Операциите за ослободување на Западна Македонија

11.10.2014 14:39
Операциите за ослободување на западна Македонија

Македонски партизани маршираат кон Тетово

 

Во Западна Македонија главни непријателски сили беа балистичките формации, организирани во воени формации уште од 1943 година од страна на италијанските фашистички власти и германските команданти.

Балистичките формации беа организирани наполно на војничка база. Старешинскиот кадар во поголем дел минал низ разни германски воени курсеви, служел во германските единици, нарочно во германската „Скендербег“ СС дивизија, а имаше и обични војници кои минале низ германските единици. Така, на пример, меѓу заробените балисти во Гостивар и Тетово имаше и такви што учествувале во составот на германските единици во борбите во Источна Македонија. Тие единици беа добро вооружени со лесно пешадиско оружје и со минофрлачи.

(...)

Според податоците што ги имаше Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во овој период во Македонија имало околу 15.000 балисти, од кои во Западна Македонија бројноста на балистичките сили изнесувала околу 12-13.000 организирани борци.

Распоредот на балистичките сили беше:

а) во регионот на: Кичево, Зајас, околу 5-6.000 балисти;
б) во Гостивар и околината околу 2.000 балисти и
в) во регионот на Тетово околу 5.000 балисти.

Овде карактеристично е да се истакне дека иако балистичките водачи ја гледаа пропаста на Германија, го гледаа повлекувањето на Германците од Грција и Албанија, сепак тие им останаа до крај верни на своите германски господари. Тие до крајот водеа упорни борби и со тоа го олеснуваа германското истеглување низ Македонија и во Западна Македонија, врзвувајќи прилично големи сили од нашите единици; во однос на германската армија успешно одиграа улога на заштитница.

Иако балистичките водачи немаа никакви преспективи во овие борби, тие, секако под влијание на најцрната реакција од иностранство, настојуваа да се одржат во Западна Македонија, па дури намераваа да го одржат и Скопје. Со таа цел, околу 2.000 балисти се спуштија од Скопска Црна Гора во Скопје пред самата битка за Скопје.

Ослободувањето на Кичево

Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија во првата половина на ноември 1944 година, покрај значителен број помали единици имаше седум ударни дивизии, кои веќе подолго време беа ангажирани во непрекинати борби против Германците, а еден дел и против балистите. Пред почетокот на операциите за ослободување на Западна Македонија, ангажирањето на споменатите седум дивизии беше по следниот распоред:


1) 42. и 50. НО дивизија и XVI македонска бригада под команда на Штабот на 16. корпус, беа ангажирани во битката за Скопје.

2) Кумановската дивизија (без XVI македонска бригада) беше заангажирана во борбите за Куманово заедно со единиците на I бугарска армија.

3) 49. НО дивизија (без VII бригада) и 51. (Струмичка) дивизија (без) XX бригада излегоа на граничниот фронт спрема Грција и делум спрема Албанија, само во реонот на Охридското Езеро, и добија задача да ја затворат јужната граница на Југославија и да не дозволат понатаму пробивање на заостанатите групи Германци од Грција, како и да го спречат евентуалниот препад на нашата територија на реакционерни сили од Грција.

4) 41. и 48. НО дивизија и VII бригада од 49. НО дивизија, под команда на Штабот на 15. корпус, можеа да се употребат за ослободување на Западна Македонија, и тоа во прв ред во реонот на Кичево и Гостивар, а потоа преку Тетово евентуално да им содејствуваат на силите од 16. корпус во битката за Скопје, или пак, ако Скопје биде порано ослободено со дел од силите од 16. корпус од правецот на Скопје да извршат наполно опколување и уништување на балистите во реонот на Гостивар-Тетово како што всушност тоа и се случи.

Планот за дејство на единиците од 15. корпус за ослободувањето на Западна Македонија подробно беше разработен на состанокот во Охрид со штабот на корпусот и штабовите на дивизиите (заповедта за работа на штабот на корпусот е издадена усно од страна на командантот, комесарот и началникот на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија), а во најкратки црти оформено е сè во заповедта на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија Обр. 33, од 10 ноември 1944 година, издадена во Охрид во 23 саатот, и во заповедта на Штабот на 15 корпус Обр. 10, од 11 ноември, издадена во Охрид во 04,50 саатот.

Народен митинг во слободно Кичево

На овој состанок беа дадени директиви за проведување на операцијата за ослободувањето на Западна Македонија. Потоа, нагласено беше дека по ослободувањето на Кичево, Гостивар и Тетово, дејствата на единиците од 15. корпус треба да се управат во правецот кон Скопје и Качаник.

На истиот состанок подробно беше разработен планот за уништување на непријателските сили во регионот на Кичево.

Уништување на балистичките сили во регионот на Кичево

(...)

16 ноември 1944 година

Во текот на овој ден борбите продолжија на целиот фронт со голема жестокост.

На секторот на 41. дивизија (третата група): X бригада, која во текот на 15 ноември беше во резерва на дивизијата, беше уфрлена во борбата и од положајот на Добра Вода - к. 1520, изврши напад на Папрадиште и понатаму кон Маја Срт (к. 1382) и Бериково. Бидејќи балистите во текот на борбата во претходниот ден претрпеа значителни загуби, иако поткрепени со свежи сили од Гостивар, даваа значително послаб отпор во однос на минатиот ден, така што X бригада без нарочни тешкотии ги зазеде селата Папрадиште и Маја Срт, потоа селата Бериково, Јагол и Поповјани. XI бригада на 16 ноември повторно беше испратена во напад на С. Ќафа. Овде и овој ден балистите беа многу упорни во одбраната на селото Ќафа. Извршија повеќе противнапади и се обидоа да го опфатат десното крило од XI бригада. И покрај големата упорност на балистите, XI бригада во текот на 16 ноември, после многу жилави борби, успеа да го зазеде селото Ќафа и да излезе на Гариште – к. 1437, каде што и заноќи меѓу 16 и 17 ноември.

II бригада од 41. дивизија во текот на денот, на 16 ноември, успеа да го ликвидира отпорот на балистите во селата: Ново село, Србица, Аранѓел, Ѓубрино и тука заноќи меу 16 и 17 ноември.

Во секторот на Кичево делови од VII бригада извршија чистење на градот Кичево и непосредната околина од непријателските елементи и едновремено служеа како резерва на корпусот.

Во секторот на 48. дивизија, во текот на денот, на 16 ноември, ситуацијата беше многу критична. Непријателот ноќта доби нови поткрепи од Гостивар, а освен ова, ги прибра и силите што беа се повлекле од секторот на Кичево и од реонот на Тујна, така што силите на балистите спрема 48. дивизија значително се зголемија. Балистите од разденувањето на 16 ноември беа многу активни и презедоа напад на положаите од борбеното осигурување на 48. дивизија, на линијата: Грешница-Зајас-Колари. Околу 08,00 саатот, непријателот изврши јуриш на положаите од борбеното осигурување и ги завладеа нив, а околу 10,00 саатот, продолжувајќи со нападот, успеа на левото крило од дивизијата да го заземе Широк Чувик. Едновремено со ова балистите вршеа силен напад на к. 1049 и околу 11,30 успеаја да ја заземат к. 1049. Половина саат по ова, т.е. околу 12,00 балистите на трипати го повторија јуришот на гребенот јужно од к. 1049 - к. 984, исто така беа извршени неколку јуриши и за селото Мидинци, но сите напади на балистите останаа без успех. Единицте на 48. дивизија, иако многу загрозени со бочно дејство од к. 1049, успеаја да го задржат селото Мидинци и гребенот јужно од к. 1049 - к. 984.

Мапа на воените дејствија на партизаните во Западна Македонија

Командата на корпусот ја увиде тежината на ситуацијата во секторот Зајас-Тајмиште, затоа уште беа ставени под команда на 48. дивизија: IV бригада и два баталјона од VII бригада.

IV бригада беше испратена во напад по правецот Колибари-Страгомиште-Буковик. Нејзиниот напад, поради лошото време (снег и дожд) и испрекинатоста на теренот, се развиваше многу бавно, та поради тоа не им укажа доволно помош на I и XV бригада од 48. дивизија во онаа мерка што можеше тоа да биде. Два баталјона од VII бригада итно беа испратени на левото крило од 48. дивизија да дејствуваат од Дарда Кула во правецот на селото Тајмиште. Околу 12,00 саатот овие два баталјона доаѓаат во допир со непријателот и отвораат огон од тешкото оружје спроти Широк Чувик (од митралези и минофрлачи). Веднаш по ова продолжуваат со нападот, со дел од силите кон Широк Врв, а со дел кон Тајмиште.

Со стапувањето во борба на IV и VII бригада состојбата на бојното поле почна постепено да се менува во полза на единиците од 48. НО дивизија. Во 13,00 саатот веќе XV бригада изврши противнапад и успеа да ја поврати к. 1049. Продорот на IV бригада кон Зајас и к. 837, што е извршен околу 13,30 саатот, значително ја олесни ситуацијата пред фронтот на I бригада. Успехот на IV бригада овозможи дел од единиците на I и XV бригада во 14,30 саатот да извршат противнапад на Широк Чувик и со силен јуриш да ги разбијат непријателските сили. За овој успех многу придонесе и дејството на VII бригада од Дарда Кула во правецот на Тајмиште.

По извршувањето на споменатите противнапади ситуацијата на фронтот сосема се измени во полза на 48. дивизија. Околу 15,30 саатот единиците на 48. дивизија ги повратија положаите што ги држеа утрото, пред почетокот на нападот од балистите и дефинитивно ги разбија сите балистички напади и ги натераа балистите да отстапуваат.

По разбивањето на непријателот беше преземено гонење, но истото не беше вршено доволно енергично поради тоа што сите единции беа и премногу заморени од претходните борби, што овозможи непријателските сили да се извлечат во правецот кон Буковик.

Македонски партизани во Тетово

Ноќта меѓу 16 и 17 ноември единиците на 48. дивизија заноќија во следниот распоред:

-Два баталјона од VII бригада на претстража на линијата к. 1278-1425.

-IV бригада спрема превојот Буковк, воспоставена врска со XI бригада на к. 1437.

-Другите единици од 48. дивизија во реонот на Зајас.

Со борбите на 14, 15 и 16 ноември во реонот на Кичево-Зајас-Тујна беше завршена првата етапа на операциите за ослободување на Западна Македонија. Во овие борби им беше зададен многу силен и решавачки удар на балистичките сили во Западна Македонија. Оваа е главната причина што нивниот понатамошен отпор до Гостивар беше незначителен, додека беше малку посилен спрема единиците од 16. корпус, што напаѓаа од Скопје кон Тетово.

(...)

* * *

Со уништувањето на балистите кај Кичево, Гостивар и Тетово и со ослободувањето на тие градови беше завршена операцијата за ослободување на Западна Македонија, а со тоа и наполно беше ослободена Македонија од фашистичките окупатори.

Со оваа операција уништени беа или заробени околу 13.000 балисти, што беше од големо значење за понатамошниот развој на НР Македонија, одделно по воспоставувањето на ред и сигурност во областа на Западна Македонија.

Во борите кај Кичево, Зајас, Тујна, Ќафа, Матка и Групчин непријателот даде многу силен отпор, вршејќи низа противнапади. Нашите единици (одделно 48. и 50. дивизија) покажаа голема издржливост, умешност во борбата и висок морал, што придонесе не само да ги издржат противнападите на балистите, туку преминувајќи во напад го разбиваа непријателот и го доведоа до неговото потполно уништување и заробување во Тетово и Гостивар.

Оваа операција, со испраќањето на 50. дивизија во правецот на Тетово - според замислата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, проектирана беше да се изврши со полн опфат на непријателот во просторот: Кичево-Гостивар-Тетово, што беше и извршено. Операцијата непосредно беше раководена и координирана од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија

За успешното извршување на операцијата беа ангажирани доволно сили (дванаесет бригади од вкупно дваесет и две бригади), што овозможи брзо и полно уништување на непријателските сили.

Сродна статија: Михаило Апостолски - Борбите за ослободување на Скопје

Извор: Михаило Апостолски, Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Кочо Рацин, Скопје.