Востание

13.10.2014 06:30
Востание

Востание е „организиран и вооружен бунт на народот против власта“, барем така тврди Толковниот речник на македонскиот јазик. Според оваа дефиниција излегува дека она што се случувало на 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово било навистина „народно востание“, како што и официјално се објаснуваше во Социјалистичка Република Македонија.

Иако 11 октомври е еден од најважните симболи во македонската колективна меморија, сепак, дури и во таканареченото едноумие постоеја политички манипулации со овој датум. Најчесто се спомнуваше доцнењето на востанието (во однос на востанијата во другите републики од тогашна Југославија), што се припишуваше на „намерното заборавање“ на Скопскиот партизански одред, формиран уште во авуст истата година. Имено, формирањето на оваа прва вооружена партизанска единица е толкувано како резултат на поразената политика на Методија Шаторов Шарло (подоцна гине во Бугарија), додека 11 октомври е наводно резултат на „просрпската“ политика на македонските комунисти, олицетворена во ликот на Лазар Колишевски.

Без оглед на државните свечености, денес 11 октомври стои уште полошо. Еден од манифестантните докази за ова тврдење е поставувањето на споменик на Методија Шаторов Шарло (славното селфи на Артан Груби), додека Лазар Колишевски се третира безмалку како сатрап на македонскиот народ. Од друга страна, Македонија е веројатно единствената земја во светот која има Музеј на жртвите од комунизмот, а нема Музеј на жртвите од фашизмот.

Денешната политичка синекура милува да го потенцира 11 октомври како датум важен за македонската самобитност (како, впрочем, и 2 август), како доказ на вековната борба (?) за национално и државно еманципирање, односно осамостојување. Меѓутоа, она што намерно или ненамерно се става во втор план е фактот дека 11 октомври е датумот кога луѓето од денешна Македонија ја бираат вистинската страна во најголемата светска војна во човековата историја. А тоа, конечно, може да се види и од резултатот на војната. Значи, таканаречената Народноослободителна борба, во некаква геостратешка смисла, првенствено треба да се гледа како борба против фашизмот. Борбата против фашизмот, да се разбереме, е практично единствената вистинска легитимација што Македонија денес ја има како независна држава. Благодарејќи на добрите проценки на комунистите, заедно сосе Лазар Колишевски, па и Јосип Броз Тито, Македонија денес го има легитимитетот рамноправно да учествува во креирањето на глобалната политика. А востанието од 11 октомври, какво и да било тоа, е меѓникот што ја одредува оваа позиција.

Македонската историја помни повеќе востанија (Карпошево, Кресненско, Илинденско...), но востанието од 11 октомври е она успешното. Инаку, зборот „востание“ во македонскиот јазик е сложенка од предлогот „во“ и глаголот „стани“. Оттаму произлегува архаичниот глагол „востани“, од кого е подоцна изведена именката „востание“. Потеклото е старословенско и прасловенско потекло од индоевропската подлога „steh-“ (во латинскиот имаме „stane“, а во грчкиот „хистенаи“).

ОкоБоли главаВицФото