Надлежните смируваат: тајкуните се отпорни на загадување

17.10.2014 11:37
Надлежните смируваат: тајкуните се отпорни на загадување

Скопје, 17 октомври 2014

По бројните реакции на македонските граѓани поради високото ниво на опасни честички во воздухот и маглата во која секое утро се будат, од Министерството за животна средина излегоа со соопштение дека нема потреба од паника, бидејќи загадениот воздух не влијае штетно врз тајкуните.

„Нема место за загриженост. Штом проблематичните индустриски капацитети продолжуваат со работа, сè е во ред. Кога навистина би постоела опасност по нивното здравје, бизнисмените би прекинале со работа“, велат од Министерството за животна средина.

Во соопштението, надлежните објаснуваат дека нема причина за загриженост, бидејќи станува збор за мал број поединечни случаи на затруени обични граѓани, а нивниот број изнесува едвај неколку стотици илјади, додека ниту еден бизнимен за сега не се пожалил на здравствени проблеми поврзани со загадениот воздух.

На прашањето на новинарите на Пара вести за тоа дали можеби богаташите кои го предизвикуваат аерозагадувањето дишат некаков друг воздух, од Министерството одговорија потврдно, иако не можеа да излезат со детали за воздухот.

„Најверојатно споменатите бизнисмени се снабдуваат со воздух кој не е штетен и загаден, но не располагаме со детали од каде точно го набавуваат воздухот и по која цена. Тоа е нивна приватна работа“, рече министерот за животна средина Нурхан Изаири.

Влијателни лица од македонските бизнис кругови апелираа до граѓаните да покажат трпение, бидејќи евентуалните неразумни протести можат да ги загрозат интересите на тајкуните и да доведат до опаѓање на нивниот профит.

Истовремено, властите порачаа дека автомобилите и другите моторни возила треба да се користат поинтензивно, бидејќи зголеменото трошење бензин, преку акцизите придонесува за полнењето на македонскиот државен буџет.

Слика: Свирачиња