ДПМНЕ – Франкенштајн на нашето минато и иднина!

19.10.2014 00:47
ДПМНЕ – Франкенштајн на нашето минато и иднина!

Ѓорчев нè прати во мајка Русија!

Идеолошката творба на груевистичкиот режим ја достигнува кулминацијата на сопствената шизофренична и контрадикторна природа. Изминатата недела бевме сведоци и на кулминацијата на спинерската и дефокусирачка мисија на нашата изгубена власт. И малите деца видоа како заради потребите да се покријат критиките од извештајот на ЕУ и неуспехот по 9 години да се направи најмал напредок кон евроинтеграциите, се апсеа судии и се искористи глобалната психо-драма наречена eбола! Сега кога знаеме дека eбола нема, дека ЕУ напредок нема, дека нема опозиција која може да ги адресира вистинските прашања и проблеми, режимот тргнува во напад со својот последен блеф и најнова нарација.

Беа потребни шест препораки, отворени критики од ЕУ, и глобална и регионална економска и геополитичка конјуктура за режимот отворено првпат да се закани со путиновска Русија и така да се обиде да ја оправда својата речиси децениска катастрофа. Пред тажната фигура и апаратчикот на Брисел, Аиво Орав, пратениците Александар Николовски и Влатко Ѓорчев испратија недвосмислена порака до ЕУ: „Ако не нè сакате, имаме отворена понуда од Русија!“

Не навлегувам и не знам во што се состои понудата, искрено, скептичен сум дека такво нешто воопшто постои. Но, оваа нова јасна позиција, оваа закана, настрана што е евидентен блеф, обид за оправдување, но и катастофална политичка одлука и гест, е само уште една од бескрајните конструкции на режимот во обид за креирање алиби и за повторно јавање на некои си популарни заблуди и митови. Груевски од ваквите изјави можеби и ќе се дистанцира, иако Ѓорчев не е случаен играч, туку е одличен послушник. Ќе се глуми примораност на барање некои нови опции, по илјадити пат ќе се искористи заканата и глумењето жртва за купување време и консензус. И ова што понатаму го пишувам не треба да се сфати како анализа на една реална и иманентна политичка одлука, туку како анализа на тоа што ваквите гестови и шизофренија значат, дури и кога политички не би се реализирале во нивното најлошо сценарио.

Откако станавме идеолошки меланж од антички Македонци и антиквизација, комитизација и ревизија на словенските корени и антифашистичката историја, откако станавме отворен авторитативен режим со наводно евроатлантски аспирации, воден од мултиетничка тендер коалиција која ги уништи меѓуетничките односи и соживот, откако се деклариравме како турски пашалак, економски безданочен рај и султан-партиска држава, сега режимот во равенката ја внесува и големата Мајка Русија. Верувам дека не постои во историјата на државите режимско-идеолошка творба која во себе носи поголема политичко-економска, општествено-идентитетска, етничко-митска тензија и контрадикција, од ова што нам ни се случува. ВМРО успеа од сите аспекти на нашето општество и политика, историја и меморија, надворешна политика и што сè не друго, да направи вистински Франкенштајн.

Проблемот е што за овој Франкенштајн да постои, за оваа шизофренија да опстојува, мора постојано да се уништува здравото ткиво на нашата кревка нација и врз тоа да се залепуваат најкриминални и невистинити митови и контрадикции, очајни политички закани или гестови. Една здрава целина, едно обединето општество, се претвори во монструм од илјада делови, создавајќи уште поголема и помонструозна аморфна целина. До сега го видовме политичкото уништувањето на нашите словенски корени и култура, ревизијата на нашата антифашистичка и државотворна историја и идентитет, уништувањето на сите институции, образованието, заедницата, соживотот, надворешната политика, евроатлантската димензија и аспирации и како сè тоа беше заменето со митолошкиот Франкенштајн на режимот.

Сега, ред е конечно да се уништи и последната голема нарација и идеја која некако опстана во ова општество, барем како симбол на некаква си здравост и нормалност, нешто од што дури и опозицијата се откажа, а тоа е државната стратегија на евроатлантски интеграции. Јас искрено одамна имам кренато раце од европската надеж, гледајќи на нивниот реалполитик кон Македонија како соучеснички со режимот или пак крајно незаинтересиран за режимската катастрофа која со години ја толерираат. Но, и понатаму сум проевропски ориентиран, со надеж дека ЕУ некогаш ќе стане политички фактор кој реално се бори за демократија и правични општества, а не економска унија која доживува демократски доунгрејдинг во името на високите финансии и големиот бизнис.

Но, тоа е неважно. Она што е важно е дека откако ВМРО ја уби европската идеја и напредок во Македонија, сега е на пат да ја убие комплетно и на политички план, комплетно да ја исфрли од својот франкенштајновски организам. И да ја замени со Русија! Не е битно што Русија на Путин е нов идеолошки блеф, каков што до вчера беше Турција на Ердоган, која се изгуби во својот регионален неоотоманизам. Проблемот е што приказната ќе се шитне, народот ќе се излаже, а ние ниту од Русија нешто ќе видиме, ниту пак нешто ќе добиеме. Само ќе ја санкционираме и споделуваме истата авторитарна природа, конечно официјално ќе го прегрнеме путинистичкиот модел кој со години го денунцираме кај нашата власт. Само ќе се најде ново оправдување, нова наводно голема стратегија, нова голема и лажна нарација.

Гледате, оваа држава ги изгуби и уништи своите државотворни интереси и реалната политика. Полека, сè се замени со митолошкото и нереалното, да, како комплетна фикција која можеби никогаш нема трајно да залепи, но со неверојатни и долгорочни штети врз нашата држава и општество. И дека овој удар кон ЕУ и заканување со нашата слобода на избор не е случаен, туку консеквентен во логиките на режимот, говори и интервјуто на Јолевски од пред некој месец. Тогаш излезе со идиотската и инфалтилна теза дека: НАТО немал опции, но Македонија и тоа како, имала?! Ова сè уште се само големи зборови, но ние знаеме дека по зборовите на ДПМНЕ, следуваат и делата.

Од следната година наместо седма препорака и нови критики од ЕУ, очекувајте ја првата пофалба од Кремљ и нашиот квази напредок во друштвото на авторитарните режими. Сите критики на ЕУ ќе бидат гледани како успеси на една мала држава во еден мултилатерален и комплициран свет, кој некој сака да го поедностави со биполарни анахронизми. Режимот на Груевски изгледа како да се мисли да пресече, ако до вчера декларираната мета-нарација беше ЕУ, наводната желба за решавање на името, влезот во НАТО, од утре новата нарација ќе гласи наводно приближување со Русија и нејзиниот огромен пазар.

Ваквиот чекор, кој сè уште е ембрионален во политичка смисла и без разлика колку е абортиран нашиот евроатлантски пат, со себе носи уште една реперкусија. Прегрнувањето на Русија и дефинитивното откачување на ЕУ, значи и перење на рацете од решение за името. Ете, режимот дејствува како да си пронајде начин за идеолошки и политички да се регенерира, ставајќи ја државата на пат уште повеќе да се дегенерира.

Другите жртви и контрадикции за режимот се фолклористички проблематики. Ќе му се забрани на Хорхе да зборува дека Русите зборувале ист јазик како Александар, малку ќе се стиша антиквизацијата, за не се навредат браќата Руси дека сме постар народ од нив, и којзнае, можеби повторно малку ќе се инвестира, овој пат во словенизација на македонската архитектура и идентитет.

Извор: plostad.com.mk
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото