1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Фактот дека Газа сè уште е под опсада како да не допира до свеста на Израелците. Се разбира, првата годишнина од израелската воена интервенција во Газа, „Операцијата лиено олово“, е одбележана во израелскиот печат.
Доминантен тон, па дури и во Haaretz, наводното гласило на либералната левица, беше безмалку самодопадлив. Опсипувањето на израелските градови и села со ракетите „касам“ речиси престана: последниве неколку месеци, цените на недвижнини во Здерот, оддалечен само еден и пол километар од појасот Газа, нагло се зголемија, а побарувачката на имот близу границата со Газа далеку ја надминува понудата. За Израелците оваа операција очигледно беше успешна, наспроти тоа што загинаа 1400 Палестинци, беа урнати 3540 куќи во Газа и разрушената инфраструктура, како и протестите на меѓународната заедница поради наводните израелски воени злосторства.
Приказната за Газа сега се вклопува во преовладувачката израелска парадигма: тие нè нападнаа, ние долго и стрпливо трпевме, потоа им покажавме, и сега сè е мирно веќе 10 месеци (додека не бидеме принудени да го повториме сето тоа). Иако ова е многу далеку од вистината, повеќето Израелци веруваат во тоа. За екстремната десница, парадигмата е уште поедноставна: се евакуиравме од Газа, ги преместивме населбите, а за возврат добиваме ракети „касам“. Значи, сите израелски населби мораат да бидат задржани, ако не и проширени, по секоја цена. Доселениците кои ги запознав на Западниот брег мислат дека овој силогизам сега е дел од т.н. „консензус“, и ми се чини дека можеби и имаат право – во секој случај, тој влијае на државната политика кон Палестинците. Оперативниот принцип може и поедноставно да се формулира: оградете ги.
За тоа време, сликата што доаѓа од Газа е посложена. Количината производи кои се пропуштаат низ израелските контролни пунктови изнесува околу 25% од предвоениот промет. Брашното, оризот и маслото за јадење се дозволени, но прописите често се менуваат, и лудо се арбитрирани: неодамна чајот, шеќерот и конзервираната храна (може ли да се направи експлозив од ќесичките за чај?) беа забранети, па потоа повторно дозволени. Пенкалата и тетратките не се дозволени. Преку линијата е пуштен само дел од градежниот материјал кој е многу потребен за обнова на урнатите објекти – само 41 камион изминативе 11 месеци, додека периодот 2007-2008 минуваа 3700 камиони месечно. 90% од достапната вода за пиење не ги задоволува стандардите на Светската здравствена организација.
Според податоците на хуманитарните организации, околу 70% од населението преживува со помалку од еден долар дневно. Палестинските рибари се тискаат во сè потесен простор: некогаш им беше дозволено да пловат 8 наутички милји од брегот – првин беше намалено на 6, а сега на само три. Изралеската морнарица редовно ги апси, а понекогаш им ги запленува бродовите (ловиштата на риба близу брегот се загадени и исцрпени – сардини има на шест наутички милји од брегот).
Истовремено, криумчарењето низ тунелите на египетската територија е вносна дејност, и не може сета одговорност да се префрли на опсадата. Владата на Хамас има повеќекратна корист од цврстата контрола над сета стока што пристигнува во Газа (дозволата за едно минување низ тунелот чини околу 10 000 израелски шекели), а можеби моменталната ситуација и повеќе и’ одговара од укинување на блокадата. Оние кои неодамна престојуваа во Газа велат дека лековите и храната – вклучувајќи ја и луксузната стока – можат да се најдат во изобилство ако човек има пари. На 1-ви јануари израелските авиони бомбардираа одредени тунели, но ефикасноста на таквите напади е сомнителна; наспроти минатогодишното масовно уништување, тунелите – кои сега ги има неколку стотици – повторно се изградени набрзо по завршувањето на израелската кампања. Египет наводно планира поставување челични пречки на границата со Газа, што може да го забави тунелскиот сообраќај.
Апатијата која Израелците ја чувствуваат кон Газа и нејзините жители не е апсолутна. Наоѓајќи се под огромен меѓународен притисок, војската тврди дека истражува 150 случаи на можни криминални дејствија од страна на војниците во минатогодишната кампања (засега, што е многу типично, обвиненија се подигнати во само еден случај). Одржани се низа страсни, иако не премногу ефикасни протести. На 26 декември, илјада граѓани кренаа глас против опсадата во ноќната протестна прошетка во Јафа, близу Тел Авив. Во Биршеви полицијата под целосна борбена опрема се обиде да ги спречи уличните протести, што го правеше за време на војната минатата година – овојпат не им успеа. Постои дури и Коалиција против опсадата која ќе организира протест во центарот на Тел Авив.
На 31 декември одржан е мировен марш, и во Газа и на израелската страна од граничниот премин Ерез, во северниот дел на појасот. Според еден извештај, египетската влада им дозволи на осумдесетина мировни активисти од разни земји – што е само дел од оние кои се собраа во Каиро – да влезат во Газа преку преминот Рафан од северната страна. Поминаа во протестна колона низ Газа и застанаа на околу 500 метри од Ерез, што претставува најблиску што можат да се приближат без да припукаат израелксите војници. Истовремено, на израелска страна се собраа околу 1000 Израелци, меѓу кои и неколку арапски членови на Кнесетот кои, како што можеше и да се претпостави, жестоко беа нападнати од страна на десничарските политичари поради дружење со непријателот.
На 27 декември учествував на протестната прошетка на северната страна на границата на Газа, која ја организираа активистите на Ta’ayush и другите мировни организации. Планот беше да делуваме во тандем со наводно многу поголема група Палестинци кои ќе протестираат во Газа, но поради бројните потешкотии во комуникацијата, тоа не излезе онака како што се надевавме. Иако тоа е прилично необично за нас, се обидовме сè да задржиме во тајност – немаше е-пошта, мобилни телефони, планот се ширеше само усно на безбедни локации, беа повикани само неколку новинари од доверба – во надеж дека ќе добиеме малку време да ги развиеме нашите транспаренти и да ја извикнеме нашата порака за надеж.
На почетокот беше добро: шетавме околу седум минути во видокругот на жителите на Газа, но тогаш војската нè забележа. Нè опколија неверојатни сили: еден вод регуларни војници, полиција во сини униформи (некои од нив на коњи), граничната полиција, злогласните единици за сузбивање демонстрации, едно амфибиско возило од морето, па дури и еден воен хеликоптер кој нè надлетуваше. Имавме и еден карикатурално-јуначки момент, кога двајца активисти се обидоа да ја пробијат барикадата скокајќи во морето и трескавично пливајќи во правец на Газа: коњицата ги извлече на брегот. Дојдоа новинарите на Би Би Си (малку предоцна) и снимија неколку фотографии: израелските медиуми нè игнорираа. 16 активисти беа уапсени и одведени во полициската станица во Здерота, каде беа испитувани и неколку часа подоцна ослободени. Можам да ви речам дека блокадата функционира – и тоа не само кога се работи за чај.
Лесно е да се биде циничен во врска со Газа, циничен кон секој аспект на проблемот: политиката на Израел, несреќното владеење на Хамас, огромното богатство на тунелските криумчари, задушувањето на побуната во Израел, бесмисленоста на суровоста на сегашната опсада. Ниедна од овие работи нема логика ако не се земе предвид поширокиот контекст на окупацијата и упорното одбивање на израелската влада да склопи мир. Ако се гледа одвоено, проблемот со Газа е премногу нејасен за да може да го раздвижи она што сега е останато од израелското мировно движење. Вистинскиот контраст е во тоа што сите поголеми демонстрации се случуваат во источен Ерусалим, во населбата Шеик Јарах, каде неодамна неколку палестински семејства беа избркани од своите домови, а наместо нив беа донесени израелски доселеници.
Правната ситуација во Шеик Јараху е нејасна: израелските судови неодамна пресудија во корист на Евреите кои тврдат дека уште пред 1948 г. имаат сопственост над земјата и куќите во таа населба и дека по таа основа треба да се иселат палестинските станари кои ја добиле таа земја од јорданската влада, во 50-те, во замена за своите UNRWA карти (откажувајќи се на тој начин од бегалскиот статус). Но тоа, всушност, не е правно прашање. Владата, општината и доселениците сакаат да преземат уште една палестинска населба – уште 26 куќи се предвидени за иселување, покрај оние трите кои веќе се евакуирани – и, се разбира, да спречат секаква идна спогодба во Ерусалим.
Исходот од тоа се стотина Израелци, од кои многумина првпат и’ се приклучуваат на борбата, кои во петок попладне шетаат и демонстрираат во Шеик Јарах, ризикувајќи да бидат уапсени и малтретирани. Несмасните обиди на полицијата во Ерусалим насилно да ги задуши протестите само го зголемија нашиот број. Демонстрациите се весели, со тапанари, акробати и кловнови (полицијата ги уапси кловновите). Изгледа дека гласините за смртта за израелското мировно движење сепак се прерани.
Извор: The New York Review of Books