„За каменот“ - изложба на француската уметница Флор Хелуан

16.10.2014 11:07
„За каменот“ - изложба на француската уметница Флор Хелуан

На 17 октомври во 20:20 часот во просториите на галеријата ОСТЕН во Скопје ќе биде отворена изложбата „За каменот“ на француската уметница Флор Хелуан. Авторката ќе биде присутна на отварањето на изложбата,
која ќе биде поставена до 31 октомври 2014 година.

Изложбата е реализирана како резултат на резиденцијалнот престој на авторката во Скопје во 2013 година.

Во продолжение следува текст од кураторката на изложбата Елена Вељановска:

Претставувањето на светлината и темнината во уметноста се појавува како доминантен интерес кај сликарите низ историјата на сликарството и е предмет на истражување којшто многу често се забележува во делата од ренесансата, па наваму. Првата ноќна сцена се појавува во манускриптите од раната ренесанса, а светлото, како услов за перцепија, станува основна компонента во барокното сликарство.

Француската уметница Флор Хелуан го започнува своето истражување на светлината враќајќи се наназад, од интерес кон теми од современата уметност и уметноста на новите медиуми кон основите на сликарството и неговите составни елементи. Во нејзините дела таа ја истражува природната светлина, нејзиното значење за цртежот и неговите хроматски квалитети и заситеност комбинирајќи ги со звучен експеримент којшто има за цел да ја пренесе публиката на местото кадешто се настанати цртежите.

Новата серија цртежи со јаглен насловена „За каменот“ е создадена во бронзенодопскиот архео-астрономски локалитет Кокино, во близина на Скопје. Овие цртежи се резултат од нејзиниот резиденцијален престој во Скопје и од нејзината цел да го набљудува амбиентот на опсерваторијата во обид да ги разбере маркерите, референците во просторот и да се обиде да ги поврзе со камените маркери во Кокино. Правејќи го ова, таа се обидува да ја опфати истата глетка и да му даде смисла на просторот и да го види на ист начин како нејзините претходници, неговите креатори.

Во нејзините претходни дела, Хелуан се интересира за естетските квалитети на свелината и темнината и начинот на којшто новите медиуми го илуминираат современото општество.

Во оваа серија цртежи, Хелуан го поместува својот интерес од истражување на светлото и се фокусира на ноќниот амбиент којшто ја опкружува опсерваторијата, правејќи ја видлива преку мали исечоци на месечева светлина којашто ја осветлува преку пукнатините на околните планини. Тешките слоеви на јаглен од кошто се креирани цртежите, ја апсорбираат светлината кон цртежот, креирајќи скоро целосна темнина. Оваа атмосфера е во контраст со светлина којашто рефлектира од површината на делата, слој на цртежите добиен од мешавина на светликави издробени Мика-камења од околината на опсерваторијата. Овој ефект креира дополнителен пластифицитет на приказот. Во овој циклус уметницата повторно комбинира различни историски пристапи во сликарството со различни историско-уметнички референци и влијанија коишто се наѕираат во нејзините дела, естетиката на Анселм Кифер, ноќните фотографии и слики на Едвард Штајхен, и врската со темнината во опусот на Рембрант или Ѓото.

Втората компонента од циклусот се бинауралните придружни звуци креирани на истата локација. Бинауралните ритми се појавуваат кога два звука со иста фреквенција се претставени по еден на едно уво, или преку стерео звучници или слушалки. Тогаш мозокот ги интегрира овие звуци во еден тон, или бинаурален ритам. Овие тонови се комбинирани со звуци снимени во Кокино, коишто додека се слушаат, дополнително ѝ помагаат на публиката да постигне чувствителна умствена состојба на задоволство.

Со комбинирање на различните материјали и користење на нивните различни материјални вредности во цртежите и дополнителните придружни звуци, уметницата креира мала материјална колекција на фрагменти од околината во којашто делата се создадени, и преку суптилна просторна инсталација ѝ овозможува на публиката да го доживее сензитивниот амбиент на опсерваторијата.

Кратка биографија:

Флор Хелуан е француска уметница којашто живее на релација Берлин, Германија и Нормандија, Франција. Таа студирала во класата на Џилиан Гелцер (Gilian Gelzer) и Џоел Хубау (Joel Hubaut) во Каен, Франција и Норберт Биски (Norbert Bisky), во Салзбург, Австрија. Таа исто така била дел од академската програма при Универзитетот 8 во Париз, катедрата за Уметност и технологија на сликата. Таа е музичар и перформер во бендот Plateau Repas. Нејзината практична работа се фокусира на сликарство коешто инкорпорира перформанс, инсталација и звучни експерименти. Главните теми во нејзината работа вклучуваат сликање на „културата на екранот“, новите медиуми во комбинација со традиционално сликарство, осветлување и кемп култура.


Изложбата е финансиски поддржана од Францускиот Културен центар и АЛДА (Асоцијација за поддршка на локалната демократија).