Протести за спас на Вратничка Река

13.10.2014 07:37
Спас за Вратничка Река

Жителите на тетовското село Вратница се револтирани од игнорантскиот однос на институциите кои, како што тврдат, воопшто не се заинтересирани за нивниот проблем. Вратничани бараат да запре проектот за изградба на двете мали хидроцентрали за да се спаси Вратничка Река.

На 10 октомври, група од стотина жители од ова село излезе на протест кај мостот на Вратничка Река со цел да го запрат проектот за изградба на две мали хидроцентрали на реката. Проектот за изградба на малите хидроцентрали го спроведува Владата на Република Македонија, а оттаму воопшто немаат остварено средба или консултација со жителите на Вратница, кои не даваат согласност за градењето на централите.

„Револтирани сме од надлежните институтуции кои игнорантски се однесуваат кон нас. Никој од надлежните не нè посетил и не се одзвал на нашите покани за средби, иако ние во повеќе наврати изминативе месеци испративме барања за средби“, наведуваат тие преку соопштение за Радио МОФ.

Додаваат дека нивниот проблем, и по петочниот протест кој заврши во тензична атмосфера, сè уште останува нерешен. Уверуваат дека и понатаму ќе ја бранат реката и нивните егзистенцијалните услови за кои веруваат дека ќе бидат нарушени со изградбата на хидроцентралите.

„Ние како вратничани нема да дозволиме некој да ни го одземе нашето природно богатство и да ги загрози нашите егзистенцијални услови кои, меѓу другото, ни се загарантирни со закон“, децидни се тие.

Реакциите против владиниот проект за изградбата на двете хидроцентрали на Вратничка Река ескалираа во петокот. Тогаш, во раните утрински часови, концесионерите со машинерија пристапија кон теренот, но таа беше повлечена по протестот на селаните што траеше до доцните вечерни часови. Нивното единствено барање е да се прекине проектот бидејќи сметаат дека последиците од изградбата на хидроцентралите се долгорочни и ненадоместливи за жителите на ова тетовско село.

„Доколку за некого изградбата на хидроцентралите е бизнис и пари, за нас тоа значи живот“, вели Перо Лазовски, жител на вратница. Тој за Радио МОФ изјави дека целокупната постапка за изградба на хидроцентралите е прекршена. Во член 11 од Законот за води се вели дека водата приоритетно треба да се користи за пиење и наводнување, а изградбата на хидроцентрали е на петто место. Лазовски вели дека изградбата на хидроцентралите ќе наштети на жителите. Издашноста на изворите за пиење на вода секоја година се намалува, па тие како единствена солуција ја сметаат реката. Покрај тоа, се загрозува природниот и живиот свет во реката.

Освен од околните населени места, вратничани добиваат и поддршка од бројната иселеничка заедница од селото во САД, која исто така се противи на проектот.

Извор: radiomof.mk