ, за тоа требаа да размислуваат челните луѓе на таа партија пред да го сефтосаат „барокниот театар со златните вецеа“. Затоа се мошне перфидни извртувањата на некои опозициски пропагандисти; темата не ја отворија критичарите на гестот на Шекеринска, туку самата потпретседателка на СДСМ! А СК014 не го измислија неговите критичари (ниту двестоте главно млади луѓе што излегоа да бидат истепени на 28 март 2009 година), туку тој епохално идиотски проект го создаде еден (како што ќе покаже иднината, убеден сум) не баш пресметлив тиранин којшто успеа да магепса и потчини речиси сè што стоеше на патот на неговите простаклуци и опседнатости.

Значи, темите за кои велам дека се суштински за нацијата (и кои сеуште се отворени)заправо ги отвори манијакалниот режим кој пред осум години (а особено агресивно од 2008 навака) тргна во еден во современа Европа досега незабележан културен инженеринг чија цел е во рок од десетина години да биде променет идентитет на македонскиот народ преку ревизија на клучните културно-историски парадигми кои всушност го сочинуваат тој идентитет.

И наместо живо и диво, шуто и рогато да се мобилизира против ваквиот културен инженеринг, дел од опозицијата се обмотува околу груевистичките политики како тепих околу најостро сечиво! Добога, па нема позначаен светски или регионален медиум кој не ги исмеал (како што вели Тричковски) чинечитанските кулиси на СК014! Нема ниеден барем малку културен странец кој не се засркнал и веднаш потоа не преминал во хистерично смеење соочувајќи се со карневалскиот градежен карусел што ни го истопорија среде центарот на градот! Добога, да е само уништената зграда на владата, Груевски во историјата ќе остане запаметен како еден од најкичерските и најдеструктивните европски владетели! Да е само Триумфалната капија... Ама, барокизираната зграда на владата (инаку, едно од најзначајните модернистички дела во историјата на македонската архитектура) или Триумфалната капија не се ни стоти дел од уништувачкото стампедо кое нè гази цели осум години!

И сето тоа треба да се правиме дека не го гледаме зашто раководството на СДСМ (стандардно, речиси 25 години) е оперирано од прашањата на културата и насочено божем строго прагматично: кон парите и моќта (културата ја разбираат - и тоа Шекеринска го покажа некни - исклучиво низ две димензии: културата како билдање на национализмот и културата како украс, декорација, простор да се покажат тоалетите; тоа е истиот начин на којшто и груевизмот ја разбира културата, само илјада пати попомпезно).

Засегнат од тие драматични случувања во кои е бутната мојата земја, од првиот момент сфаќајќи со кого си имаме работа (за разлика од Бранко Црвенковски, Тито Петковски и речиси целото СДСМ кои тоа го сфатија дури 2008, кога груевизмот веќе ги држеше сите лостови на моќта почнувајќи да забегува во сеопшто понижување и насилство), напишав стотици текстови (во мали, отсечени медиуми) против Груевски, ДПМНЕ, режимот, антиквизацијата, СК014, деструктивните идентитетски политики... Се разбира, иако не допирав до некаква поголема јавност, од груевистичките кучиња сепак уредно бев испратен на суд и казнет, ко што им прилега на „предавниците и соросоидите“.

Но, откако некни упатив релативно блага критика кон одредени блазирани, неодговорни, па во голема мера и аздисани опозициски кругови, почнаа да ме маваат по прсти „моите“; кобајаги блиските, по културно-политичките прашања, почнаа да ми велат дека сум претерал во критиката?! Опозициските корифеи почнаа да врескаат дека цели седум дена, еј!, ние, критичарите и мал дел од опозициските медиуми, сме се се бавеле со несуштински работи! Ни више ни мање, сме им набацуеле центаршутеви на режимските голгетери! Сме ја нарушуеле опозициската хармонија! Итн.

Пак ќе прашам: ако просторот на разумот (јавната сцена) речиси сосема е покриен од спинери, лудаци и простаци, ако која било расправа по која било тема има исклучиво пропагандистичка функција, ако оние што одлучуваат се сосема ослободени од какво било консултирање или слушање на други гласови (стручни, опозициски, граѓански, засегнати итн.) - што е тогаш она „конструктивното“ кон што треба да се насочиме?! Како разумот може да го победи лудилото?! Како јавниот интерес може да го победи пропагандизмот?! Како мирољубивоста може да победи режим чија суштина е насилството?! Би прифатил ваков одговор од „конструктивните“ и „кон суштината насочените“: „основен приоритет е да се спаси голиот газ“. Океј, тоа е несоборлив аргумент. Животот е над сè . За ултимативен живот сме, макар и го поминале во резервоар со гомна со сламки во устата. Но, ве молам, вас „конструктивните“, тогаш не ми ја продавајте каузата на спасот на голиот газ како врвна политика, принципиелност, конструктивност и насоченост кон суштината! Најпосле, јавноста и расправите постојат токму за да искристализираме што е суштина! (Се разбира, поискрениот одговор на „прагматичарите“, „Абе, важно е да ја освоиме власта, после ќе му ја мислиме!“, ми е сосема неприфатлив.)

До пред година-две (моја преломна точка беше смртта на пријателот, Роберто Беличанец, во јуни 2013), мислев дека приоритет над сите приоритети е рушењето на груевизмот. Во име на таа цел, на таа „суштина“, бев спремен и за спуштање во танкот со гомна - сето друго изгледаше мало и небитно пред единствената цел која има смисла: да се срушат тираните за одново да дувне макар и искркорено, астматично ветренце на слободата (оти здивот ни е слаб како едвај присутен развигор - го гледаш само во благото занишување на најтенките тревки - во трева што чека да биде покосена). Денес веќе не сум толку сигурен во ултимативноста на таа цел. Денес ми се чини дека ни е потребно и нешто повеќе, како цел, од рушењето на најлошиот политички поредок што земјава го имала последниве седумдесет години.

Слики: The Royal Art Lodge