Антонио Милошоски го поздрави веењето на знамето на Голема Албанија со помош на дрон

15.10.2014 17:32
Антонио Милошоски го поздрави веењето на знамето на Голема Албанија со помош на дрон

Скопје, 15 октомври 2014

Антонио Милошоски изрази задоволство поради инцидентот со знамето со мапа на Голема Албанија кое се развеа над стадионот ЈНА во Белград за време на натпреварот помеѓу Србија и Албанија. Тој нескромно смета дека е директен инспиратор за ваквиот потег.

„Верувам дека провокаторите се инспирирале од веењето на знамето со сонце од Кутлеш на врвот на Олимп. Среќен сум што можам да им послужам како пример на колегите националисти, иако на времето протестирав против клетите Шиптари“, изјави Милошоски за Пара вести.

Тој објаснува дека веројано станува збор за помлади лица, бидејќи денешната младина е навлечена на секакви гаџети и придобивки од технологијата.

„Јас сум стара школа, па провоцирам пешки, така е некако повитешки. Ама не е лошо да научиме нешто од помладите, макар доаѓале и од табор што го мразиме. Можеби е време и македонскиот национализам да се модернизира“, рече Милошоски.

Низ чаршијата веќе на големо се зборува дека тој веќе се навлекол на провокации со знамиња, па се подготвува да развее знаме од Јужна Кореја во Северна Кореја, како и да го развее новото наместо старото македонско знаме на митинг на ДПМНЕ.