Текст за ништо

10.10.2014 11:46
Текст за ништо

Каде би пошол, каде би можел да одам, кој би бил, кога би можел да бидам, што би рекол, кога би имал глас, кој го зборува ова, тврдејќи дека тоа сум јас? Одговорете едноставно, нека некој одговори едноставно. Тоа е оној ист стар странец како и секогаш, оној кој го признава единствено постоењето на акузативот Јас, во јамата на моето непостоење, од неговото, од нашето, ете едноставен одговор. Не го тврдам тоа со мисла дека ќе ме пронајде, туку затоа што би можел, онака жив и збунет, живеејќи, да каже што би можел да направи. Да ме заборави, да не ме запознае, да, тоа би било најмудро, а никој не е способен за тоа повеќе од него. Зошто оваа изненадна пресретливост по такво дезертерство, лесно е да е сфати, така тврди тој, но ни самиот не сфаќа. Јас не се наоѓам во неговата глава, ниту каде било во тоа старо тело, но сепак сум присутен, поради него сум присутен, со него, оттука и оваа збунетост. Тоа би требало да му биде сосема доволно, моето отсуство, но не е, сака да бидам присутен, вообличен и световен, како него, и покрај него, јас кој сум сè, како него кој не е ништо. А кога ќе почувствува дека го напуштам сопственото постоење, тој е оној кој ме напушта мене, во спротивен случај е бесен, бесен, толку е бесен. Вистина е дека трага по мене за да ме убие, за да ме направи сосема мртов како него, мртов како сите оние кои живеат. Сосема е свесен за тоа, но неговите сознанија не ми помагаат, бидејќи јас не сум свесен, не знам ништо. Се буни кога не размислува и не прави ништо освен размислување, нечесен е, и би било од голема важност кога би постоела можност тоа да се подобри. Верува дека зборовите го изневериле, верува дека токму поради тоа што го изневериле е на вистинскиот пат кон моето молчење, сака да верува дека тоа што го изневериле е моја грешка, секако дека зборовите го изневериле. Својата приказна ја повторува на секои пет минути, тврдејќи дека не е негова, дека во неа е содржана сета мудрост по која копнеете. Сака да верува дека е моја вина тоа што нема приказна, секако дека нема приказна, што не го оправдува неговото настојување да подметне една моја. Тоа е начинот на кој размислува, сосема далеку од целта, но која цел, одговорете ни го барем тоа. Прави да зборувам работи тврдејќи дека тоа воопшто не сум јас, дека длабочината по која копнеете е содржана во нив, прави јас, кој не зборувам ништо, да тврдам дека тоа не сум јас. Сето тоа е вистински крај. Кога барем би ме удостоил со трето лице, како останатите свои измислици, но не, тој нема да се задоволи со ништо помалку од мене, поради сопственото „мене“. Во миговите кога ме поседуваше, кога тој беше јас, не можеше да се ослободи од мене доволно брзо, не постоев, не можеше да се помири со тоа, тоа не беше начин на кој беше можно да се живее, секако дека не постоев, ништо помалку отколку што тој постоеше, секако дека тоа не беше начин на кој можеше да се живее, но сега има еден сопствен, да му дозволиме да го изгуби, ако сака да живее во мир, со малку среќа. Неговиот живот, колку мој, колку живот, не може да го има, тука не можете да го измамите, бидејќи не е негов, бидејќи тоа не е тој, каква мисла, третирајте го токму така, како вулгарниот Молој или сосема обичниот Мелоун, тие проклети смртници, имајте срце, приземјете го во тие гомна, него кој никогаш не се бунел, кој не е ништо друго освен јас, земајќи ги предвид сите нешта, но кои нешта и како земајќи ги предвид, се трудеше да се држи надвор од сето тоа. Тоа е начинот на кој говори оние вечери, начинот на кој прави јас да зборувам, начинот на кој разговара со самиот себе, начинот на кој јас зборувам, бидејќи постојам само јас, оваа вечер, овде, на земјата, постоиме јас и гласот кој не произведува звуци бидејќи се движи кон ништожноста, постои тешката глава и рацете положени под неа, и труповите во борба со свежината, и телото, тоа речиси сосема го заборавив. Оваа вечер, велам оваа вечер, а можеби е и утро. И сите овие нешта, но кои нешта, сè е поврзано со мене, не сакам повеќе никогаш да го негирам нивното постоење, веќе не наоѓам смисла во тоа. Ако природата постои можеби постојат и птиците и дрвјата, тие одат заедно, водата и воздухот, за светот да може да продолжи да се движи, не е важно да ги дознаам деталите, можеби седам под палма. А можеби ова е соба, со мебел, со сето она што условува еден удобен живот, темница, поради ѕидот кој се гледа низ прозорецот. Што всушност правам, зборувам, правам моите измислици да зборуваат, но тоа можам да бидам само јас. И магиите на тишината, исто така, кога ги слушам овдешните звуци, светот звучи, погледнете колку труд вложувам само за да бидам разумен. Тоа е мојот живот, зошто да не, еден е, ако ви се допаѓа, ако мора, вечерва не велам не. Мора да постои еден, ми се чини, тогаш кога ќе се јави говорот повеќе нема потреба од приказна, приказната не е неопходна, само животот, и тоа е грешката која ја направив, една од грешките, тоа што сакав приказна само за себе, ја сакав таму каде што самото живеење беше доволно. Во секој случај напредувам, а беше и време, ќе научам како да ја затворам устата пред да завршам, ако не изникне ништо од веќе предвиденото. Но тој, кој туку-така се појавува и исчезнува, кој талка беспомошно од место до мсто, иако ништо не му се случува, ништо вистинито, што е со него? Јас останувам овде, седејќи, ако седам, често и чувствувам дека седам, понекогаш дека стојам, или е едното или другото, или дека лежам, значи постои уште една можност, често чувствувам дека лежам, тоа е едно од трите, или дека клечам. Она што всушност се смета е самото постоење на светот, дејствувањето не е важно, сè додека си на земјата. Потребно е само да се дише, борбата не е задолжителна, или трагањето по друштво, можеш дури и да се увериш дека си мртов, под услов да не креваш голема врева околу тоа, па кој би можел да замисли полиберален режим, јас не знам, не замислувам. Во такви околности нема смисла да се зборува дека си некаде другаде, некој друг, со самото тоа што постојам имам сè што ми е потребно при рака за да направам нешто, не знам што сè би требало да се направи, така што конечно сум повторно сам, каков олеснување би морало да биде тоа. Вистина е, постојат мигови, како овој миг, кога изгледам речиси сосема обновено. А потоа исчезнува, сè исчезнува, и повторно сум далеку, повторно со далечна приказна, се чекам себеси далечниот да ја започнам таа приказна, да ја завршам, и повторно верувам дека овој глас не може да биде мој. Ете каде би пошол, кога би можел да појдам, ете кој би бил, кога би можел да бидам.

Извор: www.samuel-beckett.net
Превод: Иван Шопов
Слика: Oriana Fenwick

ОкоБоли главаВицФото