Билката на спасот од онаа страна на законот

08.10.2014 13:51
Билката на спасот од онаа страна на законот

Пред точно една недела, министерот за здравство Златибор Лончар најави можност за легализација на марихуаната во медицински цели. Не кажа ни кога, ни како, но вети дека ресорното министерство нема да прави проблем користењето канабис да се воведе како овдешна медицинска пракса. Со оваа изјава министерот им влеа надеж на бројни пациенти со тешки болести во Србија кои со години наназад слушаат (и читаат) за чудотворните ефекти на канабисот кои привилегираните жители на земјите кои веќе го одобриле можат да ги почувствуваат на својот организам.

(НЕ)РЕАЛЕН ОПТИМИЗАМ: Поборниците за легализација се оптимисти, иако министерот до крај остана многу внимателен во својата изјава, нагласувајќи дека „работите треба да одат по својот тек“, што подразбира основање комисии и организирање јавни расправи и стручни колегиуми на тема на корисноста, односно потенцијалната злоупотреба на оваа одлука.

Владан Голубовиќ од Хуманитарната мрежа на организации и поединци „Лекализирај“, која минатиот викенд одржа многу разумна трибина за користењето марихуана во медицински цели, е уверен дека е реално да се очекува дека уште во ноември ќе се работи на промена на законот, на пролет ќе се легализира употребата на канабисот во медицински цели, а во септември ќе тргнат во првата берба.

Колку ваквите очекувања се реални во земја во која сите одлуки се донесуваат бавно, особено кога подразбираат разбивање на стереотипите и предрасудите?

Адвокатот д-р Вељко Делибашиќ, автор на книгата „Сузбивање на злоупотребата на опојните дроги од гледна точка на кривичното право“ смета дека тоа е прилично оптимистичка прогноза.

„Верувам дека ќе се започне таа процедура и дека еден ден ќе заживее, но ми се чини дека ниеден политичар не сака да ризикува да излезе во собранието со таков предлог и противниците да го окарактеризираат како заговорник на нарко-мафијата, со што би изгубил поени кај гласачите кои и понатаму во голема мера ја сметаат марихуаната за искучителна закана по општеството“, вели Делибашиќ за Време и додава: „Мислам дека патот е сосема поинаков. Би требало пред сè да ги едуцирате граѓаните на таа тема. За почеток, би требало да се објасни дека тој проблем не може да се реши со кривичното право, туку дека работата е во рацете на медицината и фармакологијата.

Процедурата со која се одредува дали некој препарат, односно кое било средство добива својство на лек е многу јасна и таа процедура би важела и за марихуаната. Значи, некој производ кој во себе содржи марихуана (било да е во облик на масло, чај или цигари за пушење), мора да помине цела процедура за да се регистрира како лек и тука главниот збор го има Агенцијата за лекови и медицински средства на Србија (АЛИМС). Процедурата е, објаснува Делибашиќ, комплицирана, скапа и долго трае. Прво науката, медицината и фармакологијата, треба да докаже дека тоа нешто има лековито својство. Кога тие ќе го докажат тоа научно, следи експерименталната проверка на пациентите и дури кога производот успешно ќе ги помине сите тие испитувања Агенцијата може да го препорача како средство за лечење.

„Но ниту во тој случај марихуаната не би била декриминализирана, односно легализирана, во смисла дека може да ја користи кој сака, колку сака и како сака, туку би бил ставен во промет одреден лек кој во себе содржи опојна дрога и кој во тој случај се произведува, дистрибиура, продава и конзумира. Има многу лекови кои во себе содржат некои други опојни дроги, најпознати за широката маса се бенседин и бромазепам и кога добивате рецепт кај лекарот, вие со самото тоа сте овластени да го купите. Потоа одите во која било аптека, го купувате и го користите во согласност со упатството на својот лекар, значи не правите никакво криминално дело и не сте во никаков проблем со законот, бидејќи постапувате врз основа на овластување кое ви го дал лекар. Во тој контекст, можно е и некој препарат кој во себе содржи марихуана (ако се докаже дека е лековит) да им се направи достапен на луѓето кои сакаат да се лечат со негова помош. Секако, тука повторно главниот збор го има медицината, фармакологијата и министерот за здравство кој ќе го одобри или нема да го одобри тоа.“

РЕЦЕПТ ОД СОСЕДСТВОТО: Бидејќи процедурата е скапа и долго трае, Делибашиќ смета дека компромисно решение би можело да биде да се следи примерот на земјите кои веќе регистрирале препарати што во себе содржат марихуана како лековито средство или лек. Можно е и да се преземе од тие држави комплетниот елаборат за тоа како тие во своите земји добиле дозвола да го спроведат тоа во пракса. Во тој случај, целата процедура би се одвивала побрзо, бидејќи резултатите кои се таму постигнати нашите стручњаци од медицината и фармакологијата практично само би ги верификувале.

Канабисот и неговите препарати за медицинска употреба денес е можно да се добијат легално во речиси сите развиени земји во Европа: Австрија, Чешка, сите скандинавски земји, Германија, Италија, земјите од Бенелукс, Велика Британија, Швајцарија, Полска, Унгарија и Словачка. Во светот оваа билка ја легализираа Израел, Канада, Уругвај, Мексико, САД и Австралија. Чистиот екстракт од канабис, во форма на орален спреј, формално е регистриран како лек во Европската унија, САД и други земји. Покрај спрејот, легално може да се купат и таблети кои содржат канабиноид, како и капки. Меѓутоа, маслото од канабис и понатаму најчесто се прави илегално.

Во овој момент, во Германија, на пример, постојат вкупно 5.000 пациенти кои го користат канабисот како лек и повеќето од нив не го набавуваат во аптеки. Во споредба со другите земји како што се Канада, САД, Израел или Холандија, каде цените на медикаментите на база на канабис се значително пониски, тоа е занемарливо мал број. И додека во Германија друштвата за здравствено осигурување ги преземааат тие трошоци само за пациенти заболени од мултиплекс склероза на кои не им помага ниеден друг лек, во Холандија многу друштва за здравствено осигурување го преземаат трошокот за ТХЦ терапија за повеќе заболувања кои се третираат. Инаку, првата специјална дозвола за користење канабис од аптека во Германија е издадена во 2007 година, откако Сојузниот управен суд пресуди дека барањата на пациентите не смеат да бидат паушално одбивани, односно дека секој поединечен случај мора посебно да се провери. Во Германија одгледувањето марихуана во лична режија им е одобрено неодамна само на тројца пациенти, и тоа со одлука на судот. Меѓутоа, во други земји законите се многу потолерантни. На пример, во Канада околу 20.000 хронично заболени имаат дозвола за одгледување марихуана во терапевтски цели, додека 30.000 од нив имаат право да купуваат во аптеки. Во Шпанија и Португалија и болните и здравите конзументи смеат да одгледуваат марихуана во домашни услови. Така е и во Уругвај и Холандија, каде бројот на билки кои смеат да се одржуваат во домашни услови е ограничен на пет.

Соговорникот на „Време“ вели дека во ниедна од земјите кои ја одобриле употребата на марихуана во медицински цели не е забележан пораст на злоупотребата на опојните дроги, ниту на степенот на криминалитет во таа смиса. Напротив, во многу земји тој проблем се намалил. Да речеме, во Уругвај, секој што сака да користи марихуана има можност да се запише во државниот регистер како корисник на марихуана, а потоа има право секој месец во аптека да купи 40 грама канабис. Корисникот кој купува марихуана во аптека точно знае што купил и како да го користи производот, а тоа купување подразбира и прилив на пари од акцизи во државниот буџет кој исто така може да биде искористен за лечење.

СЛАВНОТО ОСМО МЕСТО: Токму во лечењето е суштината на целата оваа приакзна. И покрај мислењето на дежурните критичари кои насловот „Легализирање на марихуаната“ го гледаат како отворање на вратите пред сите оние кои ја пушат рекреативно, поентата на овој новитет е да им се помогне на луѓето кои секој ден се соочуваат со одбројување до крајот на животот, мачнина поради хемотерапијата или неподносливи болки.

Иако скептиците никогаш нема да поверуваат во лековитото дејство на марихуаната, бројни медицински испитувања покажаа дека таа дава навистина запрепастувачки резултати.

На пример, утврдено е дека клучната состојка на марихуаната „делта-9 тетрахидроканабинол“ (ТХЦ) го намалува очниот притисок за околу 25 отсто. Две студии на институтот California Pacific Medical Center Research од 2007 и 2010 година покажаа дека канабидиолот (ЦБД) го спречува ширењето на ракот на дојката така што го регулира, односно блокира делувањето на генот ИД1 кој е одговорен за создавање на метастазите. Студија на Универзитетот Колумбија од 2007 утврди дека вдишувањето канабис го зголемува апетитот на заболените од ХИВ и сида, а друго истражување спроведено на San Diego School of Medicine на Универзитетот Калифорнија од 2008 откри дека марихуаната значително ја намалува невропатската болка кај болестите поврзани со ХИВ.

Освен тоа, експертите денес не негираат дека канабисот помага при несоница, стрес, губење на апетитот и главоболката; дека помага при тегоби (од хемотерапија, сида, рак, морска болест), астма, мигрена, висок притисок, епилепсија, грч на мускулите, болка во грбот, артритис, ревматизам, забоболка, чистење на белите дробови (од никотин и други отрови) и искашлување и дека ги ублажува последиците од сида, тумор, рак, мултиплекс склероза и глауком (старечко слепило).

Исто така, ретко кој од стручњаците негира дека пушењето марихуана предизвикува зависност, но можеби најдобриот одговор на тоа колку е навистина опасна по поединецот и општеството го дава д-р Дејвид Нат, некогашен член на Британскиот комитет за безбедност на лековите и поранешен претседател на Европскиот колеџ за невропсихофармакологија. Нат во 2010 година, по повеќегодишно истражување со колегите од Универзитетот во Бристол, објави таблица каде ги рангираше супстанците кои предизвикуваат зависност и тоа според степенот на штетност кој го предизвикуваат врз поединецот и неговата околина. На прво место е алкохолот. Тутунот е на шесто, а марихуаната - на осмо место. Па сепак, тие два артикли без кои просечниот Србин не го почнува, односно не го завршува денот, овде се во слободна продажба, со мал исклучок на белградската „прохибиција по 22 часот“.

И така повторно се враќаме на почетокот на приказната - дека легализирањето на марихуаната во медицински цели во овдешниот свете пред сè политичко прашање. Оние кои повеќе немаат што да изгубат и кои во тоа го гледаат единствениот излез, од општеството бараат само едно - да им овозможи право на тој вид лечење и да престане да ги третира како криминалци поради тој избор, тенденциозно доведувајќи ги во ситуација да доаѓаат илегално до препарати кои во други земји важат за лекови.

Извор: vreme.com