Интервју со македонската партизанка Жамила Колономос: за македонските Евреи и борбата во НОБ

14.10.2014 11:52
Интервју со македонската партизанка Жамила Колономос

Претставуваме видео интервју од 1995 година со Жамила Колономос (Битола, 18 јуни 1922 - Скопје, 18 јуни 2013), македонска револуционерка и првоборец, поранешна професорка по француска филологија, писател и публицист.

Во интервјуто, таа ја опишува добро организираната еврејска заедница во Македонија, од која речиси 90 отсто од младите луѓе членувале во ционистички организации пред Втората светска војна. Нејзиното семејство не било религиозно, но ги славело сите еврејски празници. Татко ѝ кој бил директор на француско-српската банка. Жамила го оставила семејството за да им се придружи на партизаните, откако разбрала дека Бугарија ќе учествува во депортацијата на Евреите од Битола.

Жамила Колономос е родена на 19 јуни 1922 година во Битола. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје. Како член на СКОЈ и првоборец од април 1941 година била истакнат организатор на еврејската младина во НОД. Била примена за член на КПЈ од април 1942 и наскоро преминала во илегалство. Од април 1943 станала борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев“. Била заменик политички комесар во Првата македонско-косовска народноослободителна ударна бригада и заменик политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Подоцна била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија од декември 1944. По Ослободувањето била функционер на АФЖ на Македонија, секретар на Окружниот народен одбор во Тетово, кандидат за член на ЦК на КПМ каде била избрана на Првиот конгрес на КПМ и член на ЦК на КПМ избирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на КПМ/СКМ, началник на Персоналното одделение во Владата на НРМ, член на Агитпроп на ЦК на КПМ, член на Кадровската комисија на ЦК на КПМ, републички пратеник во Собранието на СРМ во повеќе свикувања, претседател на Сојузот на женските друштва на Македонија, претседател на Републичкиот совет на друштвата за заштита и воспитување на децата и активист на подоцнешниот Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Избрана за професор емеритус на Катедрата за романска филологија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1962 година. Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец. Била мажена за еврејскиот активист од Македонија, Аврам Садикарио, со кого го имаат синот Самуел Садикарио. Починала во Скопје на 18 јуни 2013 година.

Во интервјуто, таа раскажува за своите партизански денови, криењето со други доброволци и чекањето на врската која требало да ги поврзе со партизаните, новинарскиот ангажман и печатењето партизански публикации, тешките услови за живот за време на војната, исчезнувањето на нејзиното семејство во Холокаустот...

Интервјуто го направил Јаса Алмули како дел од проектот за документирање на сведоштвата на преживеаните од Холокаустот и борците од отпорот кои се бореле против фашистите во Втората светска војна во Македонија. Проектот е заедничка иницијатива на Меморијалниот музеј на Холокаустот во САД и еврејската заедница во Скопје.

Интервјуто можете да го погледнете овде.

Извор: collections.ushmm.org