Како Народниот климатски марш стана корпоративна пи-ар кампања

16.10.2014 10:01
Како Народниот климатски марш стана корпоративна пи-ар кампања

Никогаш не сум бил на протестен марш кој е рекламиран во Њујоршката подземна железница. Марш кој потроши 220 000 долари за постери со кои ги повикува банкарите од Вол стрит да му се придружат на маршот за спас на планетата, судејќи според еден извор. Тој тврди дека можете да ја промените светската историја за едно попладне откако ќе го прошетате кучето и ќе ја изедете ужината.

Добредојдовте на „Народниот климатски марш“ кој е закажан за недела, 21 септември во Њујорк Сити. Темпиран е пред одржувањето на самитот на светските лидери во Обединетите нации кој ќе биде одржан две недели подоцна. Организаторите го промовирааткако „најголемите демонстрации против климатските промени досега“ заедно со сличните маршови ширум светот. „The Nation“ ги опишува организациските подготовки како „партиципаторни, open-source модел кој потсетува на протестите Occupy Wall Street.“ Лидерот 350.org, една од главните организациски групи, објасни: „Секој може да го даде својот придонес и со многу од нашите онлајн организациски ’хабови‘ управуваат волонтери кои често координираат стотици други волонтери.“

Јас ќе му се придружам на маршот, како и на Климатскиот собир кој почнува во петок, и што е најважно на директната акција „Да го поплавиме Вол стрит“, која ќе биде одржана во понеделник на 22 септември. Разговарав со повеќе од десет организатори вклучувајќи го и високиот персонал во организациските групи. Многу луѓе се искрено возбудени заради неделните демонстрации. Ова движење радикализира стотици млади. Меѓу оние кои го поддржаа маршот се и некои работнички синдикати и многу комунални организации на луѓе со потемна боја на кожата, кои вообичаено не учествуваат во еколошкиот активизам, затоа што мејнстрим движењето на зелените честопати лошо се изразуваше кога зборуваше за влијанијата на, или на решенијата за работниците од глобалниот југ.

Но, без оглед на сè, да го цитирам Хан Соло: „Имам лошо претчувство за ова.“

Активистката за заштита на животната средина Ен Питерман и писателот Квинси Сол го опишуваат како Народен климатски марш кој нема барања, нема мети и нема непријатели. Организаторите признаа дека повикувањето на банкарите да учествуваат во маршот е како кога би рекле дека платениците на Blackwater би требало да му се придружат на антивоениот протест. Освен парите, нема ништо друго што ги обединува. Една активитстка ветеранка, која учествувала во Occupy Wall Street движењето рече дека е познато дека имаат доволно пари да ја вработат неа, но и други. Нема никаква историска свест: децениите активизам за климатска правда се избришани со постојано повикување на „најголемите демонстрации против климатските промени досега.“ Истражувачката новинарка Кори Морнингстар ги поврза точките помеѓу организациските групи, 350.org и Авааза, глобална онлајн активистичка организација според моделот MoveOn, и институциите како Светската банка и глобалната иницијатива Клинтон. Морнингстар тврди дека тајната на успехот на Авааз е во нејзината „експертиза за бихејвиоралните промени.“

Тоа е она што најмногу ме загрижува. Затоа што работев на авенијата Медисон речиси цела деценија, можам да ги намирисам Пи-Ар-от и маркетиншката кампања на далечина од една милја. Ми изгледа дека таков ќе биде и случајот со Народниот климатски марш. Судејќи според инсајдерски извори, обидот на самиот почеток да се направи акција како онаа во Сиетл – организирање илјадници луѓе на ненасилен начин да ја блокираат зоната околу Обединетите нации – е осуетен од страна на платениот персонал на организациските групи.

Еден учесник на организациските состаноци рече: „На почетокот луѓето зборуваа, ’Ова е нашиот Сиетл“, мислејќи на министерскиот состанок на Светската трговска организација од 1999 година, кој со директна акција беше исфрлен од колосек. Но, платениот персонал издејствува климатски марш без политика. Друг извор рече: „Не можевте да ги видите Авааз како промовираат акција во стилот на Occupy Wall Street. Донесена е стратешка одлука да има голем марш со колку што е можно повеќе мејнстрим групи.

Нема ништо лошо во тоа. Секоја тактика не треба да биде заснована на Occupy Wall Street. Но, во мејлот што минатиот декември го испрати Авааз, кој очигледно собра милиони долари, пишуваше: „Време е за моќна, ненасилна акција, да се употреби имагинацијата, да се пренесе моралната ургентност и да се инспирираат луѓето да дејствуваат. Мислете на Occupy Wall Street.”

Претпоставувам дека се случува следното. Авааз пронајде лукративен тек на приходи предупредувајќи за климатска катастрофа која може да се реши со клик на копчето за донации. За да ги убедат луѓето да донираат вели дека ни се потребни акции во стилот на Occupy Wall Street. Кога дојде момент за таков протест, Авааз и 350.org го блокираа а потоа кога беше организиран, тие го исфрлија од видокругот. Ако одите на Народниот климатски марш, нема да слушнете какво било споменување на акцијата „Да го поплавиме Вол Стрит“, која целосно ја поддржувам, но се плашам дека е организирана со премалку време и ресурси. Ниту го видов тоа во мејлот на Авааз, ниту кој било друг со кого разговарав. Бил Мекибен од 350.org почна да ја промовира оваа недела, но можеби затоа што постои незадоволство во редовите на активистите и активистките во врска со маршот, кој вклучува многу активисти и активистки од Occupy Wall Street. Еден инсајдерски извор ми рече: „Одлуката да не се промовира „Да го поплавиме Вол стрит“ се однесува на брендингот. Ова не се радикални организации.“

Брендинг. Така ќе биде решена климатската криза. Ние се наоѓаме во ера на постмодерни социјални движења.

Имиџот (а не идеологијата) е на прво место и ја обликува реалноста. Односите со јавноста и маркетингот ја одредуваат тактиката, испраќањето пораки, организирањето и стратегијата. Тоа, дали ова може да има позитивен ефект е друго прашање и затоа јас ги повикувам сите да учествуваат. Не можеме да знаеме каква ќе биде иднината. Но, организаторите кои се препуштени самите на себеси ќе го водат движењето на гробиштата на Демократската партија, токму како што се случи со движењето против војната во Ирак пред десет години. Се сеќавате на тоа историско светско движење, зарем не? Беше толку големо што Њујорк Тајмс го нарече глобалното јавно мислење „втора суперсила.“ Сега, Обама започна осма војна, а антивоено движење нема ниту за лек.

Изворите велат дека Авааз и 350.org плаќаат најголем дел од сметките за Народниот климатски марш, на кој потрошија милиони долари. Авааз рече дека ангажирале еден куп вработени со полно работно време и изнајмиле други агитатори да собираат потписи за петицијата и да делат летоци. Речиси целиот персонал на 350.org работи на климатските маршови ширум земјата и постои и канцеларија во Њујорк со триесет работници со полно работно време кои го организираат маршот. За тоа се потребни многу пари. Ова не е grassroots движење. Затоа, би било погрешно да се осудува заради тоа. Луѓето се придружуваат заради искрена загриженост, страст и надеж во праведен, одржлив свет, но контролата е хиерархиска и нетранспарентна. Сите оние со кои зборував го опишаа како недемократски процес. Дури ни персоналот не е сигурен кој ги донесува одлуките, освен што знаеја да ми кажат да испратам пари. Исто така, лесно е да се каже дека сите овие групи се исти. Авааз е попретпазлив од 350.org и изгледа дека њујоршката подружница на 350.org, која е порадикална, е во спор со националната.

Но, кога примарно барање е да се има што повеќе луѓе, заради визуелeн ефект, односите со јавноста и маркетингот, сето останато станува најмал заеднички содржател. Недостатокот од политика е политичка одлука. Еден инсајдер ми призна дека наспроти својата прегреана реторика за тоа дека иднината ни е доведена во прашање, „јас не очекувам многу од овој процес на ОН.“ Тој извор додаде дека ова е „медиумски момент, мобилизациски момент.“ Целта е да имаме слики од разновидната маса, оттука старата изрека за маршот „family friendly“. Сепак, таа погодност за семејствата има висока цена. Сè се одлучува во корист на потребата да се има визуелен ефект, што значи дека организаторите заради страв од насилство капитулираа пред њујоршката полиција да побара што било од нив. Маршот е закажан за недела наутро во време кога градот сè уште ќе биде мамурен. Светските лидери нема ни да бидат во Обединетите Нации, а и тие се само платеници на вистинските климатски криминалци од Вол Стрит. Најблиску што ќе се приближи маршот до ОН ќе биде на една милја. Маршот ќе заврши на Единаесеттата авенија, ничија земја која е далеку од подземната железница. Нема завршен митинг ниту говорник.

Инсајдерот вели дека целта е да се создаде простор за политичарите: „Ако можете да го формулирате како ’баба и деца, имигранти и работници‘, ќе го направите побезбеден за политичарите да можат да излезат и да пружат поддршка. Тоа, исто така, е либерално. Јас не верувам многу во тоа.“

Кога прашав каква е мерката за успехот, инсајдерот ми рече дека тоа се медиумското покривање и долгорочното испитување на јавното мислење. Бев вчудоневиден. Тоа се токму истите средства кои би ги користеле во големите маркетиншки кампањи. Прво би процениле и би ги евидентирале медиумските „импресии“ од сите дигитални, печатени медиуми и така натаму. Тогаш, по неколку месеци ќе спроведеме истражувања за да видиме дали сме го промениле мислењето на потрошувачите за брендот, нивната наклонетост, квалитетите кои ги поврзуваат со него, веројатноста дека ќе го пробаат. Тоа се истите средства кои наводно ги користи Авааз.

Авааз е пионер на кликбејт активизмот. Тој ги наведува луѓето да потпишуваат петиции за драматични, но во крајна линија и минорни прашања како што е „Спречете го камшикувањето на 15 годишните жртви на силување на Малдивите.“ Оперативниот метод на Авааз, кој е основан 2007 година, е создавање „акции“ како оваа која генерира мејлови за своите операции за собирање парични средства. Со други зборови, тоа е корпорација со бизнис модел за создавање производи (акции), кои ѝ помагаат да го зголеми уделот на пазарот (мејловите), и најпосле да оствари приход. Акциите кои ќе добијат најголемо внимание се оние кои имаат најмногу потписници на петициите, најголемо медиумско покривање и кои помагаат во генерирањето приходи.

Авааз ја претвори социјалната правда во производ за подобрување на либералниот добротворен начин на живот и му фрли око на движењето за климатска правда.

Колку мејловите се подраматични, толку е подобар одговорот. Тоа е како супермаркет. На кесите и кутиите не пишува „Не е лошо“, или „не е баш највкусно“. Тие велат „има најмногу сирење“, „највкусно е“, „лавина од ароми“, „потполно неодоливо“. Заради тоа петициите за климатските промени толку добро поминуваат кај Авааз. Навистина, тоа е толку драматично. Но, тоа сè уште не е доволно драматично за маркетиншките цели.

Еден извор ми рече дека еден мејл од декември 2013 година за климатските промени кој го испратил директорот на Авааз, Рикен Пател бил вистински рудник со злато. Насловот бил: „24 месеци за спас на светот.“ Тој почнува вака: „Ова е можеби најважниот мејл што некогаш сум го напишал“, и потоа вели дека климатската криза „ги надминува нашите најлоши очекувања“ со бури и температури кои „излегуваат од графиконите“. Потоа следува Пател: „Ние МОЖЕМЕ да го запреме тоа, ако дејствуваме многу брзо и сите заедно. И од овие ноќни кошмари за изумирање, можеме да извлечеме една од најинспиративните иднини за нашите деца и внуци. Чиста, зелена иднина која е во рамнотежа со земјата што нè родила.“

Да им се каже на луѓето дека останале само 24 месеци за спас на светот е страшно, токму како и посредното наведување дека онлајн донацијата на Авааз ќе помогне да се спаси светот.

Истата надуена реторика е употребена за Народниот климатски марш: тој е најголемиот марш досега. Постои „соработка без преседан“ со повеќе од 1 400 „партнерски“ групи во Њујорк Сити. Сè се сведува на овој еден ден кога „се работи за иднината и целиот свет гледа, ние ќе заземеме став и ќе го промениме курсот на историјата.“

Сето тоа под претпоставка дека мирните учесници на маршот кои, ако бидат зад барикадите на њујоршката полиција, ќе ги убедат владите во светот кои ќе се состанат на Климатскиот самит, а кои нема ни да се сретнат во наредните два дена, дека треба да го усвојат „амбициозниот глобален договор“ на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, „за драматично намалување на загадувањето кое придонесува за глобалното затоплување.“

Мун сега му се придружува на маршот. Но, тешко е да се дојде до детали, вклучувајќи го сајтот на Климатскиот самит, за тоа што всушност ќе се дискутира таму. Најдобриот извештај што можев да го најдам е оној на канадскиот новинар Ник Филмор. Тој тврди дека главното прашање ќе биде ценовникот на јаглеродот. Тоа е една од оние измами кои во минатото ги смислија корпорациите со кои беа наградувани најголемите загадувачи со најмногу кредити за продажба (на јаглерод) и кој создава перверзни поттици за загадување, затоа што тогаш тие можат да заработат пари за да ја намалат емисијата.

Значи, имаме корпоративно осмислен протестен марш во знак на поддршка на светското тело, со кое доминираат корпорациите и кое треба да ги имплементира корпоративните мерки за да им се спротивстави на климатските промени кои се производ на светските корпорации, кои се лоцирани на речиси неколку милји подалеку, но кои никогаш нема да го почувствуваат гневот на Народниот климатски марш.

Наместо да се жалат на маргините и на Фејсбук, радикалите би требало да бидат на улиците. Придружете им се на маршовите и уште поважно, на директните акции. Радикалите треба да поставуваат тешки прашања како на пример, зошто вторпат во петнаесет години милитантното востание, прво во Сиетл, па потоа Occupy Wall Street, попушти пред либералната кооптација. Каква корист има вашата радикална анализа ако НВО секторот и параваните на Демократската партија и понатаму подобро се организираат од вас?

Наоми Клајн вели дека треба да престанеме со вообичаените практики затоа што климатските промени ќе променат сè. Во право е. За жал организаторите на Народниот климатски марш не ја примија таа порака. Затоа што продолжуваат да работат по старо, а тоа нема да промени ништо.

Еден истакнат еколошки организатор вели дека по завршувањето на маршот „лидерите на ОН ќе бидат таму и во понеделник и во вторник, и ќе прават што сакаат. И сите ќе им се вратат на своите животи, ќе ги шетаат кучињата и ќе јадат ужина.“

Иднината не е запишана. Не е важно што ќе се случи в недела. Важно е што ќе биде потоа.

19.09.2014

Извор: http://www.counterpunch.org

 

ОкоБоли главаВицФото