Политичка пропаганда во пикантен програмски сендвич

13.10.2014 06:55
Политичка пропаганда во пикантен програмски сендвич

Ако ТВ Сител не објави некоја вест, како да не се случила. Ако, пак, во главните вести се обнароди политички спин од дувлото на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, тој лесно станува доминантно јавно мислење. Можеби звучи претерано, но така некако функционира медиумската пропаганда во Македонија и така се создава јавното мислење во корист на власта, на штета на јавноста и опозицијата.

Иако расте процентот на граѓани кои се информираат од интернет порталите – според анализата на пазарот на Агенцијата за аудиовизуелни уметности за 2013 година тој изнесувал 44 отсто – за светските и домашните настани граѓаните главно се информираат од телевизиите – 80 отсто. Ако, пак, се има предвид дека дури 84 од стоте најгледани програмски содржини во Македонија лани биле од понудата на ТВ Сител, тогаш е јасно зошто власта истура финансиски средства токму во оваа телевизија.

ИЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ПОЛИТИЧКИ ДИСКУРС

Но, на што се должи „магијата“ на ТВ Сител, освен се разбира на дотурот на буџетски и други средства и зошто оваа телевизија успева преку своите информативни емисии толку драматично да го изобличува јавниот политички дискурс во Македонија?

Не треба да бидете експерт за програмски содржини за да знаете оти политичкиот спин, штапските вести, нарачаните медиумски атентати против опозицијата и слободно мислечките луѓе, може да доминираат во ТВ етерот само ако имате висока гледаност на информативните емисии. За тоа, пак, освен врвна ТВ техника и опрема, современо студио, сугестивни комуникатори, симпатични водители – презентери и новинари, клучот е да ги сместите вашите политички пораки во добар програмски сендвич.

Со други зборови, за народот да ги гледа вашите вести, без оглед дали се независни, професионално одработени или партиско-политички и пропагандно штелувани, треба „да го врзете“ за телевизорот. А, просечниот македонски гледач во 2013 година гледал 4 часа и 27 минути ТВ програма дневно! За да му земете дел од тоа време, треба да имате предвид оти демографијата на ТВ публиката во Македонија има прозаични карактеристики: жени – 53 отсто, гледачи со основно – 27 отсто и средно образование – 42 отсто, публика над 65 години – 17 проценти! И полека ќе разберете зошто по шоуата на Доктор ОЗ, квизот на Лила Филиповска и народните ТВ приказни, без оглед дали сте гласач на власта или на опозицијата, од вестите на ТВ Сител во 19 часот не можете никако да избегате. Ако, пак, потоа сте се „навлекле“ на турските серии – Сила, Мирниот сокак, Имитација на животот, Карадај (меѓу најгледаните 10 програми лани била Судбината на Фатмаѓул), ќе ги фатите и вечерните политички тиради на последните вести. Од нив никако нема да куртулите ако во доцните ноќни часови ги следите забавните шоуа увезени од нашиот северен сосед, како Икс Фактор лани или Твоето лице звучи познато годинава.

Ако сте спортски фан и ако ги следите Лигата на шампионите, кошаркарското првенство на АБА Лигата, ракометните натпревари (најгледани ТВ програмски содржини лани биле мечевите на македонската ракометна репрезентација), трките на Формула 1, тогаш може да ви се случи да се закачите и на вестите на МТВ или на тазе преродбеничката ТВ Алфа. На МТВ, пак, може да ве маѓепса и македонската верзија на забавниот хит на Би-би-си – Танц со ѕвездите, американските крими серии Ци-Ес-Ај инвестигејшн, па да се заборавите и да се фатите како ги голтате вечерните дезинформации од партискиот штаб на ДПМНЕ. Се разбира, ако сте верен гледач на Величествениот ќе фатите малку и од истиот тој преродбенички колач на Канал 5, итн. итн.

Но, зошто, навистина зошто би ги следеле политички непристрасните вести на ТВ Телма или единствените информативно-политички дебати во државава (покрај неделното политичко шоу на ТВ Алсат) на кои може да се чуе различно мислење – на 24Вести? Дали убавите ТВ фаци, технолошки совршените студија или можеби поновите холивудски филмови, странски забавни емисии, врвни спортски возбудувања или топ – ТВ серии?

СТРАВОТ ЈА ЧУВА ВЛАСТА НА ДПМНЕ

Се разбира, на овој аргумент може да му се спротивстават два легитимни става: прво, оти следењето на вкусот на публиката може да ги одведе програмските содржини во ТВ кич, евтин популизам, турбо-фолк програма, што не одговара, да речеме на уметничкиот и софистициран имиџ на ТВ Телма, која сака и да ја едуцира публиката, а не да ѝ се повинува. Второ, на овие телевизии нема државни реклами, ниту оддалеку како на МТВ, ТВ Алфа и ТВ Канал 5, што значи дека се финансиски хендикепирани во однос на провладино-пропагандистичките.

И тоа навистина може да ви изгледа разбирливо, но само ако немате предвид оти сопствениците на двете телевизии се прилично богати и доходовни фирми – „Макпетрол“ и кабловскиот оператор „Телекабел“, кои минатите години остварувале приходи од повеќе милиони евра. Згора на тоа и двете фирми се дел од еден прилично монополизиран пазар со ограничена конкуренција – снабдувањето со нафтени деривати и кабловска телевизиска програма – и ги користат тие погодности за да заработуваат. И зошто тогаш нивните сопственици не сакаат да вложат во атрактивни програмски содржини за да привлечат публика барем колку МТВ и Канал 5, ако веќе не можат како ТВ Сител?

На пример, ако телевизијата 24Вести сака да биде мал македонски Си-ен-ен, зошто тогаш нема дописништва и директни јавувања од настаните во сите македонски градови, зошто нема сопствена атрактивна документаристичка програма, истражувачки серијали итн, итн? Зошто новинарите во оваа телевизија се жалат на ниски плати? Или зошто на Телма нема ТВ серии, филмови и забавни шоуа од повисок квалитет, барем како оние на МТВ?

Дали газдите на овие телевизии го пресметале само економскиот и финансискиот или можеби и политичкиот ризик од вложување во квалитетна програмска содржина? Којзнае, веројатно во Македонија стравот ја чува власта на ДПМНЕ многу повеќе, отколку парите, силата и пропагандата заедно.

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Jean-Jacques Morello