Како Адолф Хитлер стана „ослободител на Македонија“

10.10.2014 00:02
Како Адолф Хитлер стана „ослободител на Македонија“

Политичката пропаганда повторно ги прави вестите во Европа (Propaganda on the March: Political Control of Journalism and the Threat to Ethics, AIDAN WHITE, 30 May 2014)

 

Која е разликата помеѓу политичката пропаганда и етичкото новинарство? Што е пропаганда, а што е етичко новинарство? Старите прашања повторно стануваат актуелни. И тоа не само во контекст на новинарските известувања од и за кризните жаришта (Украина, Газа, Сирија, Ирак, Авганистан…), каде што политички контролираната медиумска пропаганда маршира напоредно со војничките чизми.

Како се препознава пропагандата, наспроти етичкото новинарство? Да потсетиме што укажуваше Аидан Вајт за етичкото новинарство, кога пред неколку години предупреди дека и некои европски медиуми се претвориле во „пропагандни мегафони“ на луѓето од власта:

„Етичкото новинарство оди со едноставна порака: новинарството не е пропаганда и медиумските производи не се само економски, тие додаваат вредност на човечките животи и верноста на кодексот е значаен начин за определување кој е, а кој не е новинар.“ (Аидан Вајт, ETHICAL JOURNALISM AND HUMAN RIGHTS)

ЕТИЧКО НОВИНАРСТВО НАСПРОТИ ПОЛИТИЧКА ПРОПАГАНДА

Како да разликуваме етички новинар од политички пропагандист? Споредбата помеѓу Џорџ Орвел (Ерик Артур Блер) и Адолф Хитлер може да ни биде од помош.

Џорџ Орвел беше новинар кој даде оставка од BBC затоа што сакаше поскоро да се занимава со новинарство, отколку со пропаганда:

„Мислам дека во сегашнава политичка ситуација, емитувањето британска пропаганда во Индија е речиси безнадежна задача. На други е да одлучат дали овие емитувања воопшто треба да продолжат, но јас не претпочитам да го трошам моето време на нив, кога можам да бидам преокупиран со новинарство, кое навистина произведува некаков мерлив учинок.“ (Оставката на Орвел во 1943, во архивите на BBC)

Адолф Хитлер, пак, ја започна својата политичка кариера како партиски пропагандист кој во печатот не гледаше ништо друго освен орудие за „пропаганда“. Наспроти Орвел, кој со својот етички чин застанува во одбрана на слободата и независноста на печатот и новинарот, Хитлер во Мојата борба ги карикира новинарите како „виртуози во уметноста на извртување на фактите“. Тој најавува безмилосна државна контрола и суспендирање на „таканаречената слобода на печатот“, за овој „инструмент за обликување на јавното мислење“ да не биде оставен повеќе „во рацете на туѓинци и непријатели на државата“. Една од првите работи што ги прави Хитлер откако станува канцелар во 1933 е „Министерството за јавно просветување и пропаганда“, формирано веднаш по стапување на сила на декретот „за заштита на луѓето и државата“, кој му овозможува суспендирање на слободата на изразување и слободата на печатот.

Орвеловата критика (1940) на пропагандниот памфлет Мојата борба ја признава пропагандната умешност на „мономанијакот“ Хитлер: „…If he were killing a mouse he would know how to make it seem like a dragon“ („…ако убие глушец, ќе направи да личи како да убил змеј“).

КАКО МАРШИРА ХИТЛЕРОВСКАТА ПРОПАГАНДА ВО „СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА“

Има доста литература за тоа како бил претставуван Хитлер во нацистичките пропагандни постери и филмови, како што е Триумфот на волјата (1935).

Пропаганден постер од 1938, по „Аншлусот“ со Австрија, со слоган: „Еден народ, еден рајх, еден фирер“.

Но, речиси и да нема написи како бил претставуван Хитлер во печатот, откако нацистите влегуваат во Скопје на почетокот на април 1941. Интересен пример е априлскиот број на списанието Илустрација Илинден, посветен на „Царот на Бугарите“ (Борис III) и на Адолф Хитлер, кој е претставен како „ослободител на Македонија“.

Насловната страница на Илустрација Илинден со фотографија на цар Борис. Сите изданија на весникот од 1928-43 можат да се најдат на сајтот на НУБСК.

Во еулогијата посветена на Адолф Хитлер, уредникот на списанието Кирил Христов Совичанов (родум од Битола), го претставува фирерот како „недостигнат до сега државник“, како „пратеник божји, маж праведен и чесен“ кој поставува нови светски принципи: „…секој еднакво да се радува на Божјото сонце, секој да се развива согласно способностите, и дарбите подарени од провидението“.

Хитлер е претставен како ослободител и спасител на Македонија на кого му симнуваат шапка сите илинденци: „Илинденците… со симнати шапки се поклонуваат пред величината на спасителот на светата им родна земја, Адолф Хитлер“.

Под текстот е испечатена стихотворба „На фирерот Адолф Хитлер“, опишан како „смелиот борец за правдини“, илустрирана со селанки од с. Кривогаштани, како ги дочекуваат првите бугарски офицери и гости од Софија. Потоа е испечатена уште една стихотворба „Слободна Македонија“, во која се опева „моќната десница на Хитлера велик“ и славата на бугарскиот цар која се разнесува од Солун до Шар. Потоа следуваат текстови (повторно потпишани од главниот уредник) во кои се слави „ослободувањето“ и „големиот ден“, од име на Илинденците: „…мнозина илинденци не ќе можат да стигнат до ослободените им родни места, но славенички и смирено, ќе можат да кажат: „Сега можам спокојно да си умрам, зашто очите ми го видоа спасението на мојот народ“.“

Eулогијата зa Адолф Хитлер, Кирил Христов Совичанов и песничка за Хитлер. Весник Илустрација Илинден, 1942

И во рубриката во која се известува за состојбите на фронтовите и меѓународните односи („Положението“) како главен историски факт се потенцира ослободувањето на Македонија од страна на германските војски кои за кусо време ги разбиле војските на Југославија и Грција – „двете угнетителки на Бугарите во Македонија“. Во народниот број списанието се обраќа „Кон новоослободените бугарски граѓани“ да ги остават Царот и „правителството“ да ја управуваат државата, а „ние… смирено да се препуштиме на нашите занати и со труд да се стремиме да придонесеме за доизградувањето на севкупното величие на Голема Бугарија“.

Веќе во септемврискиот број на Илустрација Илинден се пропагира како општоприфатен факт дека Македонија е населена првенствено од Бугари, дека „Македонија е чисто бугарска земја“: „Во Македонија немало, нема, и нема да има Македонци“.

Во април 1942, под огромните нацистички знамиња, „ослободителите“ извршиле ритуално „симболично обединување на бугарскиот народ“ на плоштадот „Цар Борис Трети“ во Скопје. Девојки со „китни носии“ носеле земја од „новоослободените територии“, а владиката ја мешал со бугарската земја. Благословената земја била „торжествено“ донесена во скопската црква „Св. Богородица“ за да остане за „вечни времена“. По урнек на нацистичкиот слоган „Еден народ, еден рајх, еден фирер“, пропаганден слоган на „ослободителите“ бил „Еден цар, еден народ, една држава“, како што соопштува спикерот во пропагандниот филм за „бугарското обединување“.

Големобугарската пропаганда во Македонија била несомнено инспирирана од рецептите на Хитлер.

КАДЕ СЕ СЛЕДБЕНИЦИТЕ НА ОРВЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА?

„…слободата на печатот, ако воопшто нешто значи, значи слобода да се критикува и спротиставува“ (Џорџ Орвел)

 

Како контрапункт на Адолф Хитлер (симболот на тоталитаристичката пропаганда), можеме да го поставиме Џорџ Орвел (како симбол на слободата на новинарството). Орвел ги афирмираше слободата на интелектот како „слобода да се известува она што се гледа, што се слуша, што се чувствува, без обврска да се фабрикуваат имагинарни факти и чувства“. Орвел го застапуваше „правото да се известува за современите настани вистинито, или онолку вистинито колку што е конзистентно со незнаењето, пристрасноста и себе-залажувањето од кои нужно страда секој набљудувач“. Токму Орвел посведочи, веројатно и од личното искуство (пред да даде оставка во BBC), дека „новинарот е неслободен, и е свесен за неслободата, кога е принуден да пишува лаги или да го потиснува она што му се чини дека е значајна вест“.

Џорџ Орвел, фотографија од новинарска легитимација. Фото: Википедија, 1933

Денес, македонското новинарство е потиснато од политичката пропаганда. Најблаго речено, многу од новинар(к)ите се економски или на друг начин принудени да пишуваат лаги, да фабрикуваат имагинарни факти и чувства, но и да ги потиснуваат значајните вести – како што се политичките судења (и драконските казни, вклучително и против нивни колеги). Јавното мислење, барем на ТВ екраните, е речиси комплетно окупирано од пропагандисти кои ги следат насоките на „Центарот за комуникации“ (кој дејствува како неформално „Министерство за јавно просветување и пропаганда“).

Сепак, дури и во најразочарувачките моменти од ова медиумско мракобесие, не ме напушта прашањето: Дали меѓу македонските новинар(к)и, па дури и оние кои сѐ уште работат во јавниот сервис, има и следбеници на Орвел, кои храбро ќе се спротивстават на „организираното лажење практикувано од тоталитарната држава“, а во одбрана на слободата да се критикува и спротивставува?

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).