Британскиот парламент го прифати предлогот за признавање на Палестина

14.10.2014 12:17
Британскиот парламент го прифати предлогот за признавање на Палестина

Британскиот парламент синоќа со 274 гласови за и 12 против го прифати необврзувачкиот предлот да се признае државата Палестина, по шестчасовна дебата.

Предлогот нема практично значење, бидејќи не ја обврзува британската влада да ја измени моменалната политика за признавање на Палестина додека не се постигне мировен договор помеѓу Израел и Палестинците.

Ова гласање е полно со симболизам, а го иницираше пратеникот Греам Морис од главната опозициска Лабуристичка партија, кој рече дека Велика Британија има „морална одговорност“ да дејствува поради својата историја како колонијална сила во регионот.

Ниту британскиот премиер Дејвид Камерон, ниту лидерот на Лабуристите Ед Милибенд не беа присутни на почетокот на дебатата и беше најавено дека Камерон нема да гласа. Дебатата во британскиот парламент уследи по пропаѓањето на мировните преговори меѓу Израел и Палестина во април и по разорната војна меѓу израелската војска и Хамас, во која загинаа речиси 2.200 Палестинци и 73 луѓе на израелска страна.

Пред денешното гласање мала група демонстранти се собра пред зградата на парламентот носејќи транспарент со порака „Гласајте за палестинска држава“.

Палестинската управа проценува дека 134 земји во светот ја признаваат Палестина како држава, иако со тој број не се согласуваат сите и има признание од некои сегашни членки на ЕУ кои датираат уште од времето на Советскиот сојуз.

Инаку, Велика Британија се воздржа од гласање во ОН во 2012 година, кога Палестина доби статус на држава набљудувач, и покрај противењето на САД и Израел. Британските пратеници гласаа и откако неодамна новиот шведски премиер, разлутувајќи го Израел, најави дека Шведска ќе ја признае Палестина.

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото