Лоша вест од Антарктикот

13.10.2014 08:39
Лоша вест од Антарктикот

Приказ на книгите: Антарктикот: Интимен портрет на мистериозниот континент, Габриела Вокер; Што знаеме: Реалноста, ризиците и одговорот на климатските промени, извештај на Климатолошкиот панел на Американското здружение за унапредување на науката; Влијанието на климатските промени во Соединетите Држави: Трета национална климатска проценка, извештај на Американската програма за истражување на глобалните промени.

Изгледа дека нè чека мошне неизвесна завршница од климатските промени. Од една страна, технолошките, а веројатно и политичките фигури конечно се на свое место за брз и ефектен потег кој конечно ќе нè тргне од фосилните горива. За жал, играчите би можеле да се одлучат за едноставно преместување на пионите напред-назад уште неколку децении, а тоа може да биде фатално. Тоа што е најлошо е дека светот на природата секојдневно сè појасно покажува дека часовникот отчукува побрзо отколку што мислевме. Крајот на целата игра е сè поблиску.

Да почнеме со Антарктикот, најслабо населениот континент на кој луѓето речиси и да не оставиле никаква трага. Во својата книга за ова подрачје, Габриела Вокер опишува што се случува во моментов на пространиот леден покривач – од постојани откритија на нови облици подводен живот до тековни потраги по метеори, релативно лесно воочливи на белата позадина. Кој и да се прашува како изгледа зимата на 70 степени под нулата, Вокер овозможува одлична слика. Описот почнува со цитат од Сара Крал, која работела во центарот за контрола на воздушниот сообраќај на целиот континент, координирала летови и служела како „глас на Антарктикот“. Овој предел ѝ оставил впечаток уште на прв поглед:

„Не можеше да се спореди со ништо... Пределот е огромен, преубав. Мислев дека ме чека вообичаено бело пространство. Антарктикот е преполн со себеси.“

Додека го опишува шетањето по падините на планината Еребус, најјужниот активен вулкан на планетата, Крал додава: „Чувството е толку органско што оваа земја ме прави мала. Не намалена, туку мала. Тоа ми се допаѓа.“

Меѓутоа, во некоја друга смисла Антарктикот е место каде всушност дознавме колку сме големи, ако не како поединци тогаш секако како вид. Научниците одамна претпоставија дека со согорувањето на јагленот и нафтата ја гушиме атмосферата со јаглерод диоксид; и, навистина, првите инструменти дизајнирани за мерење на неговата концентрација – поставени кон крајот на педесеттите на хавајската Мауна Лоа – покажале дека сè повеќе јаглерод диоксид се акумулира секоја година. Тие мерења не ни кажаа многу за минатото. За да се разбере во каква опасност сме, беше потребно да се утврди како планетата во далечното минато реагирала на јаглеродот во атмосферата. Ако се земе длабочински примерок од ледената покривка, малите џебови со воздух заробени во секој слој би можеле да ни овозможат добар увид во последователните количини јаглерод диоксид, во текот на долги временски периоди – а најголем примерок може да се земе на Антарктикот.

Вокер со особен интерес пишува за тешкотиите за време на дупчењето на глечерскиот мраз, вадењето неоштетен примерок и неговото чување за анализа. Кога ќе замрзне машината во текот на овој процес, европскиот тим што ги врши истражувањата фрла „коњак-бомби“ со алкохол во дупката за да не се прегрее механизмот. Наградата за напорот е совршен, проѕирен цилиндер, со должина од околу еден метар, засечен со јасно видливи кристални линии. Никогаш порано човечкото око не го видело најстарото парче од најстариот леден слој на Земјата. Внимателно се доближив за да не го допирам, запирајќи го здивот.

Кога најпосле го извади примерокот, тимот пред себе имаше запис за планетарната клима од пред 800 000 години – преку многу ледени и интерглацијални периоди. Откритието, едноставно и непобитно, гласеше:

Дури и кога нашата клима била во некоја друга фаза, со некој друг модус за балансирање на мноштво суптилни влијанија кои го создаваат ветерот, временските услови и топлината што ја чувствуваме, температурата и гасовите од стаклената градина секогаш биле усогласени. Повисоките температури биле проследени со повисоко ниво јаглерод диоксид. Температурата опаѓала кога нивото на јаглеродниот диоксид било пониско.

Во текот на целата таа долга, длабока историја, никогаш не сме биле ни блиску до концентрацијата на јаглероден диоксид во атмосферата, која ја имаме денес. Според Вокер, „во целиот запис (од леденото јадро) највисока била вредноста на јаглерод диоксид околу 290 делови на секој милионити дел од воздухот. Сега сме блиску до 400 и вредноста продолжува да расте.“ Тоа значи дека Антарктикот, благодарение на своето недопрено пространство, овозможува најдобар увид во бизарниот геолошки момент во кој се наоѓаме.

Се разбира, ни Антарктикот веќе не е недопрена област. Трагите од човечкото влијание врз атмосферата и климата можат полесно да се читаат на Јужниот пол отколку каде било на планетата, а резултатите се навистина застрашувачки. Едноставно кажано, масивните ледени покривки почнуваат да се движат со морничава брзина. На тесниот антарктички полуостров, свртен кон Јужна Америка, каде доаѓаат повеќето туристи, топењето се одвива брзо или побрзо отколку каде било на планетата. Токму таму во 2002 година се откина големото парче леден брег „Ларсен Б“.

Полуостровот содржи релативно мала количина мраз; поголемиот дел од светската свежа вода е поврзана во гигантски ледени плочи на источниот и западниот Антарктик. Конзервативните научници долго мислеа дека овие џинови се релативно стабилни, барем во илјадагодишни рамки: не е лесно да се истопат неколку километри мраз, особено ако температурата на воздухот ретко се искачува над точката на мрзнење. Меѓутоа, како што сугерира Вокер при крајот на својата приказна, истражувачите сè повеќе се загрижени за стабилноста, особено на западниот Антарктик.

Од ледената покривка на западниот Антарктик огромни глечери се простираат во Амундсеновото море на Јужниот Пацифик. Тоа е можеби најоддалечениот дел од континентот, но неговиот најинтересен дел се наоѓа под вода. Научниците под брановите испраќаа „автономни подморници“ за да ја проучуваат геологијата, а со помош на сателит ги испитуваа промените во висината на мразот. Нивната работа сè уште не беше завршена кога Вокер ја печатеше својата книга, но нејзиниот извештај дава комплетен контекст потребен за разбирање на веројатно најдепресивните најави на ерата на глобалното затоплување.

Во средината на мај оваа година беа објавени две статии во списанијата Science и Geophysical Research Letters, од кои стана јасно дека големите глечери насочени кон Амундсеновото море повеќе немаат „поткрепа“. Излегува дека геолошки оваа област има облик на линија: толото под глечерите е накосено кон внатре, што значи дека водата навлегува под нив. Ги нагризува одоздола и ги одвојува од врската со тлото. Водата е сè потопла затоа што нашите океани постепено се загреваат. Овој бавен колапс, кој веројатно ќе се случува во текот на наредните децении, е „незапирлив“ во овој момент, велат научниците; сето тоа ја премина „точката од која нема враќање.“

Тоа значи дека на претходните предвидувања треба да им се додадат уште цели три метри пораст на нивото на морињата. Не знаеме колку брзо ќе се случи тоа, туку само дека ќе се случи. А, тоа не е сè. Неколку денови по објавата од Антарктикот, други научници открија дека поголем дел од ледената покривка на Гренланд има слични геолошки карактеристики, затоа што и него го топи водата одозгора. Втората студија објавена истата недела покажа дека димот од големите шумски пожари, кои се сè почести заради глобалното затоплување, влијае на топењето на гренландската покривка, а сето тоа креира особено злобен круг.

На одреден начин, ништо од ова не е ново. Водечкиот глациолог Џејсон Бокс од Геолошкото истражување во Данска и Гренланд (GEUS) пресмета дека, со оглед на палеоклиматските информации, нашите моментални атмосферски нивоа на гасовите од стаклената градина веројатно се доволни за да предизвикаат цели дваесет метри пораст на нивото на морињата. Меѓутоа, едно е да се знае дека чкрапалото е повлечено, а сосема друго е да се види дека куршумот навистина лета; вестите од Антарктикот беа пресвртна точка. Тоа не значи дека треба да кренеме раце од напорите за забавување на климатските промени: како што научниците веднаш нагласија, треба жестоко да се притисне, затоа што сè уште има шанси да влијаеме на брзината со која се одвиваат промените, а со самото тоа и на нивото на хаосот што го предизвикуваат. Ќе биде полесно да се совладуваат последиците ако на располагање имаме векови, а не децении.

Можеме да санираме и многу други облици штета предизвикана од порастот на нивото на морињата (од интензитетот на сушите до размножувањето инсекти кои пренесуваат болести), ако веднаш строго ја ограничиме емисијата на јаглеродот. Сепак, вестите од Антарктикот несомнено покажуваат дека „запирањето на глобалното затоплување“ не е можно. Нема начин да се изладат топлите води кои ги топат глечерите. Физиката нема да ни дозволи лесно да се извлечеме. Од овој момет, сите наши напори мораат да бидат вложени за да спречиме нештата да се влошат.

Драматичното откритие на Антарктикот од мај оваа година, стигна како врв на сè построгите научни предупредувања, додека истражувачите се обидуваат да ја пренесат пораката до јавноста и политичарите. Во март оваа година, Американското здружение за унапредување на науката објави поедноставен манифест под наслов „Што знаеме“, кој почнува вака:

„Убедливите докази за климатските промени, предизвикани од човечкото дејство, укажуваат и на актуелните последици со значајна штета и на вонредните идни ризици за општеството и природните системи.“

Климатските промени, се вели понатму, „ја доведуваат во опасност благосостојбата на луѓето од сите земји.“

Неколку недели подоцна, Белата куќа ја објави својата Национална климатска проценка, „Влијанието на климатските промени во Соединетите Држави“, на веб страницата Globalchange на која граѓаните на САД можат да следат како порастот на температурите влијае на нивната држава или регион. Новоста во оваа проценка е во тоа што штетата од климатските промени не ја прикажува како некоја оддалечена опасност, туку како тековна реалност:

„Климатските промени за кои мислевме дека се нешто што ќе се случи во далечна иднина, несомнено станаа дел од нашата сегашност... Американците ги забележуваат промените секаде.“

На пример, во овој момент, половина од населението на САД ја трпи сушата која потешко од кога било ја погоди Калифорнија, со распространети шумски пожари.

Националната климатска проценка не е толку важна заради својата содржина колку заради пораката што ја носи: изгледа дека администрацијата на Обама, барем реторички, конечно сериозно ќе ги сфати климатските промени. Тоа укажува на одреден пресврт. На самиот почеток од првиот мандат на претседателот Обама, официјалните лица од администрацијата ги собраа лидерите на еколошкото движење на состанок каде рекоа дека нема да зборуваат за глобалното затоплување: имено, фокус групите покажаа дека пополурано е да се зборува за „зелените работи.“ И, го одржаа своето чудно ветување: на пропаднатите преговори за време на Конференцијата за климатски промени во Копенхаген 2009 година (тоа беше најголемото фијаско на надворешната политика на Обама) и пропаднатиот конгресен обид наредната година да се ограничи јаглеродот, Белата куќа речиси и не го изговори зборот „клима“.

Во текот на 2012 година во реизборната кампања успеаја да не ја споменат климата ниту еднаш, сè додека во последните денови од трката на тоа не ги принуди ураганот Сенди. Водејќи ја својата кампања за време на најтоплата година во американската историја, додека сушата ги уништуваше централните делови од земјата, тимот на Обама остана нем. Кога зборуваше за енергијата, Обама силно се трудеше да покаже дека се залага за јагледорот, во кој било облик. На пример, пред еден куп од нафтени цевки во Оклахома рече:

„За време на мојата администрација Америка произведува повеќе нафта од кога било во последните осум години. Тоа е важно да се знае. Во изминатите три години, ја насочив мојата администрација така што ќе отвори милиони хектари за истражувања за гас и нафта во 23 држави од САД. Отвораме повеќе од 75 проценти од нашите офшор нафтени потенцијали. Четирипати го зголемивме бројот на оперативните дупчења до историски рекорд. Изградивме доволно нови гасни и нафтени цевководи со кои можеме да ја опфатиме целата планета, па и повеќе од тоа.“

Навистина, кога Обама ќе го напушти кабинетот, ќе ги поминеме Саудиска Арабија и Русија како најголеми производители на нафта и гас на планетата. Користиме помалку јаглерод во своите енергетски погони, но извезуваме повеќе. Нашите постапки им донесоа огромни профити на гасните и нафтените компании, но не сме во согласност со природните процеси. Дури и кога се слушнаа моќните протести во јавноста – да речеме, за време на рекордниот број забелешки за цевководот Кистоун – претседателот беше заинтересиран. Високите службеници знаат колку чемерен е тој рекорд. Новинарот Марк Хертсгард цитира признанија на низа соработници на Обама дека постапките на администрацијата не се доволни за да ги остварат меѓународните цели, уште помалку да остават убедливо климатско наследство.

Сепак, изгледа дека доаѓа до некакви промени. Во почетокот на јуни претседателот објави предлог за нова регулатива за енергетските погони на јаглен, со која до 2030 година бројот погони од овој вид треба да се намали за една третина. И самата најава ги крена на нозе Републиканците, па претседателот беше обвинет дека започнал „војна против јагленот“; заедно со зголемувањето на стандардната километража на автомобилите, ова веќе ја исполни нормата на администрацијата на Обама да преземе повеќе чекори за ограничување на емисијата на јаглерод од која било претходна власт. Следниот ден Кинезите возвратија со нејасно ветување дека ќе ја ограничат сопствената, енормна емисија. Во тажната историја на нашите напори да предизвикаме соодветна реакција на глобалното затоплување, тоа беа неколку значајни денови.

За жал, да се направи нешто повеќе од Џорџ Буш помладиот не е само слаб успех, туку и незначаен. Во овој случај, корисно прашање е што бара науката. Со оглед на тоа дека за време на мандатот на Обама дознавме дека Арктикот е во галопирачко топење и дека со огромна брзина расте киселоста на океаните, како и со оглед на најновите вести од Јужниот пол кои ги споменав, потребно ни е многу повеќе. Со моменталниот состав на Конгресот, Обама веројатно не може многу да направи освен да ги брани измените на регулативите за јагленот што ги подготви Агенцијата за заштита на околината, меѓутоа ќе биде потребно таквите постапки да ги зајакне и со инспирирана дипломатија за да не се случи „следниот Копенхаген“, глобалната преговарачка сесија закажана за декември 2015 година во Париз, да не биде реприза на дебаклот.

За да изврши притисок на сите учесници во преговорите, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, ги повика светските лидери да дојдат во Њујорк во септември на климатскиот самит. На тој собир веројатно повторно ќе се зборува за грижата за идните генерации, но наспроти 25 годишниот рекорд на дипломатска залудност, многумина од нас ќе се обидуваат да предизвикаат вистинска реакција: во Њујорк, каде сè уште е свежо сеќавањето на Сенди, ќе се обидеме да го одржиме најголемиот уличен протест во историјата на климатското движење.

Целта на протестот ќе биде да им овозможи на лидерите да отидат подалеку; соочени со сè посилниот повик за глобална акција, протестите би можеле да иницираат преговори. Постојат барем неколку знаци дека растечката свест за планетарниот проблем веќе го иницираше процесот. Изгледа дека секоја катастрофа го поместува јавното мислење во насока кон акција, како што тоа ќе биде случај и со загрижувачките последици од Ел Нињо, кој започна кон средината на летото, а кои веројатно ќе бидат катастрофални.

Финансиската заедница исто така почнува да ја преиспитува долгорочната вредност на лежиштата на фосилни горива. Институциите со големи фондови, како што е универзитетот Стенфорд, почнаа да ги деинвестираат своите улоги во производство на јаглен; како што аналитичарите веќе укажаа, ако светот некогаш направи нешто по прашањето на климатските промени, многу резерви на кои компаниите ја засноваат својата вредност ќе мораат да бидат оставени под земја. „Ова е една од најбрзите дебати на која сум сведок за своите 30 години на пазарот“, рече оваа пролет Кевин Бурн, директорот на Financial Times Stock Exchange, оној ден кога Блекрок, најголемиот светски менаџер со акции, го лансираше нефосилниот индекс. Меѓутоа, јасно е дека ќе биде потребно посилно и погласно движење – и тоа глобално – за играчите да се наведат да се соочат со заканата.

Овој приказ го почнав со метафора од шаховска игра, но и рагбито би можело да биде соодветно, со оглед на опасноста што ја предизвикавме. Како цивилизација се наоѓаме на половина од четвртата четвртина и заостануваме за три или четири поени. Трчањето по линија, дури и за некоја помала добивка, едноставно нема да донесе победа. Потребни ни се долги, неочекувани додавања.

Добра вест е тоа што таквите храбри ризици понекогаш успеваат. Кога стигнаа страшните вести од Антарктикот, истото попладне во Германија беше објавена охрабрувачка статистика. Во една од ретките земји која сериозно ги сфати климатските промени и презема многу за да ја промени својата енергетска инфраструктура, забележан е нов рекорд во производството на обновлива енергија. Тоа попладне Германија од одбновливите извори произведе 74 проценти од своите потреби за електрична енергија.

Уште многу треба да се научи за складирањето на енергијата од ветерот и сонцето за мирните и облачни денови. Потребни ни се подобри мрежи за таквиот електро систем да работи без проблеми и тие нема да бидат евтини. Но, фактот дека една северна земја може да одржува модерна економија (и тоа, како што изгледа, моментално најуспешната модерна економија) со енергија произведена одозгора, а не од фосилни горива под земјата, би требало да нè охрабри сите нас. Тоа навистина може да функционира. Ресурсот со кој се работи во Германија, всушност, е политичката волја, која е бескрајно обновлива. Ако успееме да ја поттикнеме.

10.07.2014

Извор: http://www.nybooks.com/