Зашто не паѓа од небото брашно

07.10.2014 15:07
Зашто не паѓа од небото брашно

За дрвата за гориво

Некое време сами си ишле дрвјата од планина. На некој човек ќе му притребале ли дрвја, ќе си рекол: „Ми требаат утре дрва“ и ќе си дојдат. Сам господ им ги праќал: за печење, за варење, за готвење, за сè што ќе им притребало; тогај јаглења немало - дрва!

Некоја жена си месила зелник, дрвата ги немало, и се забавиле, и тогај она отишла да ги пресрете. На патот ги стрела и ги јаанала. На господа му дошло криво, ги запрал дрвата и не одиле веќе. И ѝ рекол на жената:

-Сега ги јааше ти них, па отсега тебе ќе те јаајат!

Си ги изела на рамо и си ги донела дома и од тогај престанале дрвата да идат сами, што и до сега сиротички жени ќе идат на работа в поле, или на афион, ќе си наберат дрва и на рамо ќе си донесат.

Зашто не паѓа од небото брашно

Брашното врнело како снег. Кога некоја кори сукала, па детето ѝ се посрало, она зела една кора, го избришала. И господ тогај рекол:

-Со мака да работиш, да јадеш!

И од тогај останало да се мачат, да работат, да имаат, да јадат; не е това готово брашно да врне, та да има да јадат.

Извор: Преданија и легенди, избор и редакција: д-р Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје, 1969.

Слика: Victoria De Almeida

Слични содржини

Култура

ОкоБоли главаВицФото