Како политичките партии ја надмудрија Европската унија

09.10.2014 09:24
Како политичките партии ја надмудрија Европската унија

Ако политичките дебати до мајските избори за Европскиот парламент не ги исполнија очекувањата, тоа веројатно е затоа што очекувањата биле превисоки. Телевизиските пресметки беа најавувани како одлучувачки момент во еволуцијата на демократијата во ЕУ, најпосле нудејќи им можност на гласачите да ги испитаат и да ги изберат кандидатите за клучното тело на Европската унија. Меѓутоа, наместо тоа, гледачите добија група закоравени партиски инсајдери кои храбро се борат за да се издигнат над своите биографии и на Европа да ѝ понудат повеќе од потребно чувство за цел.

Какви и да беа заслугите на кандидатите кои излегоа на сцената во Мастрихт на 28 април, тие не беа предодредени да ја претставуваат културната промена. Социјалистичкиот шеф и претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц се покажа како намќорест; конзервативниот Жан-Клод Јункер, кој од 1995 до 2013 беше на чело на меѓународното даночно засолниште наречено Луксембург, беше толку незаинтересиран што изгледаше како да паднал во кома; либералниот Ги Верхофштат, кој девет години беше премиер на Белгија, успеа да ја вметне секоја можна фраза која може да се очекува од некој што нема многу да изгуби. Единствената кандидатка која легитимно можеше да тврди дека е аутсајдер беше пратеничката на зелените Ска Келер, но често изгледаше како да не знае каде се наоѓа.

Дискусијата би ги разочарала дури и најжестоките политички зависници (кои во овој град не се недостаток). Тоа што е уште полошо, дискусијата ја водеше новинарско дуо кое беше толку опседнато со прецизно темпиран американски формат што интересните коментари остануваа без реакција, а на кандидатите им беше овозможено да ги заобиколат важните проблеми без потпрашања. Во ретките моменти кога ќе заживееше дебатата, водителите ја кочеа читајќи ги пристигнатите твитови кои, без вицкастите хаштагови, беа изразено празни.

Колку и да беше извикан овој судир на партиски диносауруси, ќе беше погрешно да се мисли дека не се работи за вистински историски момент. Фактот дека кандидадите мораа да се соочат со избирачките хаштагови – па дури и ако воопшто имаше кандидати – директно произлегуваше од организираниот обид за политичка реформа.

Европските лидери го усвоија сеопфатниот договор од Лисабон 2007 година (и почнаа да го применуваат од 2009 година), реагирајќи на загриженоста дека институциите на Европската унија немаат демократски легитимитет. Тоа беше мудар потег: прашањата за институционалниот легитимитет станаа клучни во бранот евроскептицизам кој го преплавува континентот.

Во центарот на дебатата е Европската комисија, извршно тело на Европската унија. Токму ова бриселско тело, а не Европскиот парламент, предложува најголем дел од законите во ЕУ. До сега, претседателот на Комисијата – главен министер во ЕУ – го избираше друштво лидери од дваесет и осум држави членки, состанувајќи се зад затворени врати и тргувајќи со извршни позиции и директорски места додека не се договорат. Кого и да избереа, резултатот секогаш беше ист: претседателот на Комисијата беше резултат на договор помеѓу членките.

Избирачкиот процес ја ослабна независноста на извршната гранка на Европската унија и нејзиното раководство. Политичката плашливост на актуелниот претседател, Португалецот Жозе Мануел Баросо, е вистински показател за овој проблем. Најдобрата реплика во безживотната дебата ја имаше Верхофштат, кој рече дека „господинот Баросо прво го повикува Париз, а потоа Берлин – всушност, вообичаено е обратно, прво Берлин, па Париз – и кога ќе добие зелено светло од овие две земји се осудува нешто да предложи...“ Каков и да е распоредот на претседателот, нема сомнеж дека Баросо внимателно им пристапуваше на членките, овозможувајќи им на владите во ЕУ штетно влијателно ниво над извршната власт.

Во строго правна смисла, Лисабонскиот договор го остави изборот на претседателот на Комисијата во рацете на Советот на Европа, надпарламент кој ги претставува државите членки. Но, текстот на членот 18 го поставува Европскиот парламент, единствената непосредно избрана институција во ЕУ, во центарот на настаните. Еве што стои во договорот: „Земајќи ги предвид резултатите од изборите за Европскиот парламент и по објавените соодветни консултации, Европскиот совет, со квалификувано мнозинство, на Европскиот парламент му предлага кандидат за претседател на Комисијата.“

Не мора да бидете уставен правник за да знаете дека „земајќи предвид“ може да значи што било. Дали тогаш Советот ќе биде должен да го постави кандидатот што ќе го предложи партијата со најмногу избрани членови во парламентот? Или ќе мора да му ја довери работата на лидерот што ќе успее да направи најголема коалиција? Или тоа едноставно значи дека, доколку, да речеме, десниот центар добие најмногу гласови, тогаш Советот може да постави кого сака со десничарско педигре, што ќе успее да направи најголема коалиција (извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонр, Кристин Лагард, поранешна француска министерска за финансии, е предложена во тој контекст)?

За политичките партии во Европскиот парламент, разнишаниот текст на Договорот претставуваше ретка можост за одземање на власта од Советот. Наместо да се впуштат во тоа што всушност значи договорот, партиите одлучија да предложат свои кандидати пред парламентарните избори во мај 2014 година, водејќи кампања од скандалозно претседателски вид, заедно со постерите и промотивните спотови.

Така што самата кампања, иако Советот не беше законски задолжен да именува лидер чија партија победи на изборите, на кандидатите им овозможи углед и легитимитет кој не произлегува од членот 18. Со секоја телевизиска дебата, секој говор во кампањите и секоја критика на Советот, оние кои подоцна ги повикаа spitzenkandidaten („водечките кандидати“ на германски) градеа врска со избирачите која не може лесно да се прекине. Оправдано или не, тоа беше добро преземање на власта од Европскиот парламент.

Кандидатите знаеја што прават и извршија дополнителен притисок: во несекојдневното согласување за време на дебатата водена на англиски јазик, рекоа дека еден од нив дефинитивно ќе биде следниот претседател на комисијата и ветија дека ќе го поддржат секој што ќе добие најмногу гласови. И покрај тоа, доколку Советот се обиде на наметне некој не-водечки кандидат, тогаш парламентот ќе возврати со поништување на тоа именување (Европскиот парламент има право на вето на изборот на Советот).

Советот има проблем: неговиот морален авторитет во изборот на претседател на Комисијата е преземен, а имаше сериозни резерви кон два не-водечки кандидати кои всушност имаа шанси да победат: Јункер и Шулц. Ова набрзо стана прашање на политички прагматизам: дали Советот може да си дозволи да го игнорира Парламентот и неговото избирачко тело?

По изборите, од кои како победник излезе конзервативната Европска народна партија, германската канцеларка Ангела Меркел изрази „длабоко сомневање“ во врска со Јункер. Нејзиниот коментар предизвика брза политичка реакција од сите страни на германската политичка сцена, па мораше да ретерира и да го поддржи – тоа и го правеше сè до неговото именување, оваа недела.

Потоа, на сцена стапи британскиот премиер Дејвид Камерон. Откако беше поразен од евроскептичната Партија за независност на Обединетото Кралство, или УКИП, чии 27 проценти од гласовите ги надминаа конзервативците на Камерон и опозициската Лабуристичка партија, премиерот беше под политички притисок да одговори. Тоа го направи со остар напад на кандидатурата на Јункер. Таа е „длабоко погрешна“, рече тој, затоа што Јункер „целиот свој работен век беше во центарот на проектот за зголемување на овластувањата на Брисел и намалување на овластувањата на националните држави“.

Меѓутоа, она што е уште поважно, Камерон рече дека е против целокупниот систем за водечки кандидати, тврдејќи дека „не е добро избраните шефови на владите од европските земји да се откажат од своето право да именуваат шеф на Европската комисија – најважниот функционер во Европа.“

Антијункерската кампања на Камерон направи конфузија во Советот на Европа и му донесе поени во земјата. На крајот, само Британија и Унгарија гласаа против Јункер на 27 јуни на состанокот во Брисел, а тоа е првпат претседателот на Комисијата да е избран со гласање наместо со консензус. Но, токму нападот на Камерон на системот за водечки кандидати, кој во секој случај воведе елемент на вистинска демократија во именувањето, делуваше збунувачки на некои набљудувачи.

Се разбира, многумина европски лидери – вклучувајќи ја и Ангела Меркел – не би се сложиле со Камерон дека Јункер не претставува нов почеток, кој ѝ е потребен на Европската унија додека се ниша под товарот на евроскептичните гласови. Но, тврдењето дека Советот, кој ги претставува владите на државите членки, има поголем демократски легитимитет отколку директно избраниот парламент, беше необично. И покрај тоа, Лисабонскиот договор – кој Велика Британија го верификуваше 2008 година – недвосмислено ја пропишува улогата на Парламентот во именувањето на претседателот на Комисијата. Чудејќи се како се разви системот за водечки кандидати, Камерон делуваше неискрено.

Меѓутоа, од поширока перспектива, интервенцијата на Камерон во последен миг беше дочекана со голема загриженост во земјите кои поконструктивно реагираа на подемот на евроскептичните партии – меѓу другите во Германија, Финска, Италија и балтичките држави. Набрзо беше забележано дека пред изборите Камерон не трошеше многу политички капитал во одбраната на Европската унија, дури ни од најскандалозните напади на УКИП. Всушност, најистакнатиот Британец кој имаше да каже нешто позитивно за Европа, беше првиот министер на Шкотска, Алекс Салмон, кој дојде во кратка посета во Бриж, при крајот на кампањата, за да каже дека антиевропски ориентираната Англија ја турка проевропската Шкотска надвор од Европската унија против нејзината волја (а тоа би можела да го поправи само шкотската независност).

Но, во центарот на конфликтот на Камерон со водечките кандидати се крие подлабоко прашање за улогата на политичките партии од Европската унија. Секогаш кога ќе се отвори политичка празнина, партиите имаат луѓе и знаење за да ја пополнат. А, многумина набљудувачи не сфаќаат дека политичките партии во континентална Европа се длабоко конзервативни, во вистинската смисла на зборот: тие владејат со индустријата, синдикатите, верските групи и разни влијателни гласови заинтересирани за задржување на статус кво-то. Кандидатите што ги произведуваат европските партии се политичари кои напредуваа служејќи им на овие институции или работејќи со нив – а не реформирајќи ги.

Додека британските политичари ја проценуваат секоја мерка на ЕУ, врз основа на тоа колкави овластувања му дава таа на Брисел (и имплицитно го одзема Вестминстер), вистинското прашање за иднината на унијата, всушност е посложено и се однесува на реформирањето на нејзините институции. Примамливо е да се велича демократскиот легитимитет на Европскиот парламент, но предавањето на власта на политичките партии (што го создаде процесот на водечките кандидати) не е волшебно стапче. Ниту натпреварувањето за легитимитетот помеѓу директно избраните пратеници и дваесет и осумте национални лидери кои и самите се избрани во своите матични земји, нема да им даде јасен победник. Реформата е најголемиот предизвик кој ѝ претстои на Европската унија.

16.07.2014

Извор: http://inside.org.au

ОкоБоли главаВицФото