Црвената октомвриска зора

16.10.2014 13:41
Црвената октомвриска зора

Деновиве, кога светот повторно заличува на еден обесхрабрувачки растроен и насилен век, бегло ги одгледавме и харковските фашисти како еуфорично го уриваат дваесетметарскиот споменик на Ленин. Веќе одамна никој не пушта солза за Ленин, а многумина со мозоци испрани со антикомунистичка пропаганда, без познавање на историската улога на Лениновата комунистичка револуција, гледам, им се радуваат на неговите урнатини. Ред е затоа, по повеќе од 25 години интензивен, напати хистеричен историски ревизионизам во кој се потрошени трилиони зборови за да се озлогласат комунизмот и ленинизмот како најголемите светски зла, да ја искористам оваа пригода за потсетување на значењето на оној вистинскиот, црвениот октомври 1917 година.

Иако денес во Македонија се одбегнува и спомнувањето на руската Октомвриска револуција предводена од Ленин, сепак, ниту еден образован човек не би требало да се двоуми околу фактот дека се работи за револуција над револуциите, која произведе најголеми глобални последици и влијание во модерната историја на светот. Глобалната експанзија на оваа комунистичка социјална револуција, според пишувањето на Хобсбаум, нема историски паралели уште од исламските освојувања пред 12 века. Неполни четириесет години по Лениновото доаѓање на финската станица во Петроград, третина од човештвото живееше во општествени системи што директно произлегуваа од „Десетте дена што го потресоа светот“. Само петнаесетина години подоцна и втората третина од човештвото во своите земји ја унапредуваше социјалната правда низ социјалистички модели од друг тип, но од истото идејно извориште. Рускиот црвен октомври ги потпали практично сите комунистички, ослободителни и социјални револуции на 20 век. Тоа е така зашто Октомвриската револуција беше замислена како екуменско случување, а не како борба за власт во расцарената Русија или како ослободител и доносител на социјализмот само во таа земја. Таа беше замислена и водена од Ленин, Троцки и другарите единствено во функција на иницијатор и спроведувач на светската пролетерска револуција, како универзален ослободител на работниците, селаните и угнетените од целиот свет.

Вистината за сопствените родители би требало да му е важна на секое самосвесно суштество, па во оваа пригода морам да потсетам дека раѓањето на модерната македонска држава е една од многуте рожби на Лениновата револуција, една од екуменските креации на најголемата од сите револуции. Зашто, борбата за создавањето на ОВАА Македонија беше инспирирана, организирана, започната, водена, во крв платена и конечно добиена од темпларите на марксистичко-ленинската вера, од Комунистичката партија на Југославија и од македонските комунисти. Македонскиот 11 Октомври, кога пукнаа првите истрели во слава на зачнувањето на современата македонска држава, беше исто толку црвен како и рускиот 24 години порано, бидејќи беше негова директна историска последица. Колку и фашизоидната пропаганда на ДПМНЕ да го маргинализира значењето на комунизмот за раѓањето на современата македонска држава и за еманципацијата на посебната македонска националност, оваа рожба, за среќа, е многу добро документирана.

Историска вистина е дека во оловните времиња на експанзивниот фашизам, во мрачните триесетти години од минатиот век, Советскиот сојуз и комунистичката интернационала (и ниту една земја на либералниот капитализам, зошто тие со својата попустливост го обезбедија Хитлеровиот подем!) беа единствените одлучни и ефикасни поборници за обединување на нациите во антифашистички фронт. Факт е и дека сите воено ефикасни и масовни вооружени ослободителни движења во поробена Европа од 1941 до 1945 година, беа водени од комунистичките партии на своите земји, ќерките на рускиот црвен октомври.

Да, почитувани читатели, би требало сите да паметиме, во крвавата 1941 година, кога фашистичките сили и нивните сателити ја окупираа и распарчија првата Југославија, а поголемиот дел од денешна Македонија влезе во составот на фашистичката Обединета Б`лгарија, само југословенските комунисти беа решителни и бескомпромисни антифашисти и само во програмата на КПЈ беше беспоговорно вградена националната еманципација и државотворноста на македонскиот народ. Веќе во месец мај 1941 Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија издаде проглас до сите комунисти за да се дигнат на борба против фашизмот: „Гответе се сите за последниот решителен бој (...) Застанете на чело на работниците и национално угнетените маси и водете ги во борба против фашистичките поробувачи!“ Во септември 1941 беа извршени организациски подготовки за вооружено востание во Македонија од страна на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија и беше формиран Покраински штаб. Само затоа и само така почна, со првата воена акција во Прилеп, на 11 октомври, вооруженото востание со кое се зачна и од кое, неколку крвави години подоцна, се роди првата народна македонска република во историјата, со македонска национална конститутивност и со слободарски и демократски устав. Раѓањето на македонската држава во воено-стратешка смисла беше овозможено - како впрочем и светската победа над фашизмот - во најголема и пресудна мерка од Црвената армија на Советскиот Сојуз, од таа клучна победоносна рожба на Црвениот октомври.

Денес, поради (овојпат) внатрешната фашистичка окупација на институциите на државата, врз Македонците е спуштена црната завеса на заборавот врз сеќавањата за прескапата цена што со своите животи ја платија најзаслужните херои за постоењето на Република Македонија – нашите витези на Црвениот октомври, македонските комунисти, воините кои најмногу заслужија да им креваме споменици. Живееме со мрачно перде врз совеста, кое овозможува да не пропаднеме во земја од срам додека новите окупатори - наместо на вистинските македонски херои, апостолите и светците на македонскиот комунизам и народноослободителната борба - им градат споменици на цареви, василевси и фараони, архиубијци, провинциски крволоци и други крвопијци од некое за нас ирелевантно минато. Ако некому воопшто треба да кренеме споменик на скопскиот плоштад, тоа би требало да биде како планина високата колона на македонските херои на црвената октомвриска зора – комунистите кои ја поведоа вооружената борба против фашизмот, кои ја зачнаа и ја породија современата македонска држава. Нека ни е честит 11 Октомври!

Извор: Слободен печат

Слики
Насловна: Исак Бродски - Ленин
Исак Бродски - Ленин во Смолни (1930)
Аркадиј Пластов - Ленин во Разлив (1949)
Игор Грабар - Ленин крај човек со конец (1927)

 

ОкоБоли главаВицФото