Астероидот Букефал ја внесува Македонија во ЕУ во 2036 година

08.10.2014 10:44
Астероидот Букефал ја внесува Македонија во ЕУ во 2036 година

Скопје, 8 октомври 2014

По најавата на медиумите дека астероидот 995732 Букефал најверојатно ќе удри во Земјата во 2036 година, тим астрофизичари од институтот Павел Шатев во Скопје објави дека според нивните пресметки ударот на овој астероид би можел да ја внесе нашата земја директно во Европската унија.

„Правевме компјутерска симулација на земјината ротација и точно го пресметавме местото на планетата Земја на кое Букефал ќе удри на 13 април 2036 година. Според нашите калкулации, Букефал ќе удри точно вo Паљурци под многу мал агол, што во истиот момент ќе предизвика огромно поместување на копнената маса на цела Македонија и Балкан кон север. Потоа, нашата земја ќе се наоѓа некаде меѓу денешна Чешка и Германија. Со други зборови, ќе бидеме во самото срце на Европската унија“, со насмевка објаснуваат од институтот Павел Шатев.

Веста за влегувањето на Македонија во ЕУ во 2036 година веднаш предизвика одушевување на сите домашни функционери, институции и политички партии.

„Со радост ја дочекав веста за влезот на Македонија во ЕУ. Ударот на астероидот Букефал е извонредна вест за нашите граѓани, бидејќи тоа значи дека во следните сто години нема да мораме да ги усогласиме цените и законите со европските, како и дека нема да мораме да ги решаваме проблемите со корупција и гушење на слободата на говорот. Астероидот Букефал ќе ја внесе Македонија во ЕУ без оглед на барањата на Европа, што е големо олеснување за нашите граѓани, особено за оние кои се навикнаа да работат со корупција, како и за чиновниците од државната администрација кои нема да мораат да го променат начинот на работа и да се едуцираат“, изјави премиерот Никола Груевски.

„Секако, тоа ќе има и негативни страни. На пример, по ударот на астероидот сите ќе бидеме мртви и спалени, но тоа се факти кои мораме да ги прифатиме ако сакаме да останеме на главниот курс на оваа држава и нејзината влада од последните осум години, а тоа е влез во ЕУ“, рече Груевски.

Министерот за финансии Зоран Ставревски веќе има акционен план за подготовка на овој настан.

„Ова е извонредна прилика за големо придвижување на нашата земја кон Европа. Освен што Букефал ќе ја внесе Македонија во ЕУ, неговиот удар на нашата земја ќе ѝ донесе уште неколку споредни благотворни ефекти. Сите пропаднати фирми на кои државата троши пари за да ги одржи во живот тогаш ќе бидат срамнети со земја, што ќе биде значително растоварување на државниот буџет. Исто така, државата повеќе нема да мора да исплатува пензии, што навистина ќе го ослободи нашиот буџет од огромните трошоци и ќе ги отвори вратите за инвестирање во Македонија“, вели Ставревски.

Запрашан што мисли за шпекулациите дека астероидот Букефал би можел да ја промаши Земјата и така да ги загрози нашите планови, Ставревски одговори дека не треба да се занимаваме со хипотези и нагаѓања.

„Веќе размислувавме за таа можност и имаме решение. Во случај Букефал да го смени курсот, ќе го ангажираме Брус Вилис да слета на астероидот и да постави експлозивна направа која повторно ќе го насочи кон Македонија, како што веќе го изведе тоа во филмот Армагедон. Знаеме дека услугите на Вилис не се евтини, но ова е можност што не смееме да ја пропуштиме, па можеме да се позајмиме уште некој милион за да ја оствариме целта“, објасни Ставревски.

Извор: www.njuz.net
Слика: Свирачиња