Наместо слушање на паметните, строење зад стадионските херои

16.10.2014 17:01
Наместо слушање на паметните, строење позади стадионските херои

Редовно при вакви битни дешаванки каде главни фраери се стадионски ликови, некои луѓе ми се пуштаат мене, а и на други Албанци кои без задршка се произнесуваат против омразата кон Србите или Македонците. Фрчат пораки, закани и пцости во инбокс, мајки, шајки, крвишта - сешто. „Кај си ти да го осудиш настанов?“ Се разбира, за „нашите“, ние сме „предавниците, платениците“, бидејќи не го мразиме српскиот народ и сме солидарни со него кога е во неволја, но сме добро запознаени со злосторствата направени од српските режими и политички елити во негово име. Тоа на некој со стадионско, маалско или ќорсокак школо и тоа како му пречи.

Вака лепотани:

Сè додека главни фраери и кај „нас“ и кај „вас“, и кај Србите и останатите на Балканов се стадионските фраери (имате палета примери од минатото и сегашноста - од Аркан, преку Јохан, па сè до Артан) не ме прашувајте мене за нивните работи, кои ги воодушевуваат нив и оние што од нив прават херои. Како по обичај, едните го видовте насилството и говорот на омраза на српските навивачи, но не ја регистриравте големата провокација со мапата на „голема“, „етничка“, а богами и „природна“ Албанија. Никој не се праша како би се чувствувал кога белиот орел би летал на стадионот во Тирана. „Другите“ се фокусиравте на мапата и дронот, а заборавивте или не слушнавте дека од самиот почеток на натпреварот од трибините ечеа добро познатите песни за колење Албанци, и не видовте дека фрлањето предмети кон фудбалерите на Албанија започна прилично пред летањето на дронот. Башка тоа што Фудбалскиот сојуз на Србија во соопштение нè нарекува „FYR Macedonia“, ама тоа сега не е битно...

Едните гледаат на едно, другите на друго око. А рационалните и умни луѓе кај сите балкански народи се кабает. Оти, демек, не го осудуваат тоа што другиот го прави, а тие му се воодушевуваат. Јас со години за друго расправам, да ги погледнеме работите со двете очи. Но вие, наместо да ги послушате нормалните и умни луѓе во своите редови, се гордеете и се строите зад стадионските херои кои, исто како и вие, се само дронови диригирани од политиката. За нивните опции гласате на избори. Затоа, од нив да барате џевап за глупостиве. Верувам дека лесно ќе ви оди комуникацијата, слични сте во стиловите, ко тркало на сред село да ве поделило на две.

За останатиот, нормален свет: верувам дека сите ја разбравме и состојбата и пораката од овој настан. Ептен многу се сакаме, одлични се меѓуетничките односи, си одиме, тие кај нас на Велигден на јајца, ние за Бајрам на баклава, сè е супер, нели? А да се запознаевме малку, да бевме малку поискрени еден кон друг, па може и ќе се здружиме. Нели гледате дека на дроновите и оние со далечинските управувачи добро им оди дружбата?

Извор: Фејсбук профилот на авторот