Приказни за сонцето (7) (Подражавање на сонцето)

08.10.2014 13:48
Приказни за сонцето (7) (Подражавање на сонцето)

Смртта на сончевиот татко

На три чекори од врвот на небото
Од липата во вечен цут
Старото сонце застанало

Поцрвенело позеленело
Се свртело околу себе трипати
И се вратило кон својот исход

(На наши очи да не умре)

Велат дека има дете сончевец
Додека окато и за нас не се роди
Ќе го научиме мраков да свети


Слепо сонце

Сакати два зрака
Слепо сонце водат

Утрото е на печалба
Отаде небото
Не е на својот праг

Пладнето ниско паднало
Се влече со молњите
Никогаш не е дома

Вечерта во свет заминала
Со постелата на грб
Пита на некоја ѕвезда

Со раширени раце
Само ноќта излегла
Во пресрет на слепото сонце

Судир во зенит

Се родило модро сонце
Под левата пазува на небото
Се родило црно сонце
Под десната пазува на небото

Се качува модрото се качува црното
Кон кулата во зенит
Каде што пустошот сега столува
Се симнавме голи в себе

Ги отвораме кртичниците
Го шепотиме тајното име
На своето роднокрајно сонце

Златниот триножец од кулата
Тргнал на три страни


Подготовки за дочек

Ја подигнуваме портата
Од своите расцветани коски
На влезот во небото

Простираме половина душа
Крај една небеска падина

Смислуваме трпеза
Од своите скаменети дланки
На самиот небесен врв

Простираме половина душа
Низ друга небеска падина

Градиме постела
Од своето разлистено срце
На излезот од небото

Сево ова го правиме в мрак
Сами без помошта на времето

Се прашуваме дали тоа стварно
Се подготовки за дочек
Или само за испраќање

Полноќно сонце

Од големото црно јајце
Ни излегло некакво сонце

Ни светеше врз ребрата
Го отвори ширум небото
Во градите наши кутри

Заходило воопшто не
А ни исходило

Позлатило во нас сè
Озеленело баш ништо
Околу нас околу тоа злато

Во надгробен камен
На живото срце се претворило.


Туѓо сонце

Од чија ли глава испаднало
Копилево еднооко

По кого сега ѕвера
По кого се тркала
Низ небеската ледина

Зошто мерка ни зема
Би нè спалило слатко

Ко ние оттуку
Збеснатиот негов татко
Со вода да сме го полиле

Подобро нека се олади
Го згрешило небото

Подражавање на сонцето

Изгреало срцето на еден од нас
Високо сред небеското згариште

Тргнало по сончевата патека
Зарасната во железен коров
И зашло зад зачадениот зреник

Залудно чекавме да се врати
Со младиот јаболконосец
Или барем со дванаесетте огнени гранки

Од тогаш секој од нас го носи
На тежок синџир своето срце
Врзано за едно верно ребро

Препев: П. В.
Извор: Васко Попа, Споредно небо, стихозбирка, 1968
Слики: Emanuele Luzzati (насловна), Don Madden (стрелките), Winnie Fitch и Joe Phelan (човек се сонча), Горшман (дете со мравки?), Mirko Hanak (пејзаж)

Васко Попа на Окно: Рез

Васко Попа е еден од најголемите југословенски и српски поети. Роден е на 29. јуни 1922. во Гребенац кај Бела Црква. Според етничкото потекло бил Романец. Основно училиште и гимназија завршил во Вршац. После тоа запишал Филозофски факултет во Белград. Студиите ги продолжил во Букурешт и Виена. За време на Втората светска војна бил затворен во германскиот концентрационен логор во Зрењанин (тогаш Зрењанин се викал Бечкерек). По војната дипломирал на романската група при Филозофскиот факултет во Белград, 1949. година.
Првите песни ги објавил во листовите „Књижевне новине“ и „Борба“. Неговата прва стихозбирка „Кора“ (1953) заедно со „87 песама“ на Миодраг Павловиќ се смета за почеток на српската повоена модерна поезија. Таа книга придвижила расправи во книжевната јавност и извршила големо влијание врз помладите генерации поети. После „Кора“, Попа ги објавил следниве стихозбирки: „Непочин поље“ (1956), „Споредно небо“ (1968), „Усправна земља“ (1972), „Вучја со“ (1975), „Кућа насред друма“ (1975), „Живо месо“ (1975), „Рез“ (1981), како и циклусот песни „Мала кутија“ (1984), дел од идната збирка „Гвоздени сад“ која никогаш не ја довршил.
Од 1954. до 1979. година работел како уредник во издавачката куќа Нолит во Белград. Со комбинирање на усното наследство, игрите и загатките, Попа создал посебен поетски јазик во модерната југословенска поезија. Ги приредил и зборниците: „Од злата јабука“ (1958.), „Урнебесник“ (1960.), „Поноћно сунце“ (1962.). Во поетскиот зборник „Од злата јабука“ (1958.) во нова светлина бил прикажан поетскиот свет на народните умотворби; во зборникот „Урнебесник“ (1960.), светот на поетскиот хумор; и во зборникот „Поноћно Сунце“ (1962.), светот на поетските фантазии.
Васко Попа е еден од најпреведуваните југословенски поети, а и самиот преведувал од француски јазик. Во Вршац во 1972. године ја основал Книжевната општина Вршац (КОВ) и ја покренал необичната библиотека на дописни картички, наречена „Слободно лишће“. Истата година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите. Еден е од основачите на Војводинската академија на науките и уметностите (14. 12. 1979) во Нови Сад.
Починал во Белград на 5. јануари 1991. година и е закопан во Алејата на заслужните граѓани на Ново гробље. Бил оженет со Јованка Сингер Попа (1923—2000) наречена „Хаша“, професорка на Архитектонскиот факултет во Белград, родум од Вршац.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото