Костурницата во Велес: спој на модерното со историјата

16.10.2014 11:08
Костурницата во Велес: спој на модерното со историјата

Еден од објектите кои постојано покажуваат дека претходната држава кон уметноста покажала однос кој значел дека нема враќање назад и кој ја сфаќал револуцијата како постојано освојување на нови простори и преку оставањето творците самите да го бираат својот израз и начин на размислување е и велешката Костурница. Таа воедно и беше една од првите жртви на новото време на бездушноста на транзицијата - започна да пропаѓа, најнапред преку покривот, потоа се редеа кражбите... Од летово започнаа некои реконструктивни зафати за кои времето ќе покаже дали се доволни.

ИДЕЈА

Инаку, идејата за изградба на спомен костурницата се родила веднаш по ослободувањето на градот Велес, таа била актуелна кај општествено-политичките организации, Сојузот на здружението на борците и Собранието на општина Велес, сè со цел со реализација на овој објект да им се даде достојно значење и признание на борците кои загинаа во НОВ. Собирани се доброволни прилози од сите велешани, па и од оние кои живееле надвор од градот, расеани и раселени низ земјата и надвор од неа.

Изборот на Петар Мазев за автор на мозаикот секако го покажува тој однос на власта кон творењето, бидејќи се работи за модерен уметник пар екселанс. Изразит експресионист (стил од кој актуелната власт секако добива бурбатење), тој минал низ неколку фази во творештвото, од кои особено значајна е „белата“ фаза, за под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилем де Кунинг и групата Кобра да создаде апстрактно-фигуративен израз на гестуална акција и силен колорит.

Мазев, посебно преку своите т.н. бели слики, покажува истенчен спој на традицијата и најсовремените тенденции - тие се носталгијата за неговото детство, го потсетувале на Велигден кога сè било варосано во бело. „Неговиот личен експеримент од тој период, во изминативе 50 години се претвори во ликовна парадигма, стана пример како треба да се слика, да се сака сликарството и како треба во него да се вложи душата и срцето. Белите слики на Петар Мазев се македонските икони на 20 век, не во смисла на слепо верување туку како модели на возобновување на живеењето и доблестите на уметноста“, стои во еден од приказите на неговото творештво.

СУСПСТРАТ

За Петар Мазев, Македонија е супстрат на силни емоционални доживувања. Во неговиот ликовен систем пластичната традиција на нацијата се пробива во една преносна смисла. Мазев повеќе го возбудува необично суровата, контрастна драматика на географската структура на земјата, здивот на минатото и патината што е втисната во нејзината материја, во старите згради и предмети. Нему му е блиско чувството за ефектите на материјата карактеристични за некои дела на Антони Тапиес и Алберто Бури. Меѓутоа, сегашниот апстрактен натурализам на Мазев содржи стремеж за воздржување од нагонска експресивност, ускладување на материјалните во строги системи, во рамките на скоро монохрамни слики.

Самата форма на споменикот претставува афионов цвет, кој во еден даден момент се распукнува, што значи раѓање на нешто ново. Тоа е идејата на двајцата автори од Нови Сад: Љубомир Денковиќ (академски скулптор) и Саво Суготин (инжинер архитект). Внатрешното ликовно обликување претставено преку мозаик е дело на академскиот сликар од Скопје - Петар Мазев и е најголем мозаичен комплекс во Македонија со над 220 метри квадратни. Со изградба на овој споменик се започнало во 1976 година, а се завршило во 1979 година. Бил пуштен во употреба на 11 октомври 1979 година од страна на тогашниот претседател на Здружението на борците на Југославија, генерал Коста Наѓ.

Истата година на 9 ноември, кога се славело ослободувањето на градот Велес од фашизмот, во црквата Свети Пантелејмон каде се наоѓале партизанските гробишта на еден величенствен начин биле пренесени посмртните останки на борците од Велес и Велешко кои во моментов се наоѓаат во спомен костурнуцата под централниот симбол кој претставува едно расцутено дрво кое ја симболизира слободата. Што значи дека борците кои лежат во таа крипта добиле слобода, будење, цутење, раѓање на нешто ново. Тоа всушност претставува дрво на животот, што значи дека со самото будење и цутење на дрвото се раѓа нов живот. Велес во НОВ дал 378 паднати борци и 209 жртви на фашизмот. Надвор се запишани имињата и презимињата на паднатите борци, жртвите на фашистичкиот терор и народните херои (двајца кои се загинати во НОВ: Димче Мирчев и Благој Страчков).

ПЕТ СЛИКИ

Мозаикот претставува една композиција од пет слики преку кои авторот ни ја прикажува историјата на македонскиот народ, почнувајки од турскиот период па се до 90-тите години со распаѓањето на Југословенската заедница.

Во првата слика е претставен турскиот период, а на сликата може да се види фес како симбол на турското владеење и деца со кои авторот сака да ни прикаже дека ни тие не биле поштедени од турскиот терор, сакајќи да ни го прикаже злогласниот данок во крв. Понатаму веќе се гледа борбата, се гледа еден Турчин со скината глава, појавата на буните и востанијата кон крајот на 18, 19 па до почетокот на 20 век. Како централен чин од оваа епизода е Илинденското востание, а на мозаикот можат да се забележат пламени јазици со кои се прикажува „републиката во пламен“.

Втората слика претставува експлозија на Велес и Велешко меѓу двете војни од 1918 до 1941, прикажана е борбата на напредните младинци и комунитсти против постојниот режим. Црвената комуна сака да ни го прикаже црвен и крвав Велес, бидејки во 1920 година комунистичката партија ја презема власта во Велес.

Третата слика ја претставува фашистичката окупација. Во долниот десен агол може да се забележи едно дете кое го оставила мајката и тргнала во борба против фашизмот. Шлемот е претставен централно, се гледаат експлозии, оружје и партизани, јасно е дека се разгорува борбата против фашизмот, се појавуваат првите партизански одреди. Во Велес во 1942 година во месец април е формиран првиот партизански одред „Димитар Влахов“ кој брои 90 борци и дејствува на територијата во Велес и пошироко сè до јануари 1943 година, а потоа се трансформира одредот притиснат од бугарските војски. Во април 1944 година се формира уште еден одред - „Трајче Петкановски“ и од овие два одреда и новодојдени борци на 2 септември во село Отиштино е формирана Осмата велешка бригада која ќе учествува во ослободувањето на Велес. Велес е ослободен на 9 Номври 1944 година.

На четвртата слика може да се забележи жена со крената рака која ја симболизира победата на револуцијата. Лево се наоѓа едно дете со кренати раце кое се радува и го очекува својот татко да се врати од војна. Војната е веќе завршена и се слави. Десно може да се забележи рака со подаден цвет

Во петтата слика се претставува повоената изградба, има прикажано копачи, фабрики кои работат. Претставена е изградбата на нашата држава, луѓето кои доброволно после работа оделе и граделе со што многу придонеле за изградба на земјата. Голема желба на луѓето да работат се родила бидејќи власта била во рацете на работничката класа. Од другата страна на сликата со клунови од гулаби е прикажана мирољубувата страна што ја водела тогашната Југославија кон надворешниот свет.

УШТЕ ЕДНО МОНУМЕНТАЛНО ДЕЛО

Во Велес постојат две монументални дела на македонската ликовна уметност, иако велешани и јавноста, малку или воопшто не знаат за нив. Тоа е мозаикот на Петар Мазев во Спомен Костурницата и фреска на Борко Лазески во велешката касарна.

Мозаикот во Костурницата е направен од природен и вештачки камен од венецијанска паста, во повеќе бои, преку кои едни од други се одвојуваат симболите и формите. Клифов ги споделува чувствата на посетителите, кога ќе го видат делото на Мазев. Никој не го крие воодушевувањето од монументалноста. Некои од гостите велат дека тоа за нив е „македонската Герника“.

На другиот крај од градот, во кругот на касарната „Алексо Демниевски Бауман“, во Спомен собата се наоѓа уште едно капитално дело на ликовната уметност, фреската „Сутјеска“ која според потписот на авторот Борко Лазески е насликана во 1971 година. На неа е претставен јуриш на борци партизани врз непријателот. „При работата е применета посткубистичка градба на формите, со извесни експресионистички и футуристички моменти. Фигурите и формите се предадени со видлива упростеност, со задржан и претежно ладен колорит. Иако тоа е тематски ангажирано дело, се чувствува едно помодерно претставување во ликовната форма на тема од НОВ. Ова е значајно дело од монументалното сликарство на Лазески“, вели Елица Николова, историчар на уметноста и директор на велешкиот музеј. Големината на фреската е пет на два и пол метри и е одлично сочувана. Ова дело во Велес спаѓа во врвот на неговите уметнички достигнувања. „Многу е важно за градот, за Велешани, за културата што ги имаме овие две дела, фреската на Лазески и мозаикот на Мазев, тие се непроценливо богатство, монументални дела. Тие се гордоста на градот, аманет за идните поколенија. Но за жал, поради карактерот на објектот, кој е воен, каде е сместена фреската, ограничен е и пристапот до неа за поголем број лица, ликовни и сликарски познавачи, но и за обичните граѓани“, вели Николова.

РУИНИРАЊЕ

Костурницата, за жал, со тек на време се руинира, а од покривната површина започна да тече дожд и делото на Мазев беше во опасност. Државата даде скромни средства со кои започна првата фаза од санацијата на Спомен Костурницата во Велес. Поправката се однесува на кровната конструкција. Во првата фаза се работеше десетина дена, колку што беше потребно да се извршат потребните заштитни мерки.

„Во оваа фаза од работата ги стопираме продорите на вода во покривот. За да нема дилеми, работиме во овој период од годинава кој е идеален за оваа активност, потребно е постудено време со пониски температури. Инјектирањето се врши со посебен специфичен материјал за да продолжиме напролет со втората фаза, со пресвелка на хидроизолациски материјал преку целата купола. За оваа работа потребно е потопло време и затоа ќе го работиме од април“, изјави Сашо Варсамовски од фирмата Синтекс.

„Состојбата со покривот на објектот беше алармантна. Дојдовме во ситуација да се загрози мозаикот, вредно капитално дело на Петар Мазев, поради прокиснувањето на водата. Со завршувањето на двете фази треба комплетно да се заврши санацијата на покривот, со што еден голем проблем ќе биде решен“, изјави Марин Клифов, раководител на објектот Спомен Костурница.

Извор: Глобус

Слични содржини

Јавни Простори / Култура
Јавни Простори / Живот / Култура
Јавни Простори / Свет / Култура

ОкоБоли главаВицФото