Сеприсутно сквернавење на битието на АСНОМ

11.10.2014 11:02
Сеприсутно сквернавење на битието на АСНОМ

„Куда иду дивље свиње“

 

Размислувајќи за она што денес како метастаза ги зафаќа сите сегменти на нашето живеење и притоа бескрупулозно ги искривува сите историски факти за развојот на оваа држава, неминовно е навраќањето на она што претставуваше основа, појдовна точка во тоа градење.

Братство-единство, социјална правда, одвоеност на црквата од државата!

Тоа беа основите, на овие принципи се темелеше АСНОМ и го илустрираше духот на борбата за ослободување. Еднаквоста, почитувањето на различностите, борбата за социјална правда.

Правда! Правда! Социјална правда! Денес, тоа се најчестите очајни извици на оние што мирно го изразуваат својот револт затоа што од разни причини останале без средства за егзистенција, а државата иако декларативно „социјална“ не им обезбедува минимум средства за живот. Уште повеќе, таа иста држава во изминатите години само создаде нови категории на социјално загрозени граѓани – пензионери, стечајци. Гаранцијата дека државата ќе им обезбеди на своите граѓани благосостојба бидејќи се декларира како социјална во својот устав, остана гаранција без покритие во пракса. Државата ги остави на своите маргини најранливите додека беспоштедно се вдаде да гради споменици во име на националниот идентитет! Споменици што во својата суштина значат потенцирање на доминацијата на една религија и една нација. Религиозни симболи, споменици на „дејци“ кои некогаш биле најголеми непријатели на македонската кауза.

Отидоа во неповрат идеите за градење толеранција, негување на културите на сите етнички заедници што живеат во Македонија. Сведоци сме на растечка омраза која што највеќе зема замав помеѓу најмладите – најчести жртви на индоктринацијата на религиозна и етничка основа.

Правата за кои што мислевме дека се веќе освоена територија и неприкосновена реалност, стануваат повторно територија што треба да се освојува. Враќањето на старите семејни вредности, деградирањето на жената, негирањето на ЛГБТИ заедницата, сето тоа со сесрдна помош на црковните великодостојници, прокламирајќи христијански милосрден дух, сета таа хипокризија ги поништи во корен слободата, еднаквоста и секуларноста.

Под превезот на „загрижени татковци на нација“ која што тргнала по патот на Содома и Гомора, се дрзнаа уште подлабоко да навлезат во сферата на приватноста, унифицирајќи ги сите односи, и оние брачните но и оние вонбрачните, не оставајќи простор за каков било избор. Избор што значи импулс на слободната мисла, желба, креација на индивидуата, битие на единката.

Граѓаните исправени пред немилосрдниот прст на власта манифестиран преку институциите на системот, остануваат безгласни, исплашени и немоќни.

Не постои веќе неосвоена територија, не постои веќе нешто што се нарекува неприкосновено право. Полето за борба е отворено и непрегледно. Оружјето ни е вистината и солидарноста.

Повторно се бориме за фундаментални права, повторно се бориме за слобода и еднаквост.

Борбата продолжува!

Извор: ssr.kauza.mk
Постер: Кома