Контролен механизам

08.10.2014 09:38
Контролен механизам

Контролата на општеството - од поединци до институции - е најважната, ако не и главна преокупација на власта. Изгледа парадоксално, но таа нејзина потреба расте правопропорционално со опфатот на контролата. Што може да се види во нашиот случај. Иако речиси не остана ништо што не е зависно, директно или посредно, од Владата - Големиот брат (или братучед, сеедно) гледа сѐ - таа не престанува со градење нови или со усовршување на старите контролни механизми. Тие се разликуваат само според местото каде што ги монтираат.

Најновиот изум се вика државен испит за студентите на сите универзитети, и државни и приватни. Ќе го полагаат по втората, односно по четвртата година студии, а ќе го спроведува некој центар, се разбира државен. „Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование“, објасни Абдулаќим Адеми. Бе разлика што е министер, тој знае дека квалитетот на образованието не зависи (ниту се поправа, ниту се расипува) од еден испит, макар бил и државен. За тоа требаат анализи, реформи, визии, работа што не гарантира фотелја, не завршува во еден мандат, ниту со еден потег. Единствено што сакаат да изградат со испитот е „механизам за следење“ со кој студентите и професорите лесно може да бидат изложени на уцени, корупциски шеми, на притисоци, накратко – ставени под контрола на лидерот, министерот, премиерот, на тие од чии оценки ќе зависат. Механизмот е вистински одговор на прашањето: Што се случи со автономијата на универзитетот?

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото