Фудбалот се игра со глава

10.10.2014 09:44
Фудбалот се игра со глава

Менталниот тренинт, суеверието, говорот на телото - моќта на психологијата често се потценува во фудбалот. Притоа, натпреварите сè повеќе се одлучуваат со глава. Еден германски стручњак посвети цела книга на овој феномен.

 

„Решавачко е она на теренот“, рече еднаш Ади Прајслер, фудбалската легенда од Дортмунд. Тоа е точно. Но, покрај самиот фудбалски тренинг сè повеќе се посегнува и по ризницата ментални трикови и суеверија: екипите кои бележат серија порази на натпреварите на домашен терен ги менуваат соблекувалните со противничката екипа. Тренерите секогаш одново носат исти џемпери (сини - Јоги Лев!), сè додека не заврши победничката серија. Фудбалерите се крстат пред да излезат на терен. Сите тие работи можеби навистина имаат големо влијание на успехот или неуспехот во играта. Тоа е дури и научно докажано, вели Даниел Мемерт од Германскиот институт за спорт од Келн. „Веруваме дека во професионалниот спорт, пред сè во фудбалот, сè повеќе одлучува главата.“ Секако, важни остануваат техниката, силата, издржливоста, тактиката. „Меѓутоа, има многу екипи кои се на слично високо ниво. Главата притоа по малку се занемарува“, заклучува директорот на Институтот за конгнитивни истражувања и истражување на спортските игри.

Постојат и други примери. Оној кој игра фудбал со глава, значи оној кој размислува конвергентно, не донесува секогаш исправни одлуки. Еднакво успешно е и дивергентното размислување, кое бара креативност: играчите исто така мораат да бидат во состојба да донесуваат оригинални и изненадувачки одлуки, за противничките играчи што послабо да се постават. Но, во главата се случуваат многу повеќе процеси, отколку што е обичното стратешко размислување. Оној кој добро се чувствува, игра подобро од некој на кого му е тешко и не се чувствува добро во своето опкружување, објаснува спортскиот психолог Мемерт. „Доколку се знае дека еден играч радо поминува време со семејството и таму добива енергија, тогаш можеби не е лоша идеја вечерта пред натпреварот тоа семејство да ѝ се придружи на екипата во хотелот. Човекот е навистина ресурс кој се користи.“ Значи, потребно е да се направи сè за атлетот да се најде во оптимално опкружување во кое најдобро се чувствува и кое на најдобар начин го мотивира.

Говорот на телото влијае на противничките играчи

Преку истражување на невербалното однесување стана познато дека говорот на телото влијае на противничките играчи, но и на соиграчите. Тоа пред сè е важно во стандардните ситуации. „Кога играчот кој изведува пенал стои исправено, голманот добива чувство: уф, овој ќе погоди, веројатно нема да можам да одбранам“, објаснува Мемерт. „Но кога играчот ќе се приближи до голманот со спуштени раменици или поднаведнат, тоа го асоцира голманот на слабост и тој добива чувство дека ќе успее да ја задржи топката.“ Тренерите често реагираат на негативниот говор на телото и викаат по неуспешните акции или кога екипата губи: „Главата горе, одиме понатаму!“ Тоа е вистинскиот совет.

Истото функционира и кај изведувањето слободни удари: португалската суперѕвезда Кристијано Роналдо често настапува со многу доминантен говор на телото и повеќето негови прекини се опасни. Токму тоа го заклучиле научниците. Позитивниот говор на телото во комбинација со движењата кои секогаш одново се повторуваат, претставуваат посебна формула за остварување добри резултати, вели Мемерт. „Потребно е да се простудираат автоматизмите. Притоа станува збор за ментален тренинг. Важно е да се има фокус, за добро увежбаните акции на моториката да можат да се изведат.“

Фудбалерите би требало да бидат суеверни?

Автоматизам постои и надвор од теренот. Не само навивачите, туку и професионалните фудбалери имаат одредени ритуали пред почетокот на натпреварот: напаѓачите често прво ја облекуваат десната, па левата копачка, голманите се држат до своите маскоти. Дневната рутина на денот на натпреварот секогаш е иста. И овде резултатите од истражувањата покажуваат: суеверието помага!

Спортскиот научник Мемерт зборува за еден експеримент: две групи играле голф. На едната група ѝ е кажано дека добила среќна топка со која многумина успешно погодувале, а другата екипа добила наводна пех-топка. И навистина, поуспешна била групата која ја добила „среќната топка“. Слични резултати се добиле и кога е истражувано значењето на амајлиите, предметите кои донесуваат среќа. Спортистите играат подобро кога ги имаат тие предмети со себе, отколку кога мораат да ги остават. „Во психологијата се поаѓа од тоа дека во позадина се одвиваат автосугестивни процеси“, анализира Даниел Мемерт. „Човек се чувствува добро и има голема самодоверба бидејќи знае дека има поддршка и нешто позитивно со себе. Суеверието е нешто што и понатаму би требало да се практикува во фудбалот.“

Со судиите несвесно се манипулира

Истражувањата покажуваат и дека навивачите на домашниот тим можат да влијаат врз одлуките на судиите и бројот на доделени жолти картони. „Без оглед на тоа што многу судии не сакаат да го слушнат ова: гостинските екипи во просек по натревар добиваат 0,5 жолти картони повеќе од домашните екипи, што исто така влијае на исходот на натпреварот“, истакнува Мемерт. Играчот кој е опоменат со жолт картон повеќе не игра толку агресивно. Многу интересни анегдоти со научна анализа можат да се пронајдат во неговата книга „Фудбал. Вистина: фудбалските натпревари се решаваат во главата“, која ја напишал заедно со Бернд Штраус и Даниел Тевелајт. Иако со фудбалот се поврзуваат многу митови, сè уште има многу примери дека тоа е игра која се игра со глава.

Извор: Deutsche Welle