Алармантно: Македонија прва по загаденост на воздухот во Европа!

15.10.2014 04:45
Алармантно: Македонија прва по загаденост на воздухот во Европа!

Загадувањето на воздухот во Македонија е едно од најголемите во Европа, оценува Светска Банка во својот извештај за земјава. Тоа пак е една од најголемите грижи на земјата, посочуваат од банката. Целта на анализата е проценка на ефектите врз здрвјето од загаденоста на воздухот во Македонија и трошоците на овие ефекти врз општеството.

 

Македонија има најзагаден воздух во Европа, а загадувањето на воздухот со години е над европските стандарди, потенцираат од Светска Банка.

Земјава е на прво место на листата на банката, кога станува збор за изложеност на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички. Веднаш зад нас е Србија, а потоа следуваат Романија, Бугарија и Малта.

Но, дополнително во извештајот е наведено дека Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од ПМ10 честичките.

Сознанијата на Светска банка упатуваат на тоа дека цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадиници изгубени работни денови – што претставува економски трошок од 253 милиони евра годишно или 3,2% од БДП.

„Прераната смртност се појавува од кардиопулмонарни заболувања и рак на белите дробови. Во 2011 година, нивото на загадување од цврсти честички беше примарно одговорно за 485 нови случаи на хроничен бронхитис, 770 болнички приеми и 15.200 итни посети. Со намалување на ПМ10 и ПМ25 до европските гранични вредности ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи и многубројни изубени работни денови, со што ќе се реализира заштеда во здравствени трошоци од 151 милиони евра годишно“, се наведува во извештајот на банката.

Загаденост на воздухот далеку над европските стандарди

Концентрациите на штетните честички во воздухот ги прекршуваат стандардите за квалитет на воздух на Европската Унија и тоа е една од најсериозните грижи на земјата, посочуваат банкарите, притоа потенцирајќи дека честичките ПМ10 сериозно го надминуваат годишниот стандард на Европската Унија.

Од Светска банка препорачуваат дека намалувањето на загадувањето на воздухот е можно со употреба на расположливи технологии во индустријата и патниот сектор и со помош на владини програми за поддршка на употреба на модерни ефикасни апарати за готвење во домаќинството.

Дополнително, загадувањето исто така може и географски да се насочи, бидејќи според анализата, 45% од здравстевните последици се јавуваат во Скопје и во уште неколку локални производствени зони.

„Од 84 оопштини во Македонија, 15 сочинуваат 88% од вкупниот задрвстен товар од загадување на воздухот, а од нив речиси половина се лоцирани во Скопје. Општините се мали, густо населени и урбанизирани. Кога се комбинираат со лошите атмосферски услови во декември, загадувањето на воздухот станува сериозна грижа, се наведува во извештајот.

Високата и растечка зависност од дрвата за огрев генерира големо локално загадување на воздухот

Според, анализата на Светската банка, повеќе од 90% од штетните честички доаѓаат од металургијата, производството на струја и мешањето асфалт на патиштата, како и горењето на дрво во домаќинствата.

„Според официјалната статистика, горењето дрва во домаќинствата создава околу осум проценти од емисиите на стакленички гасови во земјата и приближно ист удел од вкупното загадување со ситни честички. Околу 70% од енергијата што се користи за греење доаѓа од биомаса или огревно дрво. Најважно е дека користењето на неефикасни печки за дрва е широко распространето, што го подрива она што би можело да биде користење на обновливи извори поволни за климата. Наместо тоа, сè поголемото користење на биомаса би можело да биде индикација за енергетска сиромаштија, отсликувајќи ја неспособноста на домаќинствата да си дозволат модерни извори на затоплување како што е гасот, централното греење или струјата, но и немањето пристап до гас“, е наведено во анализата на Светска банка.

Користењето на биомасата во Македонија е поголемо отколку во поголемиот дел од Европа и расте последниве години. Три четвртини од населението секојдневно користи дрво за греење. Особено изненадувачки е дека дури и во урбаните подрачја, речиси 60% од домаќинствата за затоплување користат биомаса, споредено со 95% од руралните домаќинства. Во Европа, само Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косво се блиску до нивото на користење на биомаса во Македонија. Нагорниот тренд на затоплување и готвење на биомаса во Македонија се забрза во последниве години, растејќи просечно за 6% годишно.

Користењето на нелегално дрво за огрев преовладува во земјата. Иако целокупната пошумена површина во Македонија останува релативно стабилна, со околу 37% од територијата, незаконската сеча е значителна и голема закана за шумската маса. Односно, 85% од законски исечените дрва се за огрев, додека пак целото незаконско сечење на дрвата е наменето за огрев.

Извор: Фактор