Во Каталонија изгласан еден од најпрогресивните закони против хомофобија

08.10.2014 10:03
Во Каталонија изгласан еден од најпрогресивните закони против хомофобија

Каталонскиот парламент изгласа закон според кој нападот на ЛГБТ лице ќе биде казнет со парична казна од 14 илјади евра. И покрај противењето на владејачката конзервативна партија, Каталонија направи светски преседан во борбата против хомофобијата.

„Без пропишани санкции, овој закон би се свел на обично писмо со некаква намера. Тој треба да биде средство за одвраќање“, изјави за El Pais левичарската политичарка Ана Симо.

Противниците на законот не се согласуваат со делот во кој стои дека извршителот е виновен додека не се докаже невиноста, а не невин додека не се докаже вината, како што обично е случај, и сметаат дека со овој закон се привилегира ЛГБТ малцинството. Меѓутоа, Дејвид Компани од Iniciativa per Catalunya Verds тврди дека законот „не е привилегија за геј популацијата туку ги зголемува правата на малцинството“.

Иако Шпанија, глобално гледајќи, е земја во која хомосексуалноста е најмногу прифатена (88%), а склучувањето истополови бракови е овозможено од 2005 година, резултатите од едно интернет истражување покажаа дека во претходната година 40% од геј лицата и 45% од бисексуалците доживеале некој вид насилство или заплашување.

„Збеснувам кога ќе слушнам дека поединци го негираат или намалуваат степенот на дискриминација на кој сме изложени“, вели Микел Икета, каталонски социјалист.

Потсетуваме дека и минатата година Европскиот парламент изгласа резолуција против хомофобијата и дискриминација на хомосексуалците и ја повика Комисијата да подготви чекори за да им се обезбеди рамноправен третман на ЛГБТ лицата. Вера Јурова, главната повереничка за правосудство на ЕУ, изјави дека нема потреба за тоа, бидејќи сеопфатната антидискриминациска директива на Унијата за сега е доволно добра.

Извор: Voxfeminae