Имунолошкиот систем на Кремљ

14.10.2014 10:21
Имунолошкиот систем на Кремљ

Нашите блиски и далечни соседи започнаа кампања против корумпираниот руски капитал кај нив, и прашањето дали е добро или лошо приклучувањето на Македонија кон гасоводот Јужен тек во моментов стана невалидно.

Да се разбереме, со двата брана санкции што летово Европската Унија ги наметна против сектори од руската економија, а се однесуваат и на енергетските компании како Газпром или Лукоил, проектот „гасовод Јужен тек“ ќе биде замрзнат сè додека не се промени агресивната политика на Русија спрема Украина.

Нашиот источен сосед Бугарија ги потврди заклучоците на Европската комисија и во септември ја запре изградбата на гасоводот на своја територија. Деновиве и Романија, нашиот подалечен источен сосед, но и Италија, влегоа во играта. Минатата недела, тим од обвинители, полиција и инспектори од индустрискиот центар Плоешти, познат и како романска „престолнина на нафтата“, упадна во канцелариите на Лукоил-Петротел, најголемиот нафтено-прерабатувачки комплекс во земјата, покажа судски налог и заради наводно затајување на данок и перење пари започна претрес на книговодствената документација на пет фирми поврзани со рускиот нафтен гигант.

Според романското обвинителствто, се работи за огромни суми. Државниот буџет на земјата бил оштетен за 112 милоини евра, додека наведените компании преку разни офшорни сметки испрале 118 милион евра. По наредба на властите, работата на рефинеријата и на сите со неа поврзани производствени постројки, како фабриката за автомобилски и индустриски масла, беше сопрена.

Од разбирливи причини, поради мешањето на Москва во ЕУ интеграциите на Молдавија, чие население и територија, како дел од поранешното романско кралство, Букурешт ги смета за свои, Романците, за разлика од Србите или поделните Бугари и Македонци, се антипутински настроени уште од почетокот на кризата во Украина во март. Потоа, тие се покажаа како едни од најголемите поддржувачи за воведување санкции против Русија.

Зошто антируско расположение кај нашите источни соседи? Дали тие имаат право така да ги третираат руските инвестиции кај нив, што до крајот на 2013 и Вашингтон ги одборуваше? Официјалниот став на администрацијата на Барак Обама тогаш беше дека ако руските енергетски инвестиции на Балканот носат економски растеж на регионот и просперитет на населението, Белата куќа не би се противела, туку, напротив, би ги поддржувала.

Значи би замижала на таквите инвестиции, наспроти валканите алишта што тие со себе ги носат, односно дека голем дел од тој капитал олигарсите и руските нафтени магнати го стекнале нечесно. Како што ЕУ замижуваше на децениското лелекање на руските опозиционери за невидениот грабеж на според Уставот општите (народни) сибирски ресурси од страна на грст луѓе од блискиот круг на лични пријатели од КГБ и пост-КГБ службата на сегашниот претседател Владимир Путин.

Разбирливо, со анексијата на Крим и активната поддршка на воениот конфликт во источна Украина, која кулминираше со соборувањето на малезискиот патнички авион, Брисел и Вашингтон драстично го променија својот однос спрема Москва. Не се само санкциите, деновиве ефектуирани во забрзан пад на рубљата и одлив на странски капитал од земјата што ја турка руската економија во рецесија. Европските престолнини сè понеблагонаклонето гледаат и кон досега легитимниот руски капитал кај нив. Тоа го покажа и агресивното однесување на романските власти кон Лукоил, компанија која досега имаше „најчист образ“ на Балканот, необременет со корупциски скандали дома како оние на Росњефт, Газпром и нивните подизведувачи, специјализираните градежни компаниите на браќата Ротенберг, старите Путинови пријатели по џудо-спаринг. Ваков строг и критички однос кон руските инвестиции во Европа се очекува и во другите земји, па и во оние како Германија или Франција, каде досега се замижуваше пред сомнителноста на руските инвестиции во интерес на лукративните енергетски и трговски зделки.

Критички расположените слоеви на руската интелигенција, експертите, опозициските лидери и политичари одамна укажуваат дека Путин од Кремљ направи еден вид супер-корпорација. Според историчарот Михаил Игњатев, Русија и Кина се ексклузивни држави со олигархии каде сите, освен неколкумина избрани, се исклучени од пристапот до плодовите на економската и политичката моќ. „Владеењето на правото и независно судство таму постојат само на хартија. И олигарсите и дисидентите добро знаат дека во случај на мешање или политички предизвик на режимот, против нив ќе биде искористен законот со сета своја сила.“

Во изминативе години критичарите на режимот мошне добро го скицираа работењето на таа корпорација чиј CEO е Путин. Андреј Иларионов, Борис Немцов, како и Алексеј Навални во стотина извештаи, статии, книги и блог постови, добро го разобличија ортачкиот капитализам на руската економија што го создаде Путин, кој од западните престолнини до март годинава беше регистриран безразлично поради низа национални и глобални концесии.

Државно-думски поддржани инсајдерски тргувања на акции на банки, нафтени и енергетски компании, медиумски куќи и осигурителни друштва. Богатење од нула на другарчињата на Путин од Санкт Петербург. Непрониклив круг на заемни услуги и штитење грб. Со еден збор, политичко-капиталистичкиот систем на Русија е претворен во една ортачко-апашлучка структура со офшори и октоподи на кои не им се гледа крајот. Оваа структура е баснословно богата и држи најголем дел од руската економија.

Иларионов, Немцов и Навални не се слушнати во Русија поради турбо пропагандата и хајката што против нив се води институционално (судски) и на сите големи и важни медиуми, сите под државна контрола. Длабоко корумпираниот руски капитал и војната во Украина дадоа меѓународен публицитет на претходно игнорираните предупредувања дека Путин од Русија прави мафијашка држава, и за ова сега поинтензивно се пишува во западните медиуми.

Во своите речиси дведеценски трговски односи со Запад, Кина и Русија сфатија дека глобализираниот и слободен капиталистички пазар им помага на нивните олигархии да задржат политичка контрола. „Колку повеќе лична слобода има граѓанството во тие земји, толку помалку тоа бара политички (јавни) слободи.“ Личните слободи што до 1990 не постоеја во тие земји, овозможени од слободниот тек на капиталот – куповната и продажбената, слободата да се добие нешто во наследство, да се патува, и секако, да се мрмори против власта дома помеѓу своите, го држи под контрола граѓанството во Кина и Русија, вели Игњатев. Според него, овие слободи се издувен вентил што му овозможува на режимот да ги заузда поплаките на демократите.

И токму во вакви општествено-политички односи може да се носат такви закони коишто покажуваат дека послушната олигархија е заштитена од државата (читај: корпорација Кремљ) како ретка ѕверка. Наречен филмски „актот Ротенберг“, според овој нацрт-закон, од Думата завчера одобрен во првото читање, на другарите на Путин им е предвидена државна отштета доколку нивни активи се незаконски одземени во решенија на странски судови.

Законот беше експресно смислен и предложен откако во Италија властите пред две недели запленија четири вили и апартмани на Сардинија и еден хотел во Рим, сопственост на Аркадиј Ротенберг, во вредност од 30 милиони евра. Според критичарите, одбивноста и цинизмот на овој закон се уште поголеми не само затоа што станува збор за субвенции за милијардерите покрини од федералните фондови, не само затоа што се дава пристап до пензиските и девизни резерви на оние кои како Игор Сечин, претседателот на Росњефт, имаат годишна плата од 50 милиони долари, туку дека тоа се прави во време кога во буџетот за 2015 година е проектирано кратење од 20 отсто на расходите за здравство и од 6 отсто на расходите за образование.

Руската власт дејствува како имунолошкиот систем на човекот. Во случај на расекотина или силен удар со повреди на телото на олигархијата, произведува огромно количество бели крвни зрнца и ефикасно ја затвора раната со згрутчена крв. Ете како се брани своето од ударите на туѓи тела.

Слики: Ylli Haruni

ОкоБоли главаВицФото